Брисел ја крена македонската опозиција - најавена „последна пресметка“ | Северна Македонија | DW | 18.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Брисел ја крена македонската опозиција - најавена „последна пресметка“

Седумнаесети октомври е денот кога завршува трпението на ВМРО-ДПМНЕ. Од денеска почнува последната пресметка, повика лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи битка и победа на предвремени избори.

Нова неизвесност му претходи и на вториот ден од  лидерскиот самит во Брисел,  откако вчерашниот завршил без усогласени заклучоци по прашањето за проширувањето на ЕУ.

 „Нема заклучоци денеска“, изјави рано изутрината финскиот премиер Анти Рине.

По неколку обиди да се усогласат нацрт- заклучоци, пред полноќ стигнал француски предлог за компромис: да се одложи одлуката за преговори за двете земји за пролетта 2020 (април), пред самитот за Западен Балкан во Загреб. Наводно, рокот бил даден со цел Скопје во следните шест месеци да спроведе дополнителни реформи, а Тирана да ги спречи барањата на азил од страна на нејзини државјани.

Опцијата за трето одложување на одлуката била неприфатлива за повеќе земји  кои сметале дека не смее да има никакво одлагање и дека одлуката „мора да се донесе денеска или утре“. Како што јавува МИА, повикувајќи се на извори од земја членка на ЕУ, поради ова земјите поддржувачи на проширувањето го одбиле францускиот предлог и одлучиле дека е „подобро да нема воопшто заклучоци отколку лоши заклучоци“. Според Рине, не е исклучено лидерите повторно да се навратат на прашањето во текот на денешниот ден, но нема гаранции дали тоа ќе се случи.

Мицкоски: Ќе одговараат оние што се` распродадоа!

Ваквата неизвесност, уште пред  последните вести од Брисел,  синоќа ја искористи лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој од Гевгелија порача дека 17-ти октомври е денот кога завршува трпението на опозициската коалиција.

„Ние рековме ќе му дадеме шанса на процесот, а 17-ти октомври е денот кога завршува трпението на ВМРО-ДПМНЕ, 17-ти октомври е денот кога јас стојам пред вас и ви велам: придружете ни се од денеска, да изгрее она вистинското сонце на слободата во Македонија и да победиме на следните предвремени парламентарни избори", повика Мицкоски.

Во јавноста се поделени мислењата дали отсуството на одлука за преговори на земјата со ЕУ мора да заврши со предвремени избори, но Мицкоски нема таква дилема.

„Не очекувајте дека овие арамии, овие камиказа-политичари, сами по себе ќе заминат. Ни треба обединување. Од денеска 24 часа на ден нашиот дом ќе биде плоштадот, улицата, вратата на нашите соседи, на нашите сограѓани ширум цела Македонија. Од денеска почнува последната пресметка. Од денеска ја најавувам големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и ‘Коалицијата за подобра Македонија'. Од денеска ве повикувам  - секој оној кој мисли дека политиките на Зоран Заев и на СДСМ се погрешни, да ни се придружи без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин, Ром Влав, Бошњак, Србин, без разлика дали е некој од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и или е од редовите на СДСМ. Сега не е време за очајување, не е време за тажење, туку време за обединување под бајракот на државата со лавот на срцето и кон една голема победа на ВМРО-ДПМНЕ “, порача Мицкоски.

Тој најави огромна победа на неговата партија и коалицијата на следните предвремени парламентарни избори, а најави и одговорност за политичките опоненти.

„Ви ветувам дека првиот ден, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ прво што ќе направи е одговорност за овие неразбрани трговци коишто распродадоа се` што значеше а кое што не` одржуваше обединети и силни, а тоа е македонштината и Македонецот во нас. Јас ви ветувам дека ќе сносат одговорност“, рече Мицкоски.

Заев: Од оваа неизвесност ќе излеземе посилни и поискусни

За разлика од него,  премиерот Заев,  синоќа преку Фејбук се обрати до граѓаните со порака за продолжување по реформскиот и европскиот пат.

Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev (DW/P. Stojanovski )

Заев потсетува: земјата станува членка на НАТО

„Никој не може да ни ги одземе реформите и промените кои заедно ги постигнавме, а од оваа неизвесност ќе излеземе само посилни и поискусни. Никој не може да не` спречи да продолжиме по патот по кој цврсто напредуваме - патот на раст на платите, патот на борба против корупцијата, сиромаштијата и загадувањето, патот на социјална заштита на ранливите, патот на градење институции кои се поткрепа на секој граѓанин“, рече Заев.

Во обраќањето потсети дека земјата станува членка на НАТО, што е стратегиска цел од независноста до денес.

„Тоа не` носи неповратно напред, стабилни и безбедни во сојуз со најмоќните. Во исто време ќе продолжиме да бидеме пример и мотивација за позитивна промена во регионот. Јасно е дека Балканот се промени и дека станува извор на стабилност. ЕУ добро го знае тоа, и мора да прифати дека и Балканот е европски. Остануваме посветени и со работа докажуваме каде ни е местото. Тоа е добро за нас, за регионот и за самата ЕУ“, порача Заев.

 

DW.COM

Реклама