Времето може да почека | Северна Македонија | DW | 21.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Времето може да почека

Изгледа апсурдно ВМРО-ДПМНЕ да не се изјаснува за одржување референдум за името, но и апсурдите се дел од политиката. А Зоран Заев знае дека со одолговлекувањето ќе биде промашен моментумот

Во 1970-тите години еден бестселер  ја одбележа југословенската литературна сцена, која тогаш го запознаваше тнр. роман во фармерки. Хрватскиот писател Звонимир Мајдак направи инстантен успех со неговата книга „Пази тако да останем невина“ (насловот е во оригинал), приказна за две млади сестри од Загреб кои се во постојано недоразбирање со себеси и со општеството.

Оваа синтагма за невиноста во многу нешта може да послужи како парафраза за денешното политичко однесување на македонската опозиција во овие исклучителни времиња за општеството. ВМРО-ДПМНЕ во трката со времето, за која веќе се одредени рамките, би сакало да излезе и чесно, и политички невино, да изгледа како некаков патриотски бедем, а сепак да има некоја добивка од влогот кој го уплати друг – власта.

Сите овие настани многу наликуваат на минатото лето, кога во Собранието со недели траеше вмровската дебата полна со говори, реплики и контрареплики за разрешувањето на тогашниот јавен обвинител Марко Зврлевски, а потоа во сличен стил и дебатата за изборот на неговиот наследник. Сега опозицијата навидум постави друга тема – изборот на членовите на Државната изборна комисија. Но за да се стигне до неа требало да се решат и други работи – како финансирањето на политичките партии, изборот на владата во пржински формат и мајката на сите барања: амнестијата за 27 април. Или можеби кадифена амнестија преку законски измени за сите оние што се огрешиле во криминалот и злоупотребите десетина години наназад.

Јастреб на масата

Изгледна апсурдно една работа што е веќе договорена – привремениот состав за ДИК – сега да се појавува како непреместлива пречка. Како што изгледа апсурдно ВМРО-ДПМНЕ да не се изјаснува за одржување референдум за името, иако тие најмногу ја пуштаа оваа плоча во последниве 25 години. Во таа апсурдност може да има некој систем – наводно амнестијата е нишката што треба да ги поврзе десетиците фракции во партијата кога нема една конципирана политика. Најсилното политичко оружје на ВМРО-ДПМНЕ во овој момент – пратеничката група, составена од прекалени парламентарци, е фрлена на маргините. Таа дејствува по инерција, повеќе да се каже дека има некаква морална должност да ги штити интересите на партијата, но во основа е оставена да чека на некаква конципирана стратегија од централата.

А оттаму пораките се конфузни. Носењето на професорката Тања Каракамишева на лидерските средби е дел од таа конфузија. Објаснувањата дека Каракамишева (која не е дел од врвот на партијата) била на овие средби затоа што е истакнат правник е прозаично, па дури и наивно. Овие лидерски средби не се состаноци на експерти, туку врвни политички разговори. Кога Христијан Мицкоски ја донесе со себе во Клубот на пратениците, тоа повеќе зборуваше за него, отколку за неа. Каракамишева е своевиден политички јастреб во ВМРО-ДПМНЕ и во времето кога беше на власт и сега, кога е во опозиција. Во политиката има јастреби и тоа не е спорно. Но прашање на опортунитет и концепција е дали нивното вклучување во партискиот мејнстрим може да обезбеди некаков квантен скок.

Се разбира, Христијан Мицкоски може да поведе кого сака на лидерските средби, а потем тоа да се претстави како заедничко решение, но таа постапка ги дезавуира неговите најблиски соработници, колку тие и да се согласни на ваквиот чекор. Ги дезавуира во членството, а и во пониските и повисоките партиски ешалони. Ако другите лидери на важните политички разговори доаѓаат со вторите или третите луѓе во партијата, а вмровскиот лидер со експерт за правни прашања тоа може да испрати една главна порака: дека политичките разговори се последна работа на масата, туку потрага по формулата како времето може да почека. Во тој апсурд, намерно или случајно, на лидерската маса, Мицкоски и Каракамишева беа поставени да седат покрај Зијадин Села, најголемата жртва на „патриотите“ што влегоа во Собранието на 27 март. Непознато е дали Мицкоски, кој јавно зборуваше дека ќе побара од Села поддршка за амнестија за напаѓачите во Собранието, му споменал нешто за тие негови планови.

Заборавивме веќе колку пати пратениците заминуваа во Британија да се учат на правилата на парламентаризмот. И колку пати после тоа доаѓаа со помалку научени лекции. Во случајот со блокадата на изборот на ДИК или на законите за медиумската сфера може да се потрудат да погледнат во британското парламентарно искуство барем од оваа недела. Владата на Тереза Меј неодамна конечно го дефинира концептот за „Брегзит“, кој го подели и кабинетот и парламентот. Оваа недела се гласаше за два амандмани околу тој концепт  – едниот за здравствените услуги по излегувањето од ЕУ и за царинската унија со ЕУ. Немаше тука 200, 400, 600 амандмани – имаше само два. Времето е драгоцено и не треба да се троши бадијала. При гласањето за едниот амандман, за здравствените услуги, владата загуби со 307 наспроти 301, но за оној поважниот, за царинската унија имаше мнозинство од 305 на 301. Сето тоа заврши за ден-два. Конзервативците и владата се ужасно поделени околу мекиот и тврдиот „Брегзит“, но британските парламентарни правила налагаат работите да не се оддолжуваат – или ќе добијат мнозинство или ќе пропаднат во политичката битка. Овде тоа е сведено на  вистинско парламентарно измачување, кое нашите замислени политички гуруа сакаат да го претстават како надмудрување.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

Ирскиот пример

Многумина со право може да запрашаат зошто јавноста толку многу се занимава со лидерството на Христијан Мицкоски, кога оценката за чекорите на властите се поважни во едно општество. Тоа навистина треба да биде така. Но во ситуацијата кога вмровската тактика се потпре на испробаната стратегија на блокирање на процесите во Собранието, речиси е невозможно да не се стави под лупа нејзиното дејствување. Ако истиот ден и речиси во исто време Собранието носи декларација за членство во НАТО едногласно поддржана, тогаш зошто да не може да се стигне до договор во Клубот на пратениците. Христијан Мицкоски по средбата изјави: „Ако се стремиме кон европските принципи така и треба да се однесуваме, а не само декларативно, треба да го почитуваме уставот и законите, а не да поставуваме повеќемислени прашања за граѓаните“.

Изгледот на референдумското прашање кое Заев го најави нема повеќемисленост, тоа е двослојно, но произлегува од самата суштина на Договорот од Преспа. За него Зоран Заев потроши значаен дел од својот политички капитал и тој договор по макотрпни преговори беше склучен само со една цел – влез во ЕУ и НАТО. Бидејќи тоа беше главната цел не изгледа ни повеќемислено ни нелогично во прашањето до граѓаните да се спомене зошто е направен болниот компромис.

Примерот со референдумите во Република Ирска и Северна Ирска за Договорот од Велипеток се поучни, иако не можат да бидат образец. Поминаа точно 20 години од овој историски договор кој беше одобрен на 22 мај 1998 година. Во овие преговори главен мотор беше британската влада и тогашниот премиер Тони Блер, кој беше на власт само една година. Компромисот таму исто така беше болен. Република Ирска требаше да се откаже од членот два во уставот напишан во 1937 година кој содржеше иредентистичка порака: „Националната територија се содржи од целиот остров Ирска, неговите острови и територијалните мориња“. Граѓаните на Република Ирска се изјаснуваа на референдумот дали се за промена на овој член на уставот со амандман со кој државата се откажува од ова барање за целокупност на островот.  Излезноста беше 55,6 отсто, а гласот „за" 94,4 отсто. Жителите на Северна Ирска се изјаснуваа на друго прашање: „Дали го поддржувате договорот склучен на повеќестраните разговори за Северна Ирска кои се усогласени во Командниот документ 3883“. Одѕивот таму беше 81,1 отсто, а поддршката 71,1 отсто.

Претходни колумни од авторот: 

Во кој свет живее Христијан Мицкоски?

Француска врска

Македонски круг со креда

Значи, договорот е еден, а прашањата можат да бидат различни. Република Ирска се откажа од полувековниот уставен член за држава на целиот остров за да се дојде до мир. До ден-денешен овој Договор од Велипеток е на искушенија, но функционира и ги закопа воените духови, го избриша тероризмот на ИРА и ги стави односите меѓу Британија и Ирска врз нови темели. Некои и тогаш и сега мислат дека ирските лидери во тоа време ја предале нацијата, но тие покажаа дека ја освоиле иднината.

Зоран Заев мисли токму така – дека ја освојува иднината. Најголемата опасност за него и за Договорот од Преспа е брзањето да не ја измести главната цел, а одолговлекувањето да не го промаши моментумот. По многумесечната проповедничка трепеливост сега наликува на човек кому премногу му се брза. До целта најбрзо се стигнува со умешност, а не со итање. За него во овој момент нема друга цел освен да се одржи референдумот и тој да биде успешен.

Во тој цајтнот растат апетитите на другите играчи. Прашањето за Заев е како да ги амортизира тие апетити и да остане на неговата траекторија со што помалку концесии. И многу важното – да не влегува во проект за кој многумина мислат дека ќе биде успешен: да има и предвремени избори во исто време со референдумот. Тие избори, сосем веројатно, ќе го уништат целиот моментум. На изборите може и да се изгуби, а и да се победи. Но неповратно ќе биде загубена половина година кога треба да биде остварен клучниот напредок кон ЕУ и НАТО. Тие пропаднати месеци тогаш не ќе можат да бидат надокнадени ни со триумф на изборите. И, всушност, победата да биде неговиот пораз.

 

DW.COM

Реклама