Брегзит: Судбоносен момент за Велика Британија | Свет | DW | 11.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Брегзит: Судбоносен момент за Велика Британија

Наредниот вторник Долниот дом на британскиот парламент ќе го прифати или отфрли дилот за излегување од ЕУ, кој Тереза Меј го договори во Брисел. Подобро би било да го отфрли, смета Биргит Мас.

Тешко дека постои некој пратеник во Долниот дом во британскиот парламент кој не го чувствува товарот на историското значење кое го има гласањето наредната недела. Неговиот резултат ќе ја обележи судбината на генерации британски граѓани: од него ќе зависи економската иднина на земјата, нејзиниот углед во светот, соживотот на нејзините граѓани и односот кон доселениците. Во моментов се чини дека премиерката може да доживее горчлив пораз - и добро е што е така. Бидејќи, договорот за излегување на Велика Британија од ЕУ е далеку од тоа што симпатизерите на Брегзит им го ветуваа на своите следбеници.

Велика Британија, рака на срце, за неколку години ќе може да избира кои мигранти од кои членки на ЕУ ќе ги пушта во земјата, а кои не, и навистина ќе ги напушти институциите на Европската унија, но Брегзит ќе биде реализиран на штета на економскиот раст - и тоа во голема мерка. За милијардите кои со него ќе се заштедат, а кои поборниците за Брегзит ветуваа дека ќе ги вложат во здравствениот систем, не може да стане ни збор. Суверена Велика Британија надвор од ЕУ, во која ќе течат само мед и млеко, ќе остане само плод на имагинација.

Изгубен морален компас

Тереза Меј направи многу грешки: долго им ги премолчуваше на своите граѓани економските последици од напуштањето на Европската унија, никогаш јасно не им кажа дека Велика Британија мора да се согласи на компромиси во преговорите со ЕУ, ако не сака болно, без договор, на крајот на март да одлета од ЕУ. Наместо да гради мостови, таа го продлабочуваше јазот меѓу различните групи во земјата. Многумина ги шокираше нарекувајќи ги оние кои се гледаат како мобилни граѓани на светот - значи, без двоумење мислејќи на проевропските настроени граѓани - „citizens of nowhere".

Повеќе:

-Ирска бара помош од ЕУ во случај на Брегзит-хаос

-ЕУ се подготвува за тврд Брегзит

Нејзиното чувство за должност и челичната волја предизвикаа воодушевување и кај нејзините политички противници, но изгледа дека од пустата ревност британската премиерка го загуби моралниот компас. Се стекнува впечаток како да е опседната од божемна историска мисија, а таа гласи: да ја спроведе волјата на мнозинството граѓани кои гласаа на референдумот за Брегзит. Да ја запре непречената миграција на граѓаните од другите земји од ЕУ која за неа, изгледа, е Светиот грал. Веднаш на почетокот на преговорите себеси и својот тим го блокираше со преостро повлекување на „црвени линии“ како што е излегувањето од заедничката трговска и царинска унија.

Maaß Birgit Kommentarbild App

Биргит Мас, авторка на коментарот

Сега безуспешно се обидува да го разедини Долниот дом за да го убеди да ја поддржи нејзината линија - со аргуметот дека постои овој или никаков договор. Оти единствени алтернативе за излегувањето од ЕУ се без договор или неизлегување од ЕУ. Нов референдум за Брегзит децидно одбива.

Втор референдум 

Притоа, референдумот од 23 јуни 2016 година беше само моментален барометар на расположението во земјата, а предноста на поддржувачите на Брегзит не беше многу уверлива. Во меѓувреме е јасно дека бројни ветувања за Брегзит не се одржани, па би било демократски да се прашаат избирачите што сакаат.

Пратениците во Долниот дом затоа би требало да го одбијат предложениот договор и со тоа да го отворат патот за нов референдум. Секако оти Велика Британија може да излезе од ЕУ, но тоа скапо ќе ја чини економски. Народот би морал да добие можност да одлучи дали навистина сака да излезе од Европската унија под овие услови.

DW.COM

Реклама