Вучиќ ќе биде српска судбина | Свет | DW | 03.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вучиќ ќе биде српска судбина

На почетокот на јуни Александар Вучиќ премиерската позиција ќе ја замени со претседателска. Што значи силната победа на Вучиќ со 55 проценти гласови? А што значат 16 проценти на Јанковиќ, 9 на Максимовиќ и 6 на Јеремиќ?

Надвор огномет, внатре трубачи и Додик. Со тоа и со околу два милиона гласови во џебот, Александар Вучиќ излезе пред новинарите како избран победник. Изјави дека условите биле „сѐ само не лесни“, дека е важно што „победата е чиста како солза“, додека околу него ечеа повиците „Победа, победа!“ Следеше триумфален, но помирлив говор за „продолжување на тешката и напорна работа“ и суфицитот. Потоа се редеа коридори, возови, поголеми плати, па победникот го испраќаше „Маршот на Дрина“, но тој сепак продолжи да зборува, им се заблагодаруваше на Путин и на Меркел, на низа други луѓе.

Многу оспоруваните истражувачи на јавното мислење беа во право - мазна победа на Вучиќ. Онаму каде талкаа - кај распоредот на пласманот на останатите - убедливо победи Саша Јанковиќ, следат Бели Прелетачевиќи со посни проценти Вук Јеремиќ, кој веројатно синоќа беше најразочараниот човек во Србија. Војислав Шешељ, Бошко Обрадовиќ и посебно Саша Радуловиќ се далеку послаби отколку што си мислеа. Дали, по овој исход и податоците за слабата излезност, знаеме нешто што не знаевме и претходно?

„Вучиќ има голема поддршка, но има и ограничувања. Слабостите му се кај урбаната публика и младата генерација“, нагласува Ерик Горди, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон. „Но, најголема слабост му е што не научи да се однесува како државник, туку и натаму се однесува како млад лав на Српската радикална партија. Лидерите не се занимаваат со лажни плакати, наркомафии, кавги во фиктивни авиони и слично, туку бараат консензус за сериозните државни прашања.“

Serbien Prsäidentenwahl Sasa Jankovic in Belgrade (Reuters/D. Kojadinovic)

Саша Јанковиќ

Вучиќ - надвор од Твитер

Па сепак, тој и таков Вучиќ му импонира на мнозинството граѓани - тоа не може веќе да се објасни само со фактите дека зазеде две третини од вестите во предизборната кампања, ниту само со партиската армија која во последните недели на секоја тараба во Србија го залепи бројот 6. „На луѓето како вистински да им се чини оти сега им е подобро отколку што им е реално“, коментира за Дојче веле социологот Алексеј Кишјухас од Филозофскиот факултет во Нови Сад. Но тоа, додава тој, не можат да го сфатат интелектуалните и псевдоинтелекутуалните кругови, зачаурени во својот меур на Твитер, каде веќе се вршеа подготовки за конечна пресметка во вториот изборен круг.

„Потребно е повнимателно да се погледне демографијата, одговорот се крие во неа“, вели Кишјухас и притоа не мисли (само) на старото и необразовано население. „Многу повеќе станува збор за  неодоливоста на авторитарните тенденции во широките маси во општеството, структурната недоверба во демократијата, варијантите и шемите, односно преживувањето како modus operandi на демографското мнозинство во Србија. Вучиќ вешто удира на таа несигурност и култура на сиромаштво. Освен тоа, успешно се претставува себе си како доминантна фигура и српски фатум.“

Опозицијата на пресвртница

Вучиќ навистина во иднина ќе биде српска судбина, од први јуни па до средината на 2022. година - како претседател. Како што нагласи во победничкиот говор, посебни промени во политиката не треба да се очекуваат, па наредните седмици веројатно најчесто ќе нагаѓаме кој ќе биде Вучиќев Мирко, како што Борис Тадиќ го имаше Цветковиќ на чело на владата, додека Милошевиќ го имаше Марјановиќ.

Но, што ќе прави опозицијата? Следната година следи битка за Белград во која шансите за соборување на Српската напредна партија се далеку пореални отколку на ниво на државата. Мнозинството аналитичари е уверено дека Вучиќ пак ќе одигра на предвремени парламентарни избори за со својот лик да го повлече Белград, како што минатата година ја повлече Војводина. На што ќе личи тогаш опозиционата сцена ако вчера третина од опозициониот колач отиде кај бившиот омбудсман без сопствена партија, а една петтина кај фиктивниот лик, делумно зашто е забавен, а делумно во знак на протест?

„Опизциската јавност не ја води ниедна опозициона партија“, вели Горди. Саша Јанковиќ сега е најсилен меѓу слабите, смета овој професор, и истакнува - Јанковиќ може натамошно да артикулира одредена енергија ако ја прескокне сопствената сенка - урбаната публика од поголемите градови и буржоазијата. И можеби ако ѝ се обрати на дифузната публика на Бели Прелетачевиќ: „Младата популација е привлечена од Бели, но не знае зошто. Она што ги обединува симпатизерите на Бели е желбата за отфрлање на постоечкиот систем. Нема ништо друго, тоа движење не е ни лево, ни десно, ни револуционерно, не е ништо“, тврди Горди.

Serbien Prsäidentenwahl Luka Maksimovic, Beli PK in Mladenovac (Reuters/M. Djurica)

Лука Максимовиќ - Бели Прелетачевиќ

Бездна десно од Вучиќ

Нашите соговорници се согласни во оценката дека десницата, ако за овие теориски потреби оттаму го изземеме Вучиќ, неславно пропадна. Јеремиќ со сразмерно богатата кампања пукаше на национални гласови и повеќепати истакна дека е единствен кој може да го победи Вучиќ зашто ги обединува и либералните и конзервативните гласови. Се испостави дека од тоа беше оддалечен седум милји: „Јеремиќ само покажа дека има харизма на фосна и дека има навалица во десниот табор. Зошто луѓето би гласале за Тома Николиќ со вистинска диплома?“, се прашува Кишјухас.

Во оценката е остар и Горди, кој во стрмоглавиот пад на десницата гледа позитивна страна од исходот на изборите: „Ни старите неофашисти како Шешељ, ни младите неофашисти како Обрадовиќ, ни имитаторите на неофашистите како Јеремиќ не наидоа на симпатии кај публиката. И нема да наидат. Српското општество не е такво, колку и да изгледаше такво во времето на Милошевиќ. Но луѓето забораваат дека одвреме-навреме Милошевиќ глумеше и социјалист.“

Ако ја промислиме до крај една од омилените тези - дека ова всушност беа избори за лидер на опозицијата, тогаш тој е избран во ликот на Саша Јанковиќ. Поддршката за него е далеку поголема од простиот збир на рејтингот на партиите кои го поддржаа. Можеби следните денови ќе дадат одговор на прашањето каква намера има тој со таа поддршка. 

DW.COM

Реклама