1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Имајте доверба во нашите институции и експерти

18 март 2020

Неодговорно е политички да се делат експертите и докторите на ваши и наши. Нема ваши доктори, сите се наши. Сите се борат за секој еден од нас и ве молам сите на тоа така да гледате. Пишува Никола Тодоров.

https://p.dw.com/p/3Zb7U
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Во последните недели и денови целата нација е опседната и загрижена од Ковид-19. Ова е најновиот човеков непријател. Непријател кој ниту има вера, ниту етничка, политичка или било каква друга припадност. Некои го викаат невидливиот непријател, но сепак тој е тука, а некои за жал и на своја кожа го чувствуваат тероризирањето кое овој вирус го прави на човештвото. Научниците можат и да го видат, преку технологијата која човекот ја создал за да си го олесни и подобри животот. Треба на научниците да им ја дадеме сета поддршка, но и поткрепа со цел што е можно побрзо да се најде лек. И ќе се најде. Јас верувам во човештвото и во човековиот ум. Човештвото нема друг избор освен да го победи ова најново зло. Добро е што во вакви околности сфаќаме колку е небитна нацијата, етникумот, религијата. Човечкиот род е нападнат и човечкиот род е тоа што мораме да го одбраниме.

Сега е време за државништво. Сега не е време за политички калкулации, препукувања, напади. Во ова опасно време и пред нападите на ова опасно зло што му се заканува на човештвото мораме да бидеме присебни и на ниту еден начин да не им одмагаме на луѓето кои на дневна основа се борат со овој предизвик наречен Ковид-19. Секоја прес конференција со која се напаѓаат, сериозно им ги намалува капацитетите, им го одзема вниманието и наместо целосно да се посветени на борбата со овој екстремно опасен непријател тие мора да се бранат, да одговараат на некакви си прозивки или обвинувања. Ова во најмала рака не е коректно и сериозно одмага. Тоа е како самите да си пукаме во себе. Целосно е неодговорно во вакви вонредни околности, луѓето кои се на првата линија на фронтот да бидат дефокусирани, омаловажувани и напаѓани. Исто како што е неодговорно политички да се делат експертите и докторите на ваши и наши. Нема ваши доктори, сите се наши. Сите се борат за секој еден од нас и Ве молам сите на тоа така да гледате.

Жешко столче

Сум бил на тоа жешко столче во министерството за здравство. Верувајте ми, тоа е едно од најтешките министерства за раководење, ако не и најтешкото. Полно со предизвици и проблеми, со нерешени проблеми кои како никогаш да не исчезнуваат. Таман ќе решиш еден проблем, други три ќе се појават. Затоа и не постои идеален здравствен систем во светот. Секој здравствен систем има проблеми. Видете што се случи со некои здравствени системи во Европа. Како преку ноќ да колабираа, се распаднаа пред налетот на овој најнов човеков непријател. Системи кои имаат вековна традиција, исклучително квалитетни доктори, висока наука, софистицирана опрема и многу, многу повеќе пари од нашиот здравствен систем. Но, тешко се справуваат со коронавирусот. Ова треба да ни е поука дека не треба да им го оттргнуваме вниманието и фокусираноста и на нашите здравствени власти. Затоа во ова време е потребно заедништво, помош, доверба и државничко однесување. Во овие моменти сé останато е второстепено и неважно. 

Претходни колумни на авторот: 

- Избори: Не очекува ли „црна“ изборна кампања? 

- Четиридневна работна недела 

Секој што бил министер, е оптоварен со својата суета дека баш тој бил најдобриот министер и дека пред и после него ништо не е направено, односно сѐ што било направено и сѐ што потоа е направено е далеку полошо од тоа што било направено додека тој или таа била министер. Ова е таа министерска суета, која во основа е човечка суета. Дозволете ми, ослободувајќи се од таа министерска суета, како поранешен вицепремиер и министер за здравство да истакнам дека и актуелниот министер за здравство Д-р Венко Филипче и Комисијата за заразни болести, во која членуваат многу искусни наши доктори и експерти, но и сите останати здравствени работници и соработници одлично се борат со Ковид-19. Сакам јавно да им честитам и да им се заблагодарам на сите овие луѓе кои во добар дел и одлично, лично ги познавам, за целата организација, за смиреноста и мудроста со која ги носат и спроведуваат одлуките. Добро е што ниту избрзуваат, ниту доцнат со одлуките, туку носат навремени и исправни решенија.

Прес-конференции не помагаат

Дозволете ми на крај да предложам, секој политичар, доктор или експерт по јавно здравје, кој што смета дека може да помогне со некоја идеја или мерка, тоа никако да не го прави јавно, преку прес-конференции, туку да се обрати до министерството за здравство и комисијата за заразни болести. Ним да им го достави својот предлог или идеја за некоја мерка за која мисли дека треба да биде имплементирана. Ова од едноставна причина што не секоја мерка може или е добро да се преземе во секој момент, односно некоја мерка треба да се преземе порано, а некоја подоцна. Има и такви мерки кои струката и искуството велат дека не треба воопшто да се преземат, а ако се кажат јавно може да звучат разумно и логично и со тоа да се прави јавен притисок да се донесе погрешна мерка. Имајте доверба во нашите институции и експерти. До сега, во оваа битка со коронавирусот, покажаа дека треба и може да им се верува. Да се сплотиме и со тоа да им помогнеме и да ги охрабриме да продолжат да си ја вршат својата работа за која имаат експертиза. Да не им ја трошиме силата на глупости. Да им помогнеме да ни помогнат. 
Најпосле, како еден од основачите и прв претседател на собранието на младината на евро-атлантскиот клуб на Македонија, не можам, а да не го изразам моето огромно задоволство од фактот што станавме 30-та земја членка на НАТО. Нека е со среќа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема