Големи разлики во правата на хомосексуалците во ЕУ | Свет | DW | 15.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Големи разлики во правата на хомосексуалците во ЕУ

Европското здружение на лезбијки и хомосексуалци во пресрет на изборите за Европски парламент објавува податоци за правата на ЛГБТИ заедницата. Јазот меѓу нивните права во земјите на Истокот и Западот во ЕУ е голем.

Еднаквоста на лезбијките, хомосексуалците, интерсексуалните или транссексуалните лица е дефинирана во Договорите и во Европската конвенција за човекови права. Во нив дискриминацијата поради сексуална ориентација е категорично исклучена. Значи, животните услови за членовите на ЛГБТИ заедницата во сите 28 земји членки на ЕУ би требало да бидат еднакви. Но, тоа не е случај. Секоја година на 13 мај, по повод Меѓународниот ден против хомофобија и трансфобија, европското Здружение на лобисти за правата на лезбијките и геј мажите во Европа ИЛГА (ILGA) објавува еден вид оценка за состојбата во земјите од ЕУ. Оваа година податоците на Здружението би можеле да бидат насоки за донесување одлуки за изборите за Европскиот парламент за две недели.

Зелените со најдобра оценка

Германското здружение за лезбијки и хомосексуалци ја препорача либералната ФДП како партија која најмногу се залага за правата на хомосексуалците и транссексуалците. Следат СПД, Зелените и Левицата. Лоша оценка има за ЦДУ/ЦСУ. Здружението смета дека десничарско-радикалната Алтернатива за Германија е опасна, зашто на пример не презема ништо против мобинг во училиштата и сака од учебниците да ја исфрли темата за сексуален идентитет. Изборите за Еропскиот парламент се посебно важни од аспект на јакнење на десничарските популисти во бројни држави во ЕУ, истакнуваат од Здружението. „Станува збор за иднината на европската демократија. Зашто, европските основни вредности, како почитување на човековите права, еднаквоста и почитување на правната држава сѐ поотворено се доведуваат во прашање“, потенцираат од Здружението.

Во овој состав во Европскиот парламент, за правата на лезбијките, хомосексуалците и транссексуалците се залагаше првенствено пратеничката група на Зелените. Тоа произлегува од проценката направена од група парламентарци, објавена во април. Најлошо се оценети десничарските популисти и евроскептиците.

Европа во боите на виножитото

Врз основа на рангирањето кое за 2019 година ја објави лоби-групата ИЛГА, се добива следната слика:

Постои поделба на групи Запад-Исток. Мнозинство земји, во кои лезбијките и хомосексуалците можат повеќе или помалку рамноправно да живеат, се во западниот дел од Европа. Велика Британија, Белгија, Луксембург, Франција, Финска, Данска, Шведска, Португалија и Шпанија постигнале најмногу поени на долгиот попис на законски одредби, од семејно право, борба против злосторства извршени од омраза, па до телесно самоопределување.

Rumänien Bukarest Pride 2018 (DW/Cristian Ștefănescu)

Геј парада во Букурешт во 2018 година - Романија сепак една од најлошо рангираните земји

Во проценката на ИЛГА најдобро рангирана е Малта, која исполнува 90 проценти од сите барања. Најлошо рангирани држави од ЕУ се Литванија и Полска со 17 и 18 %. За нијанса подобро пласирани од нив се Бугарија и Романија со 20 и 21 % од исполнетите барања. И Италија со 22 проценти е изненадувачки лошо рангирана. Тоа може да се објасни првенствено со тоа што Италија не познава специјални правни гаранции за антидискриминација и за хомосексуални бракови. Освен тоа, постојат огромни дупки во законот за правата за посвојување. Германија зазема дури место во средината, зашто ѝ недостигаат посебен закон против говор на омраза и сексуално мотивирани кривични дела, проценува оваа лобистичка група.

Севкупно ситуацијата на лезбијките, хомосексуалците и транссексуалните лица во последниве години е подобрена, но постојат и назадувања, наведуваат од Здружението. Полска и Бугарија се полошо рангирани во однос на претходно, зашто таму се ограничени правата на овие групи население. Унгарија е критикувана зашто таму во меѓувреме се намалени основните права, како правото на собирање и правото на здружување. Работата на ЛГБТИ групите станува поопасна и непредвидлива, истакнуваат од Здружението.

Повеќе:

Што навистина мислат Германците за хомосексуалците?

Европа: Истополов брак - некаде „да“, некаде „не“

Законодавството во предметните подрачја спаѓа во најголем дел во национална надлежност. ЕУ на пример не може да пропише дали земја-членка треба да нуди целосно право на хомосексуален брак, регистрирано партнерство или ништо од тоа. Постојат уште пет држави во кои ни едното ни другото уште не е можно: Литванија, Летонија, Полска, Словачка, Бугарија. Во Естонија и Чешка е можно регистрирано партнерство со мал број права.

Земјите кои досега не дозолуваа хомосексуални бракови меѓутоа се присилени од страна на Европскиот суд на правдата да ги признаат истополовите бракови склопени во други држави. Лани беше донесена значајна пресуда против романските власти со која е признат брак на еден Романец со еден Американец, склучен во Белгија.

Апел на лобистите

Непосредно пред изборите за Европскиот парламент, директорката на здружението ИЛГА за Европа, Евелин Парадиз, изјави дека сега е крајно време за акција. Таа истакна дека лани веќе е предупредено дека не смее да се стои со скрстени раце и да се мисли оти работата е завршена. „За жал, оваа година гледаме конкретни назадувања на политичко и правно ниво во низа држави“, изјави Парадиз.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама