Берлин- клучна станица на патот до решение на спорот за името? | Северна Македонија | DW | 21.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Берлин- клучна станица на патот до решение на спорот за името?

Медиумите во Македонија и во Грција тежиштето на денешната средбата Меркел -Заев го ставаат главно во контекст на актуелните разговори меѓу Скопје и Атина за решавање на спорот за името

Вниманието на македонската и грчката јавност денеска е вперено кон Берлин, каде денеска македонскиот премиер Зоран Заев е во официјална посета, а покрај средбата со канцеларката Ангела Меркел, ќе се сретне и со германскиот претседател, Франк Валтер Штајнмаер.

Грчките медиуми го најавуваат терминот на заедничката прес-конференција на Меркел и Заев, во очекување на изјавите и пораките што ќе произлезат од неа. Тие потсетуваат дека првата средба на Заев со германската канцеларка се реализирала во јули минатата година, на маргините од самитот на ЕУ и Западен Балкан во Трст. 

Иако во агендата на средбата во Берлин се разговори за билатерални и актуелни прашања на европската и регионалната политика, медиумите тежиштето на оваа средба го ставаат главно во контекст на актуелните разговори меѓу Скопје и Атина за решавање на спорот за името. Во таа насока го толкуваат и вчерашниот телефонски разговор меѓу Меркел и Ципрас, кој и претходи на посетата на мекедонскиот премиер.

Повеќе:

-Заев кај Меркел по поддршка за името и НАТО

-Скандал Новартис - одвраќање внимание од спорот за името со Македонија?

-Ќе ја проба ли Заев супата на Меркел?

„Двајцата лидери разговараа за начинот на кој се водат преговорите за името на Македонија, провокативните акции на турските воздухопловни сили во Егејското Море и односите помеѓу Европската Унија и Турција“, соопшти Кабинетот на Ципрас.

Дали Берлин ќе биде клучната станица на патот до решение на спорот за името?

Дипломати со кои разговараше ДВ се воздржуваат од децидни одговори и велат дека „најклучна е решеноста и одговорноста на Скопје и Атина, но исклучително значајно и добредојдено е секое охрабрување и поддршка на тој процес“. 

И во Македонија, и во Грција, овие контакти се толкуваат како јасен сигнал дека постои интерес и силна меѓународна иницијатива спорот за името да резултира со комрпмисно решение, во интерес на добрососедството, регионалната и европската стабилност и безбедност.

Паѓа оптимизмот за позитивен исход?

Грчката телевизија „Скај“ вчера пренесе дека Ципрас ја известил германската канцеларка дека е неопходно решение на спорот за името преку промена на уставното име на соседната држава, и двајцата договориле средба в петок во Брисел, на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи.

Прашањето за промена на македонскиот Устав во грчките медиуми се повеќе се спомнува како главна пречка за напредок на разговорите. 

„Во однос на преговорите за прашањето за името на ПЈРМ, се чини дека сега постои загриженост во врска со напредокот на разговорите и можноста за позитивен исход“, објавува „Катимерини“.

Повикувајќи се на „добро информирани извори“, весникот пишува дека премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев се противи на промена на Уставот, со што се определува за двоен проект за името: името што ќе биде договорено со географска одредница да се користи за сите меѓународни организации, меѓународни форуми и меѓународни документи и организации, дури и во сертификатите за идентификација издадени за меѓународна употреба (на пример пасоши), но не и внесување на овие промени во Уставот.

„Првичниот оптимизам за финализирање на преговорите се чини дека полека ја напушта Атина“, заклучува „Катимерини“.

Медиумите ја пренесуваат и изјавата на лидерот на опозициската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, за весникот „