1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов ќе бара нови избори во Бугарија

АТ/ миа/ афп16 мај 2013

Екс премиерот на Бугарија најави дека неговата партија ќе бара нови избори, поради нерегуларности на денот пред изборите. Борисов е уверен дека со новиот состав на парламентот нема да може да се формира стабилна влада.

https://p.dw.com/p/18ZMv
Фотографија: picture-alliance/AP

Поранешниот бугарски премиер и лидер на конзервативната партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов најави дека ќе иницира поништување на резултатите од парламентарните избори во земјата, одржани на 12 мај, поради „неправилности на денот пред гласањето“, односно откривањето на 350.000 фалсификувани гласачки ливчиња.

Борисов најави дека неговата партија ќе поднесе жалба до Уставниот суд и ќе бара поништување на изборите. Најдобро решение се нови избори, рече Борисов на неговиот прв јавен настап по парламентарните избори минатиот викенд. Според Борисов, доколку Уставниот суд не донесе одлука по ваквото барање до денот на одржувањето на конститутивната седница на новото Народно собрание, ГЕРБ, која има најмногу пратенички мандати, ќе се обиде да формира малцинска влада иако знае дека таа нема да биде поддржана во Парламентот. „Со актуелната поставеност со четири политички партии во Парламентот неможе да се формира стабилна влада“, нагласи екс премиерот укажувајќи на ненадминливите разлики со другите партии.

Доколку, ГЕРБ не успее да формира влада која ќе добите мнозинска поддршка во Парламентот, мандатот за формирање владин кабинет ќе го добие втората по бројност парламентарна сила, Бугарската социјалистичка партија (БСП). Социјалистите и нивниот традиционален коалициски партнер, партијата на бугарските Турци - Движењето за права и слободи (ДПС), заедно имаат 120 пратеници или еден помалку од потребните за парламентарно мнозинство.

Bulgarien Wahlen 2013
Фотографија: picture-alliance/AP

Аналитичарите оценуваат дека БСП и ДПС би можеле да најдат еден пратеник од редовите на ГЕРБ или на националистичката партија Атака, кој би ја подржал нивната коалициска влада.