Во Владата ќе се дебатира, пред Владата ќе се протестира | Македонија | DW | 05.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Владата ќе се дебатира, пред Владата ќе се протестира

Додека во Владата ќе трае првата јавна расправа за нацрт-амандманите на Уставот, ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи нов протест на „Илинденска“ 2. Акцентот е ставен на неспособноста на власта да се справи со загаденоста на воздухот.

Владата од денеска ја почнува јавната расправа за нацрт-амандманите за измени на Уставот. На првата дискусија што ќе се одржи денеска по 16 часот во зградата на Владата, ќе зборуваат премиерот Зоран Заев и професорите Владо Попоски и Љубомир Фрчкоски. Во 17 часот почнува протестот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавен дека редовно ќе се одржува секоја среда во Скопје, кој по кусиот марш од партиското седиште ќе заврши на платото пред Владата. Партискиот лидер Христијан Мицкоски протестот го најави и на Фејсбук. Она што привлекува внимание во неговото обраќање, е дека фокусот е ставен на неспособноста на власта да се справи со загаденоста на воздухот.

„Во октомври 2017 година, премиерот Заев ветуваше чист воздух затоа што како што самиот велеше 'немало слобода и живот без чист воздух'. Тринаесет месеци подоцна иронично, но вистинито, заедно со однесената слобода и одземениот живот, нема почист, туку драстично загаден воздух. (...) Се фалат дека одделуваат ниски 1.5 милиони евра за намалување на загадувањето во неколку години, во исто време кога со ребалансот кратат милиони евра од гасификацијата која е приоритетен проект за намалување на загадувањето (...) Лагите за чист воздух на власта и нивната неспособност да најдат решение, граѓаните за жал ја плаќаат со своето здравје, а неретко и со своите животи. Црно време за нашата земја. Овие црнила мора да се запрат додека не биде предоцна“, пишува Мицкоски.

Повеќе: Волшебниот збор за чист воздух и сеопштата револуција

Случајно или не, на крајот од критиката за загадениот воздух, во „пост скриптум“ тој најавува дека ќе се протестира „за ова, но и за се друго, поврзано со промената на името и Уставот, одземањето на достоинството, упропастената економија, сиромаштијата, зголемувањето на даноците, неспособноста, криминалот и корупцијата и црнилата“.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE (picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski)

Фокусот на протесот на ВМРО-ДПМНЕ е ставен на неспособноста на власта да се справи со загаденоста на воздухот

Што струи во „воздухот“?

Од партијата не сакаат да коментираат дали „во воздухот има и нешто друго“, односно дали постепено омекнува реториката во однос на Договорот од Преспа, со тоа што веќе не е во прв план. Синоќа отсуствуваше и коментар од партијата по одлуката за 30-дневен притвор, што доцна синоќа ја одреди судија на претходна постапка по барање на Обвинителството, за поранешниот директор на УБК Владимир Атансовски. Притворот беше побаран откако тројца обвинети за упадот во Собранието на 27-ми април 2017 година сведочеа за инволвираност на Атаносовски заедно со други вработени во УБК во организирањето на упадот во парламентот. Обвинителката Вилма Русковска побара притвор за него по сите три основи: опасност од бегство, влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото, но и најави проширување на истрагата. Адвокатот на Атаносовски смета дека Обвинителството не треба да им верува на луѓе на кои им се заканува доживотен затвор, но и дека треба да понуди конкретни докази и факти врз основа на кои околности ја докажува намерата за бегство или опасноста да се повтори делото, со оглед дека Атанасовски веќе едена и пол година не е директор на УБК.

Повеќе: Упад во Собранието: Лавината тргна од УБК и Кабинетот на Иванов

Во опозициската партија интересот е насочен кон одлуката на Судот, откако нејзините поранешни функционери Миле Јанакиески и Кирил Божиновски понудија имот со кој располагаат како гаранција за да излезат од притвор.

Schwarze Schleife (BilderBox)

ВМРО-ДПМНЕ вчера закачи црни панделки на оградата на Владата за да се одбележи „најцрното владеење“ во историјата, а СДСМ одговори дека вистинска адреса е Белата палата поради црнилата во кои земјата била завиена 11 години

Размена на црни панделки

А во пресрет на денешниот протест, како што потенцираа - „со цел да се одбележи најцрното владеење на најцрната Влада во историјата на Република Македонија“, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ вчера закачи црни панделки на оградата на Владата.

„Црна дупка во културата. Црна дупка во економијата. Црна погубна политика надворешна. Црно распродавање на нашите државни интереси. И едноставно решивме дека црнилата кои припаѓаат треба да ги означиме за да продолжат да ги носат со нив и да знаат дека ништо досега што направиле не носи светлина, туку носат само од црно поцрно“, рече актерот Тони Михајловски, кој е член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„'Младиот' Тони Михајловски и членовите на дел од подмладокот на Мицкоски црните панделки треба да ги закачат на скапоцениот дворец на ВМРО-ДПМНЕ - седиштето на најбогатата партија во Европа изградено во време на најголема сиромаштија“, реплицираа социјалдемократите.

„Скапоцениот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е вистинската адреса за црнилата во која Македонија беше завиена цели 11 години, тоа е симболот на криминалот и расипништвото. Македонија конечно тргна во вистински правец и нема враќање назад кон црнилата на ВМРО-ДПМНЕ, криминалот, изолацијата и сиромаштијата“, се вели во реакцијата на СДСМ.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама