1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Вадефул: Безбедноста на Гренланд мора да се решава во НАТО

ЕМФ / ртр
12 јануари 2026

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул нагласува дека безбедноста на Гренланд треба да се решава во рамките на НАТО, додека Европа разгледува засилено присуство во регионот.

https://p.dw.com/p/56f4p
Исланд Рејкјавик 2026 | Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул на пат кон САД дава изјава за медиумите
Вадефул: Прашањето за безбедноста во Северниот Атлантик треба да се решава во рамките на НАТОФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Во контекст на американските аспирации кон Гренланд, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека прашањето за безбедноста во Северниот Атлантик треба да се решава во рамките на НАТО.

Светот се менува и се појавуваат нови безбедносни предизвици, рече Вадефул во неделата (11.01) за време на престојот во Исланд, кој е меѓустаница на неговиот лет кон САД. „И на тоа секогаш ќе мора да даваме соодветни одговори. Но одговори во рамките на НАТО.“

Германија секогаш била подготвена тоа да го дискутира заедно со сојузниците, вели шефот на германската дипломатија. Вадефул треба да се сретне во Вашингтон со американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио.

Весникот „Телеграф“ во саботата објави дека британски воени претставници разговараат со колеги од други европски земји за можна НАТО-мисија во Гренланд. Во разговорите учестува и Германија.

Британската министерка за транспорт, Хајди Александер, за Скај Њус во неделата изјави дека одвраќањето на рускиот претседател Владимир Путин е рутина – „business as usual“.

Агенцијата Блумберг, повикувајќи се на инсајдерски информации, објави дека Велика Британија и Германија со други држави разгледуваат засилување на военото присуство во Гренланд. Германија наводно сака да предложи заедничка НАТО-мисија.

Инсајдер: Извештаите за големи операции се претерани

Во кругови на германската влада се вели дека извештаите за голема воена операција или стационирање, односно „НАТО-мисија“ во Гренланд, се претерани. „Станува збор само за политички гест кон САД, дека европските земји ја сфаќаат сериозно својата обврска во поглед на безбедноста на Гренланд“, изјави инсajдер за новинската агенција Ројтерс во врска со разговорите во НАТО. Канцеларот Фридрих Мерц, како што се вели, паралелно води разговори со засегнатите влади.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги оправда американските претензии кон Гренланд со одбраната од Русија и Кина. Според него, САД мора од причини на национална безбедност да ја стават под своја контрола оваа островска територија, иако таму веќе имаат воено присуство врз основа на договор од 1951 година.

Островот со 57.000 жители е автономна територија на Данска и е богат со минерални ресурси. САД и Данска преку членството во НАТО се обврзани на заемна помош.