Вакцини, маски, сертификати и други фантазии | Северна Македонија | DW | 22.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Вакцини, маски, сертификати и други фантазии

Омикронот не треба да се релативизира. Клучот за завршување на пандемијата е во вакцинацијата, а С. Македонија како да се откажа од неа. Пишува Љупчо Поповски

Во настаните што се одвиваат како на филмска лента премиерот Димитар Ковачевски и другите луѓе во Владата немаат време да се осврнуваат назад на оние насмевки, срдечни ракувања и планови за време на визитата на Кирил Петков. Преговорите со Бугарија се едно 20, но справувањето со пандемијата друго 20. Фотографиите од фрлањето на крстот во Скопје го прикажаа Ковачевски како единствен носи маска во друштвото на мостот, во кое беше и архиепископот и градоначалничката на Скопје. Голем дел од насобраните крај брегот на Вардар, сепак, носеа маски. Но сликите од Охрид, на повеќеилјадната маса луѓе собрани крај езерото да ја видат процесијата на која градот е особено горд, многумина во државава ги остави задумани – речиси на прсти можеше да се избројат луѓето кои носат маски. Од градоначалникот, преку врвните луѓе на опозицијата, до граѓаните.

Очигледно, веќе нема дизгини со кои можат да се управуваат работите во пандемијата со ковидот. Како општеството да се префрла на дарвиновскиот концепт на преживување. Познати лекари велат дека треба да се укинат сертификатите, затоа што ја загубиле нивната смисла – дека никој тоа вистински не ги контролира. И тука во значајна мерка се во право. Но поенатата не е тие да се укинат зошто никој не ги контролира, туку државата да направи систем во кој ќе се контролираат. Некои велат дека треба да се отфрлат и маските.

Други колумни од авторот: Заминувањето на последните „преспанци“

Ако погледнеме три недели наназад, на оние веселби пред Нова година во преполните кафулиња и ресторани од кои ечеше заглушувачка музика и пренатрупаност како од оние славни времиња на „Ван Гог“ и „Зи-Зи Топ“ (познати кафулиња во Скопје) тогаш прашањето е неминовно – води ли некој сега воопшто грижа што се случува со заразата со короната во државава. Кога оној претставник на угостителите постојано ќе се јавува преку телевизиите за да забележува или протестира за секоја построга мерка на властите околу ограничување на заразата, треба да му се проектира еден филм како колаж за она што се случуваше во Скопје пред Нова година и за време на ноќта. Тој секогаш тврди дека оние угостители што не ги почитуваат мерките треба да бидат казнети, но таа синтагма веќе не може да се употребува – бидејќи сега само многу мал број ги почитува мерките.

Прифаќање на вирусот

Дали е ова показател дека граѓаните, државата и здравствените власти се вртат кон нова ковид стратегија: прифаќање на вирусот. И без да се објават координатите или концептите на таа нова стратегија. Во овој момент на многумина им изгледа дека здравствените власти како да се насочиле кон тоа да видат што ќе донесе времето. Омикронот, според сите досегашни податоци, не докрај докажани преку студии, носи не толку тешки здравствени слики, има помалку хоспитализации, но луѓето сепак умираат. Насекаде, не само во Северна Македонија. Бројките на починати се големи и во Србија, и во Хрватска, и во Бугарија, и во Британија, и во Франција... Бројот на активни случаи во С. Македонија вчера изнесуваше 19.714. Препораката на Комисијата за заразни болести да се намали периодот на изолација кај ковид позитивните, кои се главно асимптоматски, од десет на седум дена е дел од тој нов пристап кој се применува и во повеќе европски земји. Но тоа е маргинална мерка, повеќе да ги одржи во кондиција компаниите, производството и работата на државните институции и служби.

Кој би можел да каже дека три четвртини од овие сегашни активни случаи се лесни и дека инфекцијата нема да има никакви последици врз здравјето на луѓето во натамошните шест, осум или десет месеци. Омикрон е веројатно половина помалку смртоносен од Делта сојот. Но исто така знаеме дека Делта варијантата е двојно посмртоносна од сојот од 2020 година, кога немаше вакцини. Светската здравствена организација речиси секојдневно го проценува ризикот од Омикрон како многу висок и дека нема вистински податоци за тежината на болеста кај невакцинираните луѓе.

Во Франција вчера имаше 400 илјади нови случаи и 233 починати. Австралија во петокот објави 80 смртни случаи, највисок број од почетокот на пандемијата. Полскиот премиер вчера им препорача на граѓаните да работат од дома откако забележа 36 илјади нови случаи и 248 починати. Не изгледа дека Омикронот е толку наивен и лесен. При толку многу големи бројки има значаен број луѓе од оние кои се заболени а имаат кревко здравје.

Од почетокот на епидемијата имаше многу контроверзни тврдења. Експертите на СЗО во првите месеци велеа дека короната не се пренесува преку воздух, дека е најважно миењето раце. Па се спроведоа огромни успешни кампањи за миење раце, а потоа и за проветрување. Подоцна стигна доказите дека САРС-КоВ-2 навистина се пренесува преку воздухот, па маските станаа незабиколен дел од нашиот живот. Сега некои заговараат да сме ги тргнеле маските, иако тие се едни од најделотворните елементи за заштита. Еве, Ирска од денес ги укинува речиси сите рестрикции за Ковид-19, но маските остануваат во задолжителна употреба, а и самоизолацијата откако ќе бидеш позитивен на корона. Во Шпанија од пред еден месец повторно е задолжителна употребата на маските на отворено, а казните за непочитување се многу големи.

Други колумни од авторот: Како да се излечи проколнатото

Во Европа и САД се вели дека ова сѐ уште е пандемија и тоа токму поради Омикрон, а и Делта. И дека тоа не може да се спушти на ниво на епидемија ограничана на една или повеќе земји, или неколку региони во одделни држави. Врвниот американски експерт, д-р Ентони Фаучи, зборувајќи на панелот на Светскиот економски форум во понеделникот рече дека Ковид-19 не може да се смета за ендемски сѐ додека „не падне на ниво кога нема да го нарушува општеството“. Европскиот центар за превенција на болести ги советува државите да преминат на рутинско справување со Ковид-19 дури откако пандемијата ќе заврши.

Клучот за равенката

Најважниот клуч за решавањето на целата оваа „равенка“ со пандемијата лежи во вакцините. За огромна жал, Северна Македонија како да се откажа од нив. Некогаш изгледа дури и од необјасниви причини. Министрите за здравство на Европската унија вчера добија насоки да го подготват админстрирањето на четвртата доза од вакцините кога податоците за тоа ќе кажат дека тоа е потребно, затоа што Омикрон сојот во многу земји ги остави болниците да работат со 30 до 50 отсто помал капацитет бидејќи многу здравствени работници се заболени. Како што дознавме, и во некои од клиниките во Скопје и другите македонски градови ситуацијата е слична.

Во С. Македонија најмногу се инокулираат со трета доза оние што и претходно биле вакцинирани. Министерот за здравство, Беким Сали, вчера во првата јавна изјава откако стапи на должност ги повика граѓаните на поголема вакцинација. Но тоа не е доволно. Потребни се нов пристап и стратегија да се зголеми бројот на вакцинираните, кој сега едвај да изнесува 40 отсто. Тоа е ужасно малку. Премиерот Ковачевски изјави дека не сака со принуда да ги тера луѓето на вакцинација. Дали е тоа адекватен пристап?

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски

Сите овде од час во час следеа што му се случуваше на Новак Ѓоковиќ во Австралија. Нема вакцини, нема влегување во земјата. Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна изјави дека ќе направи сѐ да им го загорчи секојдевниот живот на невакцинираните – дека државата ќе им ги ускрати сите можни активности на кои се навикнале – театри, кина, ресторани, изложби. Со новиот закон што беше усвоен минатата недела, Ѓоковиќ не ќе може да учествува на Ролан Гарос ако не е вакциниран. Ѓоковиќ, според правилата усвоени во САД, во декември не ќе може да учествува ни на Грен слемот во Њујорк, ниту на трите големи мастерс тениски турнири во таа земја. Државата презема мерки, а изборот е твој дали ќе бидеш во рамките на тие мерки или самиот ќе се исклучиш од твојот живот. 

Гледај видео 01:24

Борба за живот во тетовската болница

Австрија во четвртокот донесе закон за задолжителна вакцинација. Таа има една од најниските стапки на вакцинација во ЕУ од 72 отсто. За овој закон, кој ќе важи од февруари, владата обезбеди широко мнозинство со поддршка од опозицијата. А воведе и државна лотарија во која секој десетти вакциниран човек ќе добива по 500 евра. Министерот за здравство пред гласањето изјави дека тоа е „одлука за враќање на животот каков што го знаевме пред пандемија“. Владата ќе почне да ги казнува оние кои одбиваат да се придржуваат на законот до 3.600 евра од средината на март па натаму.

Во Италија е задолжителна вакцинацијата за сите што се постари од 50 години. За задолжителна вакцинација се размислува и во Германија. Кога Австрија веќе го скрши мразот на многу други земји ќе им биде полесно. По одлуките за задолжителна вакцинација на сопствените граѓани следниот чекор ќе биде и вакцинален документ и на странците што доаѓаат во нивните земји.

Правилата се менуваат, Ковид-19 е уште пандемија. Никој не знае дали по Омикрон нема се јави уште некој сој. Пред појавата на Делта светот веруваше дека заразата ќе стивне. Но демантот на вирусот беше страшен, луѓето умираа како поснопица. Омикронот е најбрзо ширечки вирус што го има искусено човештвото. И сѐ уште е незапирлив.

Преговорите со Бугаријаили енергетската криза не се најголемите проблеми на оваа држава. Здравјето на нејзините жители е најважниот проблем. Битката за вакцинација не е загубена, иако изгледа така. Време е властите со поддршка на другите политички и здравствени структури да се прегрупираат и да им дадат нов импулс на луѓето да ги засучат ракавите и да ја примат иглата. Пред 10 месеци властите беа под баражен оган (особено од опозицијата) дека не обезбедиле вакцини. Од денешен аспект тоа изгледа како бесмислен циркус. Вакцини има премногу во депоата, а веќе никој сериозно не зборува за вакцинацијата. Како сите да се загубија во политичките магли.