1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарски интелектуалци ја осудија декларацијата на Софија

БГ
11 октомври 2019

Група бугарски интелектуалци започнаа петиција против декларацијата на бугарската влада во однос на ЕУ интеграциите на Северна Македонија, која предизвика шок во Скопје. Сметаат дека Софија промовира потценувачки однос

https://p.dw.com/p/3R66A
Justizministerin Ekaterina Zaharieva Bulgarien Boyko Borissov
Фотографија: BGNES

Бугарските интелектуалци го сметаат за апсолутно неприфатливо враќањето на јазикот на националкомунизмот, за каков што го сметаат оној употребен во декларацијата на бугарската влада која беше прифатена и од парламентот. Во декларацијата на официјална Софија се наведуваат серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ. Едно од клучните барања на источниот сосед е никаде на ниво на ЕУ да не се споменува македонскиот јазик.

Група бугарски интелектуалци, меѓу кои има историчари, адвокати, етнолози, политолози, и црковни лица, започнаа отворена петиција во која со контра-декларација остро ги критикуваат позициите на нивната влада.
„Го изразуваме нашето разочарување и длабока загриженост од рамковната позиција на бугарската влада“, пишуваат интелектуалците меѓу кои досега се потпишани Огњан Минчев, Николај Василев, Кирил Чуканов и други познати јавни личности. Тие велат дека ги поддржуваат барањата за забрзана работа на мешовитата историска комисија, но не можат да се согласат со „тонот на декларацијата“, кој го оценуваат како „недозволив.“

Нема лесни одговори
„Таа содржи голем број на загрижувачки и проблематични барања“, наведуваат тие и оценуваат дека инсистирањето на „заедничка историја до 1944 година“ од научна гледна точка е тешко за одбрана.
„Во неколку наврати тоа се навестува само како историја на еден народ- бугарскиот. Во пракса, всушност се бара од македонската страна да ја препише бугарската историја до таа година. Всушност, денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација. Затоа, ние го осудуваме поимот ’кражба на историјата’, кој честопати се користи од некои националисти од обете страни.“
„Рамковната позиција исто така вклучува и наивно разбирање, дека за прашањата на идентитетот на сите историски личности има лесни и недвосмислени одговори од денешна гледна точка, поради што се поедноставува дилемата ’или Бугарин или Македонец’“, пишуваат бугарските интелектуалци.

Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje
Премиерите Борисов и Заев пред гробот на Гоце Делчев во Скопје во 2017 годинаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Тие во тој контекст го критикуваат и барањето во учебниците во оригинал да се користат историските извори од 19 и 20 век.

„Имајќи ги предвид наведените хронолошки рамки, во случајот очигледно не се работи за грижа учениците во Бугарија и Македонија да се запознаат со оригиналните историски извори, туку, тоа е насочено единствено кон едната од двете држави со нескриени подалечни цели.“

Потценувачки однос
Најзагрижувачки, според бугарските интелектуалци, е негирањето и потценувањето на македонската култура, и политичкиот и културниот идентитет на Република С. Македонија.

„Негирањето и потценувањето на македонската култура создадена во последните децении може само да поттикне омраза кон Бугарија. На овој начин, бугарската рамковна позиција, наместо да ги зајакне нашите врски засновани врз нашата заедничка историја, ќе се претвори во нова линија на поделба исполнета со сомнеж и непријателство. Сето ова е длабоко вознемирувачко и го доведува во прашање севкупниот развој на преговорите во иднина“, се наведува во декларацијата.
Наместо ултиматуми, бугарските интелектуалци бараата зајакната соработка меѓу двете држави на сите полиња, од културата до економијата. Тие прашуваат: кога Бугарија ќе обезбеди потрајно културно присуство во соседната земја; кога ќе започне пракса на збратимување на градови од двете страни на границата; зошто нема заеднички проекти финансирани од Бугарија; зошто нема напредок во развојот на Коридорот 8; и кога конечно ќе се направи железничка линија меѓу Софија и Скопје?
„Изразуваме длабока загриженост дека чисто конјунктурните и веројатно предизборни размислувања и амбиции,  ризикуваат уште еднаш да ги стават на спореден пат процесите што започнаа во последните две години. За нас, градењето стратешко партнерство со Република Северна Македонија е од клучно значење за промоција на бугарските национални интереси и националната безбедност“, пишуваат бугарските интелектуалци во петицијата до бугарската влада.