Блиски Исток: Кери гледа зрак надеж | Свет | DW | 23.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Блиски Исток: Кери гледа зрак надеж

Американскиот министер за надворешни работи со своите разговори со Израел и Палестинците внесува малку надеж. Високиот комесар на ОН за бегалци, Пилај: Израелските операции може да се толкуваат како воени злосторства.

„Напреднавме неколку чекори“, изјави американскиот министер за надворешни работи Џон Кери во Ерусалим. Првите прогнози со позитивен призвук, по бројните пропаднати посредувачки обиди, се примени со големо љубопитство.

„Но, има уште многу да се направи“, додаде Кери, заминувајќи за Рамалах на разговори со претседателот на Палестинците, Махмуд Абас.

Кери патува меѓу Израел и Палестинците, во меѓувреме контактира со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, и посредувачите во Египет. Бан, по сондирачките разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека веќе не смее да се губи ни момент:

„Ги обединуваме нашите сили за да издејствуваме прекин на огнот што е можно поскоро“.

Партијата на Абас застана зад централните барања на радикално-исламскиот Хамас. Во тоа спаѓа прекин на блокадата на Појасот Газа и ослободување на затворениците. Дипломатите оценуваат дека заедничкиот палестински став може да ги олесни преговорите. И предлог-резолуцијата, која во Советот за безбедност на ОН ја предложи Јордан, предвидеува крај на блокадата на Појасот Газа и примирје.

Пилај: Израелските операции може да се толкуваат како воени злосторства

Операциите на Израел во Појасот Газа, при што се уриваат куќи и се убиваат деца, би можеле да се толкуваат како воени злосторства и злосторства против човештвото, изјави високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Нави Пилај.

Таа на почетокот од вонредната седница на Советот на ОН за човекови права ги осуди и ракетните напади на Хамас врз Израел.

Пилај ги повика страните вклучени во вооружениот конфликт во Појасот Газа да прават разлика меѓу цивилите и учесниците во воени дејствија.

„Треба да се посвети внимание на заштита на правата на цивилите, вклучително и на децата. Непочитувањето на тие принципи може да се толкува како воено злосторство и злосторство против човештвото“, посочи Пилај.

Таа наведе дека од осми јули, почетокот на израелската операција во Појасот Газа, убиени се повеќе од 600 Палестинци, од кои 147 деца и 74 жени.

Реклама