1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Воспаленија на срцевиот мускул по вакцината Бионтек/Фајзер?

Александер Фројнд
28 април 2021

Поврзаност меѓу „десетици случаи“ на воспаленија на срцевиот мускул кај млади мажи и вакцината, според Министерството за здравство на Израел, не е докажана. Кампањата за вакцинирање пак покажува јасни успеси.

https://p.dw.com/p/3sfMS
Corona-Pandemie | Impfstoff von BioNTech/Pfizer
Фотографија: Jack Guez/Getty Images/AFP

Засега не постои никаков доказ за вистинска поврзаност меѓу неодамна констатираните воспаленија на срцевиот мускул (миокардитис) и вакцината на Бионтек/Фајзер. Во израелското Министерство за здравство во тек е проверка на ваквите случаи за кои известуваа израелски медиуми.

Анализата, цитирана во медиумите, не е објавена од Министерството и не е докажана невообичаена зачестеност на заболувањето, изјави портпаролка на Министерството за здравство: не постои „недвосмислен пораст на смртност поради вакцината и исто така не е сигурно дека во споредба со временскиот период од ланската година постои покачување на бројот на воспаленија на срцевиот мускул“. Според портпаролката, сличен број на миокардитис бил регистриран и во изминатите години.

Неофицијален извештај

Кој го лансирал првичниот извештај на една експертска група до израелските медиуми, не е познато. Според извештајот, меѓу преку пет милиони вакцинирани постојат „десетици случаи“, најчесто по примената втора доза на вакцината Бионтек/Фајзер, првенствено кај млади мажи на возраст меѓу 18 и 30 години. Најголем дел од пациентите во меѓувреме се во добра здравствена состојба и ја имаат напуштено болницата. Но, постојат и два смртни случаи – една 22-годишна млада жена и еден 35-годишен маж, кои немале никакви коморбидитети.

Без оглед што станува збор за првични наоди и случаите мора да се испитаат, медиумските извештаи јавуваат за поврзаност меѓу вакцината и заболувањето: „Веројатно е дека појавата на миокардитис е поврзана со вакцината (во прв ред по втората доза). Во моментов постои впечаток за поголем број на воспаленија на срцевиот мускул од очекуваното, првенствено кај старосната група од 30 години“, цитира „Ерусалим пост“ дел од извештајот.

Ризикот од миокардитис по примена вакцина од Бионтек/Фајзер според ова за целокупното население изнесува 1:100.000, за младите мажи меѓутоа можно е да биде 1:20.000.

Министерството за здравство ги проверува случаите

Иако извештајот не потекнува од Министерството за здравство, таму се вршат консултации со експерти и резултатите ќе бидат соопштени јавно во следните неколку дена. На страницата на Министерството актуелно нема информација за потенцијални срцеви нуспојави на вакцината Комирнати од Бионтек/Фајзер.

Повеќе:

Студија: Вакцината на Бионтек/Фајзер „екстремно ефикасна“Најнов извештај во Германија: Колку се безбедни Ковид-вакцините?

Паметната стратегија на вакцинирање на Израел

Ризици и нуспојави од вакцините против коронавирус

Врската меѓу заболувањето и вакцината меѓутоа е тешко докажлива, зашто миокардитис може да биде предизвикан од многу други вируси. Често болеста е последица на вирусна инфекција на дишните патишта или на органите за варење. Поретко до срцево заболување можат да водат други патогени или пак автоимуни заболувања. Освен тоа, миокардитисот често поминува без симптоми или компликации, што ја отежнува дијагнозата. 

Воспалението на срцевиот мускул се лечи успешно и ретко остануваат трајни последици. Но, без лекарски третман, болеста може да предизвика срцева аритмија или да го ослаби срцето. Во ретки случаи миокардитисот предизвикува и ненадејна смрт.

Производителот демантира поврзаност

Производителот Бионтек/Фајзер во меѓувреме соопшти дека редовно и темелно се следат сите несакани дејства. „Не сме констатирале стапка на миокардитис повисока од очекуваната кај целокупната популација. Не е констатирана каузална поврзаност со вакцината. Во моментов не постои ниеден доказ за врска меѓу вакцината Бионтек/Фајзер и ризик од миокардитис“, се вели во соопштението на Фајзер.

Тоа што во последните месеци информации поврзани со вакцината Бионтек/Фајзер прво стигнуваат од Израел, се должи на паметната имунизирачка стратегија на земјата. Израел навремено обезбеди големи количини од бараната вакцина не само со тоа што плаќа значително повисока цена за неа отколку на пример ЕУ и што државата ја презеде гаранцијата за производот.

Израел лиферува неделни бројки на инфицирани и на вакцинирани, но на Фајзер анонимизирано му се испраќаат и демографските податоци на пациентите, на пример староста и полот. На таков начин фармацевтските концерни, благодарение на дигитализираниот здравствен систем на Израел, добиваат не само многу брзи и доверливи информации, туку пред сѐ многу повеќе податоци отколку што би ги добиле со било која студија. За концернот тоа е извор на информации од непроценлива вредност.

За возврат, производителот е обврзан да го снабдува Израел со вакцини сѐ дотогаш додека земјата не постигне т.н. имунитет на стадо, односно додека имунитет не стекне 95% од населението. Досега се вакцинирани преку пет милиони луѓе, речиси 60% од вкупното население од 9,3 милиони жители со вакцината на Бионтек/Фајзер.

Успешна имунизирачка кампања

Успесите на израелската вакцинална кампања се веќе јасно видливи: додека на почетокот на годината во една недела бројот на нови инфекции на 100.000 жители изнесуваше околу 600, сега инциденцата е симната на 11.

Со оглед на тоа што во Израел се врши вакцинирање исклучиво со вакцината против Ковид-19 на Бионтек/Фајзер, интересот за случаите на воспаленија на срцевиот мускул е соодветно голем. Дали навистина постои поврзаност меѓу вакцината и болеста, може да разјасни само детална проверка.