„Бомбата“ од Битола за нарачани лустрации и разни други манипулации | Северна Македонија | DW | 08.04.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Бомбата“ од Битола за нарачани лустрации и разни други манипулации

СДСМ од Битола објави нови 13 телефонски разговори за кои тврди дека се однесуваат на коруптивното работење на градоначалникот Талески, на изборни нерегуларности, притисок врз приватни фирми и партиски вработувања.

Деветнаесетатта т.н „бомба“ на најголемата опозициска партија во Македонија, СДСМ, односно најновата група снимки од прислушкувани разговори денеска во Битола ја обелодени Васко Ковачевски, претседателот на Општинската организација (ОО) на СДСМ во Битола.

Во сетот разговори имаше и такви со кои, како што рече Ковачевски, се потврдува дека целта на Комисијата за верификација на фактите не е да расчисти со неправдите од минатото, туку да ги санкционира оние коишто и‘ пречат на власта.

„Во првиот разговор од овој сет ќе слушнете како лустраторите од комисијата за лустрација, или како што вели Јанкулоска „Томе, со таа бандата“, биле повикани во кабинетот на Никола Груевски“, рече Ковачевски. „Во вториот разговор, помеѓу Никола Груевски и Гордана Јанкулоска, ќе слушнете како заклучокот на претседателот на Комисијата за лустрација, битолчанецот Томе Аџиев, се усогласувал со Мартин Протуѓер, шеф на кабинетот на Никола Груевски“.

Машки глас, за кој се претпоставува дека е на премиерот Никола Груевски прашува: „ Горде, помина ли заклучокот на Томе Аџиев вчера?“, а потоа женски глас, наводно на Гордана Јанкулоска, додава: „Не е страшно, ќе го поминеме следната седница, а во меѓувреме тие што се побитни институции, нели вечер имаме состанок, ние, Архивот...јас ќе се чујам, денес планирав, со двајцава...“,

„Последните два разговори коишто ќе ги слушнеме денеска се помеѓу Антонио Милошоски и Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на факти. Овие разговори потврдуваат се'. Ќе слушнете како Милошоски договара со Аџиев на кој начин да биде спроведена постапка за лустрација. Во вториот и последен разговор се' станува јасно. Лицето за кое Милошоски бара да биде спроведена постапката за лустрација е всушност судија од Кичево. Замислете, причината, како што вели самиот Милошоски, е затоа што судијата правел многу големи проблеми за власта во Кичево“, рече Ковачевски.

Машкиот глас, наводно на Антонио Милошоски вели: „Значи човекот се вика Живко Туфегџиев, од Кичево е и поднел иницијатива за сомнение за судијата Драги, Драги Билевски од Кичево... И многу големи проблеми ни прави, дел од корупцијата во градот..., а другиот глас, наводно на Томе Аџиев, одговара: „Ќе го спроведиме, ќе го спроведиме ние... Ќе го пуштиме сега веднаш со сите...“

Во Битола денеска СДСМ објави и разговори, кои како што рече Ковачевски се однесуваат на местењето на изборите во градот и за партиските кадри кои треба да бидат вработени, ама и за тоа како е поделено „подземјето“ во Битола и како треба да се дисциплинираат непослушните бизнисмени.

На прес-конференцијата беше пуштен веќе еднаш презентираниот разговорот меѓу министрите за внатрешни работи и за финансии Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески за договорот којшто битолскиот градоначалник го склучил со „Транскоп“ за превоз на ученици, како и разговор меѓу претседателот на ОК на партијата Зоран Илиоски со министерот за транспорт Миле Јанакиески.

Меѓу снимките беа пуштени и разговори меѓу Владимир Талески, Влатко Мијалков, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, сопственикот на фирмата ГП „Пелистер“, Силјан Мицевски,

Мартин Протуѓер, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски....

„Правниот расплет“ ќе реши сѐ“

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески по телефонските разговори што денеска ги објави СДСМ, изјави дека правниот расплет ќе реши се‘. Талески оцени дека опозициската партија нема креативен потенцијал за демократски натпревар и сака да дојде на власт без избори, служејќи се со лаги, шекулации, монтажи и деструкција.

Околу два месеца, рече Талески, се врши притисок во јавноста со објавување снимки, монажи, шпекулации и интриги со цел дискредитирање на функционери од ВМРО-ДПМНЕ. - Едно е сигурно и проверено - за луѓето судиме според нивните дела, а не според нивните зборови. Правниот расплет ќе реши се’ и блиску им е крајот, рече Талески.

Граѓаните, наведе, имаат штета од СДСМ и кога е на власт и кога е во опозиција. „Нивни карактеристики се отпуштање од работа, ароганција, корупција, закани, мобинг, уцени, сеење страв, распаднати институции и објекти, уништени јавни претпријатија, лаги, малверзации, интриги, омраза, гнасење, деструкција, рече битолскиот градоначалник.

Реклама