1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што остана по самитот на Г20?

Бернд Ригерт
8 јули 2017

САД кренаа раце од консензусот за климата, а во делот на трговијата се потпираат на најмал заеднички именител. Што е договорено на самитот на Г20?

https://p.dw.com/p/2gCrR
G20 Gipfel in Hamburg | Trump & Merkel
Трамп речиси и' го украде шоуто на Меркел - неговите билатерални средби го засенија самитот на Г20Фотографија: Getty Images/U. Michael

На крајот на самитот на Г20 домаќинката Ангела Меркел имаше посебен термин. Таа на влезот на една од халите им се заблагодари на претставниците на полицијата кои во последните денови беа одговорни за безбедноста на шефовите на држави или влади и нивните делегации во Хамбург. Канцеларката најостро ги осуди насилните безредија на милитантните противници на глобализацијата во претходните две ноќи. „Оној кој така дејствува не сака да упати политичка критика. Оној кој така се однесува се става надвор од рамките на демократскиот систем.“ Меркел на жртвите од насилството им вети брза помош.

Жителите на населбите Шанценфиртел и Алтона во Хамбург не беа толку задоволни од учинокот на безбедносните сили. Во населбите насилниците ограбуваа продавници, палеа и демолираа автомобили. Еден фрустриран жител на градот на својот балкон постави плакат со констатација: „Олаф, ова беше посрана идеја“. Притоа мисли на градоначалникот на Хамбург, Олаф Шолц, кој го донесе самитот на Г20 во градот и пред собирот ветуваше дека безбедноста е гарантирана.

Нема единство за заштитата на климата

Ниту еден од демонстрантите не можеше да влезе на просторот на којшто се одржуваше самитот на 19-те најголеми индустриски држави и земји во забрзан подем и ЕУ. Тоа го спречија околу 20.000 полицајци од Германија и други европски држави. Во халите беше продуциран завршен документ кој во многу делови остана непрецизен. Сите учесници се согласни во тоа дека треба да се продолжи со регулација на финансиските пазари и дека мора да продолжи борбата против финансирањето на тероризмот и даночното затајување. Тоа е всушност главната задача на оваа „светска влада“, основана среде финансиската криза во 2008 година.

Едногласието заврши кај борбата против затоплувањето на климата, која има традиција во Г20. Тука соодносот е 19:1, затоа што САД се откажаа од Климатскиот договор од Париз. Американскиот претседател Доналд Трамп не сакаше да застане зад заклучокот за редукција на емисиите на гасови според Парискиот договор. „Онаму каде што нема консензус, мора да има разлика на мислењата“, рече канцеларката Меркел. Таа изрази жалење што САД се откажаа од консензус. „Благодарна сум што сите останати шефови на држави или влади сметаат дека нема отстапување од Парискиот договор.“ Договорот сега би морало да се спроведе брзо. Претседателот Трамп во завршното коминике успеа да вметне дека САД сакаат на останатите земји да им помогнат за чисто согорување на фосилните горива. Парискиот договор предвидува долгорочно откажување од согорувањето на фосилни горива, како јаглен, гас и нафта. 

G20 Gipfel in Hamburg | Juncker & Trump & Putin
Лабаво муабетење на маргините на самитот: Јункер, Трамп и Путин Фотографија: Reuters/Courtesy of Bundesregierung/S. Kugler

Трамп остави добар впечаток кај Путин

Меѓутоа, ваквата меѓународна изолација не му пречи многу на американскиот претседател Трамп. Тој нагласено и’ се заблагодари на германската канцеларка за нејзиното силно водство, рече дека таа е едноставно „извонредна“. Трамп бината во Хамбург ја искористи пред се’ за билатерални средби. Концептот на меѓународна соработка, кој е во основата на Г20, како што рече самиот, нему му е туѓа. Од американски и руски агол на гледање, врв на средбата во Хамбург беше разговорот на Доналд Трамп и Владимир Путин. Беше договорено делумно примирје во Сирија. Американската администрација тоа го третира како дипломатски успех за Трамп. Мешањето на Русија со хакерски напади во американската предизборна кампаза Трамп го отворил како тема, но Путин ги отфрла сите обвинувања. Владимир Путин на својата завршна прес-конференција оцени дека е поставена основа за натамошна соработка. Негов впечаток е дека „телевизискиот Трамп се разликува од реалниот човек (Трамп, н.з.)“, рече Путин.

Отстапки на САД во делот на трговијата

Кај темата трговија, преговарачите на Г20 мораа со денови да се борат против американскиот отпор за наоѓање најмал заеднички именител. На крајот, заклучокот од самитот е определба за фер трговија и зајакнување на инструментите кои може да се употребат во случај на попречување на трговијата. Судија и натаму останува Светската трговска организација. Се споменува и послободен пристап до пазарите. Тоа, пред се’, е критика на сметка на Кина, која се обидува да ги заштити своите претпријатија од конкуренција во земјата од страна на странски инвеститори. Трамп се изјасни против мултинационални трговски договори, затоа што тие, како што рече, биле „нефер“ кон САД. Тој се залага за билатераллни договори, на пример со Велика Британија, која за две години излегува од ЕУ. Доналд Трамп, за разлика од она што го зборуваше во текот на предизборната борба, сега отфрла протекционизам, значи изолација на својата економија. Тоа е постигнување на самитот на Г20. „Преку заедничко дејствување, сите можеме да постигнеме повеќе“, рече канцеларката Меркел. Овој став го делат сите, додаде таа.

Анархијата го засени самитот на Г20

Ново партнерство со Африка

Меркел успеа да ја спроведе својата голема желба. Г20 ќе работи на нови инвестиции во Африка. Со директни инвестиции би требало да се поттикне африканското стопанство. Новата економска перспектива треба да запре што е можно поголем број луѓе да тргнат во потрага по подобар живот во Европа.

Г20 постигна согласност да го стави тежиштето и на посилна борба против болестите и за поттик на жените. Жените и образованието се клуч за благосостојбата и развојот, се вели во заклучоците донесено од страна на „светската влада“.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија