Бојко Борисов побара прошка за терминот „Северномакедонци“ | Северна Македонија | DW | 01.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Бојко Борисов побара прошка за терминот „Северномакедонци“

Бугарскиот премиер им се извини на граѓаните на С. Македонија што ги нарекол „Северномакедонци“ и исклучи можност неговата земја да ги блокира интеграциите на земјата во НАТО.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов и македонскиот премиер Зоран Заев денеска се поклонија и  положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев  во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Борисов престојува во Македонија по повод заедничкото одбележување на двегодишнината од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка склучен меѓу двете земји. Тој и неговиот домаќин, македонскиот премиер Зоран Заев, претходно одржаа заедничка прес конференција, на која се осврнаа и на жолчната дебата - чиј е Гоце Делчев. Борисов истакна дека е време да завршат конфликтните теми поврзани со историјата, дека се надева оти историчарите ќе вложат огромни напори за правилно да се решат историските прашања. Борисов е уверен дека до октомври ќе се реши  чиј херој е Гоце Делчев,  но потенцираше дека и тој има граници и дека не сака да биде предавник на Бугарија, најави да не коментира ништо во врска со Гоце Делчев, додека комисиите составени од историчари не ја завршат својата работа.

Бугарскиот премиер на новинарско прашање категорично исклучи можност неговата држава да ги блокира интеграциите на Северна Македонија во НАТО:

„Дури не би сакал да мислам дека може да дојде до такво прашање, Бугарија да ја попречува Северна Македонија за членство во НАТО. Недозволено е јас да кренам рака против Северна Македонија.“

Борисов додаде дека од интерес на Бугарија е С. Македонија да влезе во НАТО и дека ќе ја има нејзината комплетна поддршка.

Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje

Бојко Борисов и Зоран Заев - заедничко поклонение на гробот на Гоце Делчев во Скопје

Премиерот на Бугарија се извини што рекол „северномакедонци“ во едно негово обраќање. Тој уверува дека станува збор за грешка.

„Моја грешка е што реков северномакедонци, извинете. Граѓани на Северна Македонија, простете, но јас тоа го кажав не сакајќи “, рече Борисов.

Бугарскиот премиер на почетокот од месецов, најавувајќи го славењето на Илинден рече дека со „северномакедонскиот премиер“ заедно ќе се поклонат пред споменикот на Гоце Делчев, а според бугарските медиуми по средбата со Стево Пендаровски во Сараево, бугарскиот премиер рекол дека „северномакедонскиот претседател е првиот северномакедонски политичар кој ги кажал нештата на најправилен начин“.

„Поттикнати од минатото и предизвикани од иднината, Северна Македонија и Бугарија, секој ден им покажуваат и на Балканот, Европа и светот, дека нашите предизвици можеме да ги решаваме преку разговори, почитување и трпеливост, без посредници. Постигнавме согласност и веќе заеднички чествуваме личности и настани од заедничката историја на нашите земји и народи“,  изјави македонскиот премиер Зоран Заев на прес конференцијата со својот бугарски колега. Тој верува дека ќе се најде решение и во однос на Гоце Делчев, како и тоа дека делата на Делчев можат само да ги поврзуваат двата народи. 

Гоце Делчев е личност и херој кој ги поврзува двата народи,  затоа и во Северна Македонија и Бугарија продолжуваме да му оддаваме почит на големиот  Делчев,  преку јазикот на заемното разбирање, заеднички со нашите блиски пријатели, кои споделуваат слични чувства, вредности и цели“, додаде Заев.

Бугарскиот премиер во Скопје ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски. Предвидено е Борисов и Заев потоа да заминат за Дојран каде што ќе положат цвеќе на споменикот на полковник Константин Каварналиев.

 

Реклама