1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се излечи проколнатото

8 јануари 2022

Секој може да ја критикува власта. Тоа не е опасно за демократијата, но опасно е кога при тоа ги исклучуваш и масакрираш другите наводно во име на народот. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/45HyH
Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

Пред една година, на инаугурацијата на претседателот Џо Бајден, една млада поетеса, Аманда Горман, предизвика вистинска сензација рецитирајќи ја песната „Ридот што го искачуваме“, посветена на демократијата по трауматичните години на Доналд Трамп. Таа тогаш ја започна поемата со прашањето: „Каде можеме да најдеме светлина/во оваа бесконечна сенка?“

Пред Нова година, Горман, во стилот на новото време, на Инстаграм рецитираше песна наречена „Нова дневна лирика“, каде што вели: „Она што беше проколнато/ние ќе го излечиме, Она што беше извалкано/ние ќе го покажеме чисто“. И порачува „Затоа, да не се враќаме на она што беше нормално/туку да посегнеме кон она што е следно“.

Поетите ја имаат таа извонредна можност на феноменален начин да зборуваат за тескобите, иднината, сегашноста. Некогаш тоа е брилијантно, а некогаш осредно. Нивните стихови секогаш ги погаѓаат луѓето кога треба. Па дури и кога зборуваат за политиката и демократијата. А политичарите можат да кажуваат цели есеи за истите работи, но нивните зборови да прелетуваат крај ушите на луѓето, како и честитките при новогодишните гушкања.

Се разбира, стиховите на Аманда Горман не се наменети само за американската демократија и Американците. Тие, на пример, во целост може да се се применат и за состојбата на македонското општество. Поточно кажано, на македонската свест. Кога ја нема македонската Горман тогаш е добро да го слушаме и оригиналот. Кога и со борина не може да се пронајде некој кој ќе кажува вакви суптилни но директни пораки, не е лошо да се свртиме со Горман. Или ако ги има, а не се затруени со политиката, треба да им помогнеме да излезат на виделина и да им дадеме гласност. Во името на сите.

Младата американска поетеса, Аманда Горман на инаугурацијата на Џо Бајден  на 20 јануари 2021
Младата американска поетеса, Аманда Горман на инаугурацијата на Џо Бајден на 20 јануари 2021Фотографија: Patrick Semansky/REUTERS

Македонските трујачи

Тоа се чини дека е апсолутно сизифовска работа за општеството кое е „проколнато“, што би рекла Горман. Но не значи дека е невозможна.

Последниве двесетина години главните трујачи на „проколнатата“ Македонија се политичарите и нивните медиумски трабанти и аѓутанти. Оваа голема масовна трујачница прекрива сѐ – и сите убави и сите лоши предлози, и сите вистински и сите лажни политики, и сите успеси и сите порази, и сите медиокритети и сите генијалци. Едноставно, сѐ е фрлено во мочуриштето (како што сакаат да се изразат со трамповскиот јазик овдешните десничарски политичари).

Повеќе од авторот:Што да се прави со победата... и со поразот

Вацлав Хавел, тој неповторлив демократски гигант, во 1992 година, пред распаѓањето на Чехословачка, им го порача ова на своите сонародници:

„Ве повикувам да не ги поддржувате оние кои ветуваат дека ќе ви решат сѐ. Таквите луѓе сакаат само да молчите, да слушате и да држите чекор. Ве повикувам да не ги поддржувате оние кои имаат диктаторски тенденции, пречесто менуваат мислења, не можат да преговараат со другите, нудат разни авантуристички, непромислени и неодговорни решенија и кои повеќе би сакале да се вратат на централистичкото управување со сите наши заеднички работи“.

Тешко е да се каже дека и во неговата татковина ги слушаат овие препораки за кого да не се гласа по популистичкото искуство со Андреј Бабиш. А тешко е да се каже дека некој би ги изрекол овие зборови во Македонија, а инстантно да не биде претворен во црн ѓавол, омаловажен навреден, извалкан. Со неколку збора – да биде уништен.

Тоа на директен начин е поврзано со популизмот, да се отфрли сѐ она што не е во доменот на сопствениот светоглед или интерес. Извонредниот научник, политички филозоф и историчар, Јан-Вернер Милер, вака ги објаснува нихилистичките политики на популистите:

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

„Додека се во опозиција, и популистичките политичари и партии ги критикуваат владите и другите партии, но она што е клучно за мене е што тие тврдат дека само тие претставуваат нешто што го нарекуваат ‘вистински народ’ или, што е исто така типично, ‘тивко мнозинство’. Ова има две штетни последици за демократијата. Едната од нив е дека популистите ќе тврдат дека сите други ривали за моќ се фундаментално нелегитимни.

Повеќе од авторот:А зошто Црвенковски да не биде мандатар?

