Грујевски и Бошковски денеска пред грчки суд | Македонија | DW | 24.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грујевски и Бошковски денеска пред грчки суд

Грчките медиуми го најавуваат денешното судско рочиште, потсетувајќи дека станува збор за „лица поврзани со скандалот со телефонско прислушување во времето на поранешниот премиер Никола Груевски“

Горан Грујевски, поранешниот началник на Петтата управа во Управата за безбедност и контрарзузнавање (УБК) и неговиот колега Никола Бошкоски денеска напладне по грчко време ќе одговараат пред судот во Солун за поседувањето фалсификувани бугарски пасоши со кои сакале да отпатуваат од аеродромот во Солун, наводно за Будимпешта. Беа приведени на аеродромот во Солун на 18-ти октомври и сместени во екстрадициски притвор, откако грчката полиција утврдила дека покрај тоа што поседуваат лажни пасоши на име Христо Атанaсов и Неџби Хасан, тоа се двајцата македонски државјани барани и со меѓународна потерница. 

Судскиот процес требаше да започне минатата недела, но беше презакажан за денеска поради тоа што не бил обезбеден преведувач на македонски јазик. Грчките медиуми го најавуваат денешното рочиште, потсетувајќи дека станува збор за „лица поврзани со скандалот со телефонско прислушување во времето на поранешниот премиер Никола Груевски“, лица на кои им се припишуваат акти за „криминално здружување и учество во високо-технолошки злосторства додека биле на позиции во разузнавачката служба“. Дел од медиумите нотираат и дека „Грујевски бил близок соработник на Сашо Mијалков, поранешен семоќен шеф на тајната служба во Македонија, братучед на поранешниот премиер и централна личност во скандалот со прислушување“.

Тие детално пренесуваат за кои кривични дела Грујевски и Бошковски се товарат во Македонија, колку лица биле незаконски прислушкувани преку системите кои подоцна заедно со документацијата биле тајно уништени, колку време се во бегство, но и дека бугарскиот не бил единствен лажен идентитет на бившиот началник во УБК.

Скапи тренерки“

Двајцата не биле единствените приведени со лажни пасоши на 18-ти октомври. Како што објавуваат некои од медиумите, „тој ден на аеродромот во Солун биле приведени шест лица со фалсификувани патни исправи, од кои четири биле мигранти од Азија и Африка, но интересот на полициските службеници бил фокусиран на другите две, кои имале авио-билети за Будимпешта и носеле скапи тренерки“.

Досега официјално не е потврдено која била нивната дестинација на патување, но извесно е дека нивното приведување не било случајно, туку резултат на координирана акција.

„Заедно, не само во соработка со колегите од Грција, туку и со повеќе регионални служби ние успеавме да дојдеме до податоците за нив и на крајот да имаме успешна акција за нивно приведување“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Тој потенцираше дека не е важно само Грујевски и Бошкоски да бидат вратени во Македонија, туку и да се открие кој им помогнал да излезат од Македонија и која им била логистиката додека биле во бегство.

„Домашната логистика е клучната за целото нивно поминување надвор од територијата на Република Македонија. Ако немале домашна логистика, ако немале луѓе коишто ќе им даваат обезбедувања во однос на финансиски средства и друго, дури и со тие нелегални патни исправи тоа не можеле да го направат“, рече Спасовски.

Истрага за логистиката

Од грчкото Министерство за јавен ред и заштита на граѓаните, минатата недела за ДВ изјавија дека регуларната постапка за екстрадиција на двајцата избегани припадници на УБК ќе трае меѓу 4 и 6 недели, а дотогаш ќе бидат во притвор. Но, судски извори од Грција не исклучуваат тоа да се случи и порано, односно тие „да бидат протерани/испорачани на македонските надлежни служби непосредно по пресудата за фалсификуваните пасоши“. Македонското Министерството за правда треба да испрати документација за сите дела за кои се товарат Грујевски и Бошковски, за да можат тамошните судски органи да одлучуваат за македонското барање за нивна екстрадиција. Двајцата во грчкото обвинителство тврделе дека се жртви на монтиран процес и дека не сакаат да се вратат во Македонија затоа што се плашат дека животот би им бил во опасност.

„Тоа се лица кои 10-11 години во Македонија ги кршат човековите права на граѓаните и тоа го правеле преку МВР. Од тука е нелогично било какво искажување дека тие може да се плашат од МВР. За нас е најважно да има правда, правично судење. Јас очекувам дека тие ќе бидат вратени и дека ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, изјави Спасовски.

Грујевски и Бошковски се обвинети од СЈО за предметот „Тврдина и таргет“, за незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од таа опрема. Овој обвинителен акт се уште е во фаза на оценување во Кривичниот суд.

 

DW.COM

Реклама