Германија: Криза? Која криза? | Свет | DW | 23.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија: Криза? Која криза?

Што е сега ова во Германија? Државна криза, како што претпоставуваат некои набљудувачи од странство? Не би рекле. Германската влада е деловно способна. Така мислат политичарите од речиси сите пратенички групи.

Волфганг Шојбле е еден од, ако не и ветеранот на германската политика. Претседателот на Бундестагот од редовите на ЦДУ има многу видено и водел многу политички битки. Неговиот збор има тежина. Во вторникот Шојбле по неуспехот на Јамајка-преговорите ситуацијата во парламентот ја опиша вака: „Драги колешки и колеги, актуелно имаме невообичаена ситуација, тоа го нагласи и сојузниот претседател.  Тест е, но не и државна криза."

Исти права и обврски како и „вистинска" влада

Изгледа така стојат нештата. Канцеларката Ангела Меркел и нејзината партија ЦДУ не успеаја со ЦСУ, Либералите и Зелените да формираат нова коалиција. Но,  Меркел е сепак таму каде што се наоѓа веќе 12 години: во седиштето на канцеларот.  Откако беше изгласан новиот Бундестаг, владата е само вршител на должност. Но, Уставот вели: таа всушност ги има истите права и обврски како и изгласана влада. И временски не постои ограничување за влада која само ги врши должностите. Таа останува на власт додека не се изгласа нова влада.

Deutschland 1. Sitzung im neuen Bundestag (Reuters/H. Hanschke)

Волфганг Шојбле смета - нема криза

Несигурноста како шанса за демократијата

Државата значи не е без водство. По некој парламентарец дури гледа и шанса во тоа што ситуацијата засега е непрегледна: Кристоф Хофман од Либералите за ДВ вели: „Големите народни партии по малку се распаѓаат и ние имаме повеќе партии во парламентот. Се потешко ќе станува да се најдат стабилни коалиции. Тоа е сосема јасно и мора на тоа да се навикнеме. Но, тоа е и шанса за демократијата и нема да го ослабе парламентот." Јоханес Карл од СПД се согласува со него. Нема ни трага од криза, смета политичарот од Хамбург кој припаѓа на конзервативното крило на СПД: „Имаме влада која си работи. Буџетот постои. Сега дебатираме за тоа што да правиме со изборниот резултат. Но, тоа би требало да е составен дел од секоја демократија."

Berln Bundestag Johannes Kahrs Debatte Homoehe (picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber)

Пратеникот Јоханес Карс од СПД: Треба да се радуваме на мноштвото дебати

Нема дефинирани насоки

Но, вистински важни одлуки кои дефинираат насоки за иднината, една ваква влада која не е избрана од парламентот, не би требала да донесува. Одлуки како укинување на обврската за отслужување воен рок, напуштањето атомска енергија или важни закони за темата доселување не може да се очекуваат од оваа влада. Тоа веќе имаше конкретни последици: кога на климатската конференција на ООН во Бон минатата недела 20 држави најавија дека наскоро ќе го напуштат производството на струја од јаглен, тоа ѝ се допадна на министерката за животна средина од СПД, Барбара Хендрикс. Но, таа замоли за разбирање дека не може да се приклучи: не смеела да навлегува во работата на следната влада. Малку ограничени се сепак овластувањата на министрите. До душа не законски, туку преку непишаните правила на добрите политички манири. Но, ако владата дојде во ситуација да мора да донесе навистина важна одлука, секако дека може во секое време да побара согласност од парламентот. Таму, како и во претходниот состав, Унијата и СПД имаат јасно мнозинство и би можеле да ги поддржат своите министри.

Малцинска влада? Помалку добра опција за Германија

Во политичките кулоари во Берлин деновиве се дебатира за можна малцинска влада. Партијата на Меркел, ЦДУ, со ЦСУ и Зелените, или пак Либералите, но од случај до случај зависна од гласовите на опозицијата? Во Данска на пример вакви малцински влади се веќе составен дел од добар политички бон-тон, но во Германија правникот и експерт за политички науки од Универзитетот од Олденбург, Фолкер Беме-Неслер, смета дека таквата влада нема многу смисла: „За преоден период малцинска влада секако не е проблем, но не е долгорочно решение. И психолошки е тешко со различни партнери да носиш различни закони." Германија со таква констелација нема никакво искуство. Нови избори се чинат сепак поверојатни, ако Меркел не најде партнер кој ќе ѝ обезбеди мнозинство.

Bildergalerie Dänemark EU Ratspräsidentschaft Helle Thorning-Schmidt im Folketing (AP)

Данска може да биде пример или барем утеха

Без визија? Тоа одговара на Меркел

Има и такви кои во актуелната ситуација гледаат дури и предност за Меркел. Поранешниот премиер на Хесен од редовите на ЦДУ, Роланд Кох, вели: „Таа владее во фаза во која секој визионерски момент е пречка во работата. Тоа одлично одговара на нејзиниот прагматизам." Отровна пофалба. Не е ни чудо: Кох долго ѝ беше опонент и критичар на нејзиниот курс, повлекување од многу конзервативни позиции на ЦДУ.

И Холандија стабилна

Смирувачки пример за Германија, што се однесува на периодот без избрана влада, годинава испорача Холандија. Седум месеци им требаа по изборите за пред само неколку недели конечно да изберат влада. Земјата сепак не западна во хаос.

 

DW.COM

Реклама