БиХ: Со лажна диплома до работа во Германија | Свет | DW | 30.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

БиХ: Со лажна диплома до работа во Германија

Истражување на група новинари открива колку лесно се доаѓа до диплома во Босна и Херцеговина. Извештајот може да има последици и за Германија, каде е голема побарувачката на странски работници во некои бранши.

Со 1.250 евра и еден телефонски повик, новинарката Азра Омеровиќ тргна да станува негувателка.
„Заинтересирана сум затоа што добив понуда за работа во Германија“, вели Омеровиќ во видео кое го прикажува нејзиниот разговор со посредник. „Ќе ми биде потребна до средината на јануари“.
Само 17 дена подоцна, таа добива диплома издадена од постоечка техничка школа во која се наведува дека Омеровиќ завршила двегодишен курс за негувателка, со добри оценки и сите неопходни потписи и печати - сето тоа без да стапне во училница.

Истражувањето на Омеровиќ и на нејзиниот колега новинар Авдо Авдиќ од онлајн порталот Журнал.инфо предизвика бранувања во Босна и Херцеговина, но и во цела  Европа.

Загриженост за германските негуватели

Извештајот има сериозни импликации за Германија, која е една од најатрактивните дестинации за многу Босанци - особено меѓу школуваните негуватели. Повеќе од 50 илјади жители на БиХ имигрираа во Германија во 2016 и 2017 година, според официјалните податоци на германскиот Завод за миграции (БАМФ).
Многу Босанци во Германија наоѓаат работа во струки кои се дефицитарни, меѓу нив и во медицината и во негувателската индустрија.

Сите вработените во овие струки мора да имаат дипломи и други квалификации одобрени од Централното биро за странско образование (ЦАБ) за да можат да работат во Германија.

Од ова биро потврдија дека се свесни за случаите на измами во Босна и Херцеговина и веќе ги информирале локалните тела за ваквите случувања, информираше јавниот сервис АРД.

Но проблемот е што лажните дипломи честопати се издадени од вистински училишта кои веќе имаат добиено сертификати признаени од германските власти.

„Доколку ја погледнете дипломата која ние ја добивме ќе забележите дека делува официјално“, вели Авдиќ за ДВ. „Таа јасно укажува дека мојата колешка ги минала сите испити за негувателка. Покажува кои испити ги полагала и потврдува дека присуствувала на сите часови во период од две години“.

Bosniens gefälschter Diplommarkt (Zurnal.info)

Новинарот Авдо Авдиќ

„Оваа диплома не изгледа лажно“, додава тој.

Правосудни дупки

За време на војната во БиХ, многу лични документи беа загубени или уништени, вклучително и бројни средношколски и факултетски дипломи.

По завршувањето на војната, бизнисот со продажба на лажни дипломи постепено растеше. Сега веќе е јавна тајна дека многу луѓе успеаја да обезбедат школски дипломи купувајќи ги илегално.
Новинарскиот извештај веќе отвори постапка во парламентот на БиХ за преиспитување на дипломите на парламентарците.

Deutschland Pflege im Krankenhaus in Dresden (picture-alliance/dpa/S. Kahnert)

Обучените негуватели се многу барани во Германија

За да се реши проблемот, според Авдиќ, ќе биде потребна сериозна ревизија на училиштата кои ги издаваат лажните дипломи.

„Да имавме повеќе време за нашето истражување и повеќе ресурси на располагање, можевме да добиеме диплома од Правен факултет без да се појавиме на него, без ниту еден испит“, вели Авдиќ.

Извештајот ги апострофираше и слабостите на правосудниот систем во земјата. Авдиќ вели дека Журнал.инфо има докази дека повеќе лица вработени во правосудниот систем користат лажни дипломи.

DW.COM

Реклама