Во Братислава ништо не е навистина решено | Свет | DW | 17.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Братислава ништо не е навистина решено

По шокот од Брегзит, ЕУ мора да се постави на нови основи. Граѓаните ѝ вртат грб, десниот популизам е во пораст. Шефовите на влади нудат план со ситни чекори. Тоа нема да е доволно, оценува Барбара Везел.

Оној што очекуваше дека од Братислава ќе се тргне со голем чекор, со кој сѐ ќе се промени и сето тоа ќе заврши со ново раѓање на Унијата, веројатно е прилично разочаран. Во Братислава никој не зборува за голем скок напред. Наместо тоа, има планови за заедничка заштита на границите, поголема соработка во делот на одбраната и неколку нови проекти против невработеноста на младите. Шефовите на влади на ЕУ во Братислава беа скромни.

Нема веќе патос

Во деновите пред самитот речиси никој и не се трудеше да ги сокрие своите Европа-депресии. Состојбата во ЕУ е критична, се вели. Унијата е под закана, па дури и егзистенцијално загрозена. Постоеше опасност самитот да потоне во атмосфера на пропаст. Но, ЕУ е жилава и има преживеано многу кризи. Освен тоа, повеќето од нејзините политичари и натаму сметаат дека Унијата е незаменлива.

Во едно беа сосема единствени: веќе нема слушатели за големи зборови и визии. Братислава значи крај на патосот во Европа. И, никому и нема да му недостига, освен при доделувањето на Карловата награда. Наместо тоа, шефовите на влади сакаат да направат нешто револуционерно: да понудат практични решенија за конкретни проблеми. Ќе успеат ли?

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*

Барбара Везел

Премиерите како Ангела Меркел притоа многу лесно стануваат преголеми ситничари. Па, кому му е грижа за толку споменуваната дигитална иднина или 5Г во мобилната телефонија, ако му е загрозено работното место? Во делови на Европа се неопходни големи структурни програми за запоставените региони да се приклучат кон благосостојбата на богатите. Стабилноста на еврото е важна, но иднината на Европа е поважна. Кочниците за штедење мора да се отпуштат, барем привремено, зашто без пари изјавите за „дела за граѓаните“ ќе останат само флоскули.

Германско-францускиот мотор се враќа - привремено

Во Братислава на европска бина сечкајќи се врати германско-францускиот мотор. Но, тој во моментов вози само со брзина на чекорење. И тоа некако се вклопува во целата слика. Ангела Меркел и Франсоа Оланд сметаат дека малку движење е подобро од ништо и најавуваат подобра соработка во внатрешната безбедност и одбраната. Но, иницијативата има рок на траење. Во мај се одржуваат избори во Франција. Во основа, сите реформски најави се бесмислени. ЕУ мора некако да ја преживее 2017 година. Затоа што наредната година има избори во Холандија, Франција и Германија. Дури потоа може да се мисли на некој вид европски нов поредок.

Останува незадоволството

На крајот на самитот Виктор Орбан оцени дека тој пропаднал, затоа што бегалската политика на Брисел останува непроменета. Унгарскиот премиер со своите деснопопулистички пароли во моментов е најголем загадувач на атмосферата. Со него нема согласност. Орбан во ЕУ е сила која уништува.

Но, „надуено“ дома си замина и Италијанецот Матео Ренци. Тој е незадоволен поради тоа што нема отстапки за инвестиции во Италија и поради тоа што земјата добила премала помош во бегалската криза. Двете теми беа прилично каширани на самитот. Под површинската хармонија остануваат длабоки разлики во мислењата. Мирот од Братислава ќе трае само некое време. Тука ништо не беше навистина решено.

DW.COM

Реклама