Време е за постепена нормализација | Северна Македонија | DW | 29.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Време е за постепена нормализација

Откако ќе се врати животот колку толку во нормала и кога постепено ќе почне да се отвора економијата, веднаш да почнат да течат роковите за избори и да се организираат избори на 14, 21 или 28 јуни. Пишува Никола Тодоров.

Да, време е за нормализација. Време е да се редуцираат долгите полициски часови и рестрикции. Од она што го следам, можам, базирано на експертските мислења, да заклучам дека најголемата опасност како да поминува, па полека и претпазливо треба да се нормализираат состојбите и да се укинуваат рестрикциите по обратниот редослед од оној по кој се затвораше економијата. Сепак, имајќи предвид дека имаме работа со нов вирус, како и предупредувањата дека постои опасност од втор бран на вирусот, нешто на што предупредуваат и СЗО и научниците, тоа отворање треба да го направиме внимателно и постепено. Добра беше мерката да се овозможи намалување на времетраењето на полицискиот час и овозможување слобода на движење до 19 часот. Мислам дека оваа мерка дојде токму пред да експлодира состојбата, бидејќи нервите на граѓаните беа при крај. Но, ова треба да биде првата мерка по која треба да следува втора, па трета и.т.н. Првомајскиот карантин ќе го издржиме, и ќе ја испочитуваме препораката на здравствените власти. Веднаш потоа треба да следат мерки на постепена релаксација.

Го предлагам следниот план во десет точки за нормализација и постепено отворање на економијата и враќање на граѓанските слободи и права:

- Прво, веднаш по првомајските празници овозможување на слободно движење на граѓаните до 22 часот во текот на работните денови и за време на викендите, освен за граѓаните постари од 67 години, за кои веројатно ќе биде потребно ограничувањето за излегување до 12 часот да остане уште некое време. 

- Второ, по првомајските празници да се овозможи отворање на кафеаните, баровите и рестораните и тоа само на оние кои имаат летни бавчи. На почеток работното време да биде до 20 или 21 часот. Да се внимава на препорачаната дистанца и од здравствените власти да се пропишат мерки на претпазливост кои ќе мора да се почитуваат. Да се вратат на работа оние кои се вработени во овој сектор. За дискотеките е сѐ уште рано и тие треба да се отворат нешто подоцна.

- Трето, помеѓу 10 и 15 мај да почнат со работа и судовите, за сите предмети каде во судницата нема повеќе од 4-5 лица, со задолжително користење на лична заштитна опрема. Ова значи дека особено кај граѓанските и стопанските предмети  во најголем дел ќе се одржат судењата, а тие се најважни за економијата.

- Четврто, администрацијата веднаш да почне нормално да функционира. Да се забрани правење распореди за тоа кој ден кој ќе оди на работа. Секој ден да одат на работа сите административци (освен оние кои имаат помали деца), со редовно работно време и со задолжително користење на лична заштитна опрема. Да се стави посебен фокус на јавните работи, односно капиталните инвестиции.

- Петто, веднаш по првомајските празници да се отворат сите молови, со тоа што да остане на сила обврската за носење маски за секој којшто ќе влезе во молот, вклучително и сите вработени. Да се преземат мерки за контрола на бројот на посетители, начин и фреквенција на дезинфекција и останати мерки на претпазливост кои ќе бидат определени од здравствените власти.

- Шесто, да се размисли на први јуни да се отворат училиштата и да се вратат дел од учениците на училиште. Школската година да трае до први јули. Ова да се однесува на сите ученици од петто одделение па нагоре. Децата во градинките и помалите ученици до четврто одделение да останат дома. Да нема канонада од тестови и нагли стресови за децата, туку во овој период од еден месец да има само предавања на она што е пропуштено. Оценките кои им беа заклучени во третото тримесечје да останат, освен за оние кои сакаат да поправат оценка. За нив може да се организира испрашување и/или тестирање. Сите останати кои се задоволни со оценката од третото тримесечје да си ја задржат таа оценка. Комисијата за заразни болести да изготви мерки и рестрикции кои треба секое училиште да ги преземе пред да отпочне наставата и за време додека се одвива наставата. Франција ги отвора школите на 11 мај, со обврска секој ученик постар од 11 години задолжително да носи маска. Франција претрпе многу поголеми жртви и имаше далеку посложена ситуација од нашата. И канцеларката Меркел препорача постепено отворање на училиштата, па дел од сојузните покраини веќе донесоа такви одлуки. Ако може во Франција да се отворат училиштата на 11 мај, ако во Германија веќе се донесоа такви одлуки, не гледам зошто не би можело кај нас да се отворат училиштата на први јуни.

- Седмо, во втората половина на месец мај да започнат со редовна работа и универзитетите. Начинот на работа на универзитетот да биде уредена во рамки на автономијата на универзитетот, имајќи ги предвид препораките на здравствените власти.

- Осмо, по први јуни Владата да започне со разговори за постепено отворање на границите, особено со Грција, Бугарија, Србија и Албанија. На почеток веројатно ќе треба да се применуваат определени мерки на рестрикција и контрола усогласени од здравствените власти на билатерална основа, за во текот на месец јули и овие мерки да се ревидираат и релаксираат.

- Деветто, Владата да направи посебен тим кој ќе се обиде да спаси тоа што може да се спаси од летната сезона во нашите летни одморалишта, со особен акцент на Охрид. Да се направи мешовит тим од претставници на угостителите, коморите, здравствените власти и економските ресори во владата за да се определи начинот на кој ќе се помогне на овој исклучително важен сектор. Мора да најдеме начин како да привлечеме туристи од странство, а сепак да не се ставиме како држава во неразумен ризик.

- Десетто, да се направи таргетирано тестирање на голема популација, особено на професорите и наставниците, учениците и студентите пред да тргнат на училиште односно факултет, на вработените во кафеаните и кафулињата и на популацијата која спаѓа во ризична група. За ова ќе бидат потребни над 100 илјади тестови. Добро е побрзо да се набават. Податоците за популацијата која се наоѓа во ризична група да се добие од Мој термин. Најголемиот јавен електронски систем во државата, Мој термин, нуди можности за огромен број на анализи и споредби, па така може прецизно да се добие податок за секое едно лице кое е во ризична група. На пример, министерот може да побара да му дадат листа на сите граѓани над определена возраст кои имаат определено заболувања (дијагноза) и/или кои примаат определена терапија, кој им е матичен лекар, како и нивна адреса на живеење, а за некои и телефонски броеви и.т.н. Оваа листа ќе биде на масата на министерот за 15-тина минути откако ќе ја побара. Потоа може да се преземат тестирања или рестриктивни мерки за сите тие лица

Нека се вратат луѓето на работа

Отворањето на економијата, доколку е задоцнето, ќе направи големи проблеми во економијата и дополнително ќе го зголеми јазот помеѓу богатите и сиромашните, а голем број на граѓани ќе фрли во сиромаштија. Вработените во кафеаните, кафулињата, продавниците, хотелите, мотелите и градежниците се работничката класа која во еден дел буквално работи и егзистира месец за месец. Тоа е така и кај нас, но и во некои од најразвиените земји. Во секторот трговија на големо и мало работат над 110 илјади вработени, а во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна работат безмалку 30 илјади вработени. Во градежништвото работат околу 55 илјади лица. Сите овие околу 200 илјади наши граѓани се вработени во приватниот сектор, а приватниот сектор буквално го храни јавниот сектор. А ова се најпогодените сектори од кризата и дел од овие работници се веќе или отпуштени, пуштени на принуден одмор, земаат 50% од платата или воопшто не земале плата. Ова се наши граѓани кои во најголем дел немаат поголеми заштеди, а некои од нив дури и со платата која ја земаат се на граница на сиромаштија. Замислете како им е кога нема да земат плата воопшто, еден или два месеца или да земат 50% од платата. Некои од бизнисите не можат да ги издржат кредитите кои им се нудат, без разлика дали се со ниска камата или станува збор за бескаматно кредитирање. Нема мерки што можат да помогнат на подолго затворени бизниси.

Затоа, отворајте ја економијата. Нека се вратат луѓето на работа, барем тие кои работат во индустриите каде како држава можеме да влијаеме, нека почнат да продуцираат приход, а паралелно на тоа државата нека им помага.

Други колумни од авторот:

Короната и анти-ваксерите

Корона- пропаганда

Коронавирус ante portas

Ако тука направиме паралела со јавната администрација, каде работат помал број на вработени во споредба со секторите кои ги споменав, ќе забележиме една прилично нееднаква положба. За време на кризата еден дел од администрацијата работеше еднаш или двапати во текот на неделата, со скратено работно време и без сериозна фокусираност на работата. Платата административците навремено ќе си ја земат и тоа во полн износ. Не велам дека не треба да ја земат, напротив, треба да ја земат, туку само правам споредба со овие категории на вработени од приватниот сектор кои ако се среќни ќе земат минималец, а оние со помалку среќа или ќе бидат на 50% или ќе бидат отпуштени. Потоа се чудиме зошто сите сакаат да работат во јавен сектор. Оваа кризна состојба ќе направи дополнителен притисок за вработување во јавниот сектор кој, признале ние или не, партиски го дуваме како балон кој многу лесно може да експлодира. Затоа, отворајте ја економијата и борете се за приватниот сектор, затоа што тој го храни и финансира јавниот сектор. Ако ни колабира приватниот сектор, ниту административците ќе земат плата, ниту пензионерите пензија.

Потоа откако ќе се врати животот колку толку во нормала и кога постепено ќе почне да се отвора економијата, веднаш да почнат да течат роковите за избори и да се организираат избори на 14, 21 или 28 јуни 2020 година. Државата и економијата не може да издржи одлагање на изборите и губење на дополнително време. По изборите, веднаш и без одлагање да се зафатиме со крупни реформи, демократизација и економска стабилизација. Нема време за 100 дена толеранција и прилагодување. Оваа година е економски загубена, да се обидеме и да направиме сѐ што е можно наредната да не биде таква.

Реклама