Г20-самит: Можеше да биде и полошо
8 јули 2017Можеше да биде и полошо. Тоа не се однесува на бруталните безредија, кои тешко дека можеа да бидат полоши. Насилство, уништување, грабежи со димензии какви што во Германија практично не се познати.
Можеше да биде полошо во делот на резултатите од самитот на 19 држави плус ЕУ. Човек почнува да се поти веќе од самиот состав на оваа група, која имаше за цел да продуцира едногласно завршен документ. Во нејзе седат вистински демократи, чисти автократи и многукратни кршачи на човековите права. Некои се чисти, други околу вратот имаат постапки за корупција. Еден во групата се вика Трамп и со своето нескриено „Америка прво“ предизвикува дополнителна тензија.
Успех
Ако сето ова се има предвид, резултатите од самитот се задоволувачки. Вчудовидувачки, но сите постигнаа согласност дека протекционизмот треба да се отфрли. Оној кој смета дека е третиран нефер мора при одбраната да се држи до правилата на Светската трговска организација - тоа е заложба за мултилатерализам каква што посакуваше германската канцеларка. Тоа и е нејзин успех - пофалби дојдоа не само од францускиот претседател, туку и од рускиот.
По прашањето на климата, меѓутоа, мора да се има навистина истенчен вкус за завршни документи, за овој политички завршен документ да може да се протолкува како успех. САД излегуваат од Парискиот договор - тоа стои црно на бело во коминикето. Првпат во историјата на Г20 се запишува една разлика во мислењата. Сепак, останатите застанаа зад Парискиот договор. Значи, можеше да биде и полошо.
Неуспех
Но, тоа во вакви денови не е доволно. Не се доволни добрите идеи за зајакнување на учеството на жените, за нов договор со Африка, за дигитални образовни иницијативи. Г20 не успеа да и' даде на глобализацијата едно ново лице. Насекаде во светот многу луѓе веруваат дека светската економија не ја зема предвид благосостојбата на сите, туку само на мал дел од човештвото. Ангела Меркел на крајот на самитот рече дека акциите на граѓанското општество пред самитот и во текот на мирните демонстрации дале придонес и имаат влијание. Тоа не се гледа. Г20 не се разви, не им се приближи на луѓето. Пред самитот Меркел беше обвинувана дека во година кога се одржуваат избори сака само да продуцира симболични слики за себе на меѓународната сцена.
Симболичните слики од Хамбург се поинакви.