Никогаш не е само несогласување за политиката, ниту за вредностите, што е сосема нормално во една демократија, дури може да биде и продуктивно. Не, популистите секогаш веднаш преминуваат на личното и моралното. Оваа тенденција едноставно да се отпише секој друг како корумпиран, расипан, затоа што тој не работи за народот, оваа шема секогаш се повторува. Друга и помалку очигледна работа е дека популистите исто така ќе сугерираат дека секој кој не се согласува со нивната концепција за вистинскиот народ, па затоа не ги поддржува политички, всушност не му припаѓа на вистинскиот народ“.

„Корумпирани и расипани“

Ви изгледа ли во оваа оценка позната кога ќе се префрлите во Македонија? Некој ќе рече дека дека професорот од Принстон, Милер, како да ги земал примерите за научното толкување од овде кога зборува за беспримерните напади на личностите.

Кога грогираниот СДСМ го избра новиот лидер, а тој потоа го предложи новото раководство на партијата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ поименично го напаѓаше секој од тие луѓе, наведувајќи дека секој од нив е „корумпиран и расипан“ и дека нема никакво право да биде дел од македонската политика. Се разбира, затоа што не го претставува народот. Кога Димитар Ковачевски беше избран на непосредно гласање на членството на СДСМ за нов лидер на партијата (истиот ден кога ВМРО-ДПМНЕ го одбра Христијан Мицкоски на конгрес како единствен кандидат) опозициската партија по неколку минути објави соопштение во кое него го означи како „пион“ на Заев.

Nord-Mazedonien Skopje | Dimitar Kovacevski zum neuen Präsidenten der Sozialdemokraten gewählt
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Во основа, ова е политички бизнис модел кој се заснова на најдлабокиот можен јаз меѓу луѓето. Што е најважно во него? Да се создаваат ситуации за екстремна поларизација. Во таа ситуација дел од граѓаните се чувствуваат принудени да застанат зад едната страна. Па дури и кога имаат забелешки за личноста за која мислат дека ги брани нивните интереси, ги промовира нивните идеи, па дури и нивниот идентитет. Тогаш, всушност, како што вели Милер, доаѓа најголемата опасност за демократијата - луѓето кои мнозинството ги смета за одбивни да добиваат мандати.

Повеќе од авторот:Големите илузии на Балканот

Откако ќе дојдат таквите околности, веќе е доцна.

Кога неодамна советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје предложи да се вратат имињата на улиците кои беа усвоени во времето на Никола Груевски, голем број луѓе, особено на социјалните мрежи, се најдоа затечени. Тие мислеа дека со негласањето за СДСМ ја казнуваат партијата затоа што не ги исполни ветувањата, затоа што го загуби допирот со граѓаните, затоа што ѝ снемаа идеи, но не очекуваа дека вмровската реставрација ќе оди толку брзо. Секако дека имаат целосно право да не гласаат за СДСМ затоа што ги изедоа нивните надежи, но сега се прашуваат дали им дале мандат на оние луѓе кои, всушност, не ги промовираат нивните интереси.

И главното прашање – дали можеби се доаѓа до границата кога може да биде доцна. Неодамна, во една телевизиска дебатна емисија околу демократијата, Илија Димовски велеше дека ВМРО-ДПМНЕ во својот фундамент е либерална партија. Демохристијанска, патриотска - ама либерална. Можеби тој сакаше да ѝ даде на вмровската торта некаков либерален фил, којшто никој не може да го најде, за да биде повкусна за поголем број избирачи. Но веднаш утредента неговата партија со најмалку 7-8 соопштенија се потруди овие тврдења на Димовски да ги стави во графата „измислици“, затоа што политичките ривали беа обвинети како корумпирани кои не ги сака нивниот народ.

Се разбира дека секој може да ги критикува елитите. Тоа не е опасно за демократијата, па и тогаш кога не сме во право. Но, како што вели Јан-Вернер Милер „она што е опасно е тенденцијата да се исклучуваат другите“.

Nord-Mazedonien | Hristijan Mickoski wiedergewählter Präsident von VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во Македонија нема левичарски популизам од типот на Сириза во Грција или Подемос во Шпанија, кои сепак не ги исклучуваат другите во политичака арена. Овдешнава Левица на некој начин е франкенштајнски политички субјект, дури ни самите не можат да го сублимираат нивното политичко кредо. Затоа десничарскиот популизам преку најголемата мејнстрим партија го има окупирана целиот простор – и на десно и на лево.

Се чини дека Димитар Ковачевски ќе има херкуловска задача во 2022 година да најде некаков лек за барем малку да ја смири проколнатоста на општеството. Толку малку се знае за него (без оглед на биографските детали) што не е јасно дали може да успее. Технократскиот пристап не ги лечи заболените општества, потребна е политичка и идеолошка визија. Некој тим може добро технолошки да функционира и толку, па доаѓа опасноста да се етаблира само како политичка мануфактура. Клучот за владеењето на Ковачевски ќе биде да го намали јазот меѓу луѓето, да го намали маневарскиот простор на популистите и да го израмни полето за добар политички натпревар. Тоа е речиси невозможна задача, но зошто би требало да се отфрли како идеја за која треба да се бориш. Како што вели Аманда Горман: „Да посегнеме кон она што е следно".

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар