Виетнамски синдром | Македонија | DW | 24.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Виетнамски синдром

ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер уште не сфатија зошто останаа осамени на политичката сцена. Груевски мисли дека наречниците му ја одредиле судбината да бил бедем за одбрана на Македонија. Колумна на Љупчо Поповски.

Во една парафраза на она што го кажа Ернест Хемингвеј - „Човекот не е создаден за пораз“ – и лидерот на опозицијата, Никола Груевски, мисли дека е невозможно нему да му се припише каков било пораз. Во говорот на одбележувањето на денот на партијата тој неколку пати ги набројуваше неговите изборни победи, а поразот во парламентот го остави настрана, како да е несакан сирак. Изгледа дека занимавањето со еден говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е прозаична работа, дури и претенциозна во времето кога новата влада ги зема лостовите на моќта, но не е така. Од однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници ќе зависат повеќе работи околу реформите што треба да се испорачаат за да биде одмрзната препораката за Македонија. Но ако го прочитате целиот говор на партискиот лидер на прославата пред Музејот на ВМРО и ако ги гледате секојдневните процедурални надмудрувања на вмровските пратеници, кои не сакаат да се организираат во пратеничка група само за да ја кочат работата на Собранието, тогаш она што Груевски му го кажал на Хан на неодамнешната средба во Брисел – „ВМРО-ДПМНЕ и како опозиција силно ќе работи Македонија да добие преговори со ЕУ и членство во НАТО“ – биле само магли и пајажини.

ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер уште не сфатија што се случи во Македонија и што ќе се случува допрва и зошто останаа осамени на политичката сцена. На што ви личат овие зборови на Груевски: „Некои луѓе кога доаѓаат на власт се однесуваат како ништо да не постоело пред нив, како ништо добро да не се случило пред нив, како светот и државата да почнуваат од нив и како вечно да ќе владеат и ќе прават сѐ што сакаат. Дека можат секому да му наштетат и за тоа еден ден да не сносат одговорност... И веднаш добиваат нагон да владеат не само со она што им налага функцијата, туку да владеат со сѐ, вклучувајќи го и владеењето со медиумите и судството, но и слободоумниот свет... Сето ова е карактеристика на незрели индивидуи, неискусни политичари и луѓе без визија“. Дали пишувачот на говорот сакал да се шегува – дали е ова порака испратена до Зоран Заев или за внатрешно себеиспитување на Груевски? Порака кон неговите партиски другари или кон оние сега ќе раководат со државата?

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)

Љупчо Поповски

„Чесни и несфатени“

Сите политичари на овој или на оној начин созреваат. Некогаш тоа зреење доаѓа кога си на раководна функција, некогаш кога треба да го носиш товарот на опозиција. Но каква перцепција треба да имаш за да кажеш дека не си бил секогаш добро разбран. „Работевме чесно и одговорно. Со љубов и беспоштедно... Одлуките кои ги носевме на моменти делуваа несоодветно за многумина, особено на оние кои ги немаат сите информации и сите анализи. И се чини кај некои луѓе останавме несфатени заради некои потези“. Чудно, тие потези не само што не биле разбрани овде, туку не биле разбрани и во Европската Унија, која ја дефинираше Македонија како „заробена држава“, општество кое е подјармено да работи за интересите на една партија. Особено за врвот на таа партија.

Но времето за херои не е завршено. Затоа Никола Груевски ја нуди својата саможртва и како Стеван Филиповиќ пред нацистите ќе ги крене рацете да ја слави слободата. „Тука не е важен Никола Груевски, ниту кој било поединец од раководството. Јас сум подготвен на сѐ, на најподмолни напади, на лажни судења и обвинувања, секојдневни лажни вести за мене, буквално на сѐ. Јас не се плашам од тоа“. Во време на реалполитиката на Балканот сѐ уште некои сакаат да изигруваат херои-маченици, како од приказните на гусларите. Тоа го гледаме во Белград (претседателот на Србија создава приказна дека не може да се бори против она што го кажале три наречници – дека мора да ја осовремени земјата), а го гледавме тоа 10 години овде, а сега тоа продолжуваат да го гледаат и посетителите на партиското кино: „Ако цената за тоа е мојата судбина, тогаш нема никаков проблем – еве ја“.  Тоа ти е нешто како џедај кој е задолжен да бдее над безбедноста на принцезата од планетата Набу. Така Груевски уште мисли дека е задолжен да бдее над судбината на Македонците: „Вака Македонија има некоја шанса“.

Терористички групи

Бидејќи и Груевски мисли на судбината што му ја одредили наречниците тој како ниту еден друг политички лидер во Европа, па и подалеку, со извонредна леснотија на партиска прослава вели дека имало повици за улични борби или за формирање македонски терористички групи, но дека тоа биле „афектни пораки кои не ја гледаат целата слика“. Кога донеодамнешниот премиер ќе спомене дека во кругот на неговите поддржувачи или членови на партијата се споменува формирање на терористички групи, неговата изјава веднаш се класифицира во графата за можни терористички акции кај сите полиции во Европа. Просто е несфатливо некој така отворено да споменува улични борби и терористички групи и притоа да нагласи: „Јас нема да дозволам такво нешто“ и ќе ја води партијата во која го формира тој код во нејзино реформирање. Какви македонски терористички групи треба да се создаваат – дали во стилот на гемиџиите (која галија во Вардар ќе биде одбрана да го симулира бродот „Гвадалкивир“), дали во стилот на Ќосето и неговата кама, или ќе имаат модерен шаблон (со камион да се влета во пешаци). Сето ова може да изгледа смешно и наивно, но во основа е застрашувачки: некој размислува ВМРО да се врати кон своите базични корени, кога беше прогласена како прва терористичка организација во Европа. И сѐ само поради една причина – затоа што не успеа да остане на власт и се отуѓи од сите други во државата. Што ќе прави Груевски – ќе оди во Брисел и ќе ги убедува еврокомесарите дека тој го контролира можното создавање на терористички групи? Ова оди и подалеку од апсурдот.

Целата оваа трагична драматургија во партијата, која уште не може да се соочи со она што се случи, беше ставено во котекстот на виетнамско сценарио. Знае ли пишувачот на говорот и самиот Груевски дека во историјата нема виетнамско сценарио, има само Виетнамски синдром. Но можеби Груевски мисли на повеќе аспекти поврзани со виетнамската драма. Можеби дел од тие аспекти е и падот на Сајгон и бегството на американскиот амбасадор Греем Мартин на 30 април 1975 година со хеликоптер од покривот на амбасадата, додека силите на Виетконг навлегуваа од сите страни (Мартин неволно го стори тоа, но не знаеше дека екипажот имал наредба да го уапси ако се спротивстави) и моменталниот слом на јужновиетнамскиот режим.

Mazedonien Skopje Führung der Regierungspartei (Nova TV)

ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер уште не сфатија што се случи во Македонија

Што се случи со компасот?

Можеби дел од тие аспекти е и судбината на пријателот на ВМРО-ДПМНЕ, влијателниот републикански сенатор и претседателски кандидат Џон Мекејн. Неговиот авион за време на една бомбашка мисија беше соборен над Северен Виетнам во 1967 година. Мекејн успеа да се катапултира, но притоа ги скрши двете раце и едната нога и откако беше заробен шест години помина во злогласниот затвор со прекар „Ханој Хилтон“, од кои две години во самица. Тепан и измачуван Мекејн беше ослободен во 1973 година.

И тоа е некакво виетнамско сценарио – херојот да лежи во затвор. Исто како што виетнамско сценарио може да биде и одлуката на комунистичките власти на Виетнам во 1979 година да извршат инвазија врз Кампучија и да го соборат режимот на Црвените Кмери, кој за четири години уби милиони луѓе за да изгради општество на присила и страв. Виетнамците во 1985 година го инсталираа Хун Сен за премиер на земјата што си го врати името Камбоџа, ги повлекоа окупациските војски во 1989 година, но Хун Сен и денес е премиер и владее авторитарно, дури и диктаторски.

Кој знае, можеби Груевски мислел на Виетнамскиот синдром. Овој термин во американската политика ја означува аверзијата на јавноста на американските воени интервенции во странство поради Виетнамската војна. Америка не ја доби војната против Северен Виетнам, туку мораше посрамено да се повлече. Виетнамскиот синдром во САД ја означуваше идејата дека Американците веќе не можат повторно да победат во војна. Роналд Реган подоцна тврдеше дека Америка се борела за „благородна кауза“ во Виетнам и дека американската јавност се свртела против војната под влијание на северновиетнамската пропаганда и дека Линдон Џонсон и Ричард Никсон се „плашеле да им дозволат на војниците да победат“. Можеби Груевски мислел токму на тоа – на дел од јавноста во САД, која бара помало американско вмешување во туѓи работи и „легитимни влади“.

Просто е неверојатно како една силна партија, која веќе го најави враќањето на власт, да нема чувство зошто работите тргнаа наопаку за неа. Сплотеноста околу лидерот во една цврста хиерархиска структура, во која јавно никој не смее да зборува поинаку од оној што е на врвот, во одреден момент станува самоуништувачка, дури и реакционерна. Уште повеќе кога тој лидер гласно соопштува дека некои меѓу нив заговарале и терористички акции. Дали е загубен компасот? Веројатно. Повиците дека тие се единствениот бедем за Македонија се празни зборови за самоизмама. Затоа што општеството се определи за друг правец. Прашање е колку вмровската номенклатура поради синдромот на заблудите може да го види тоа.

 

DW.COM

Реклама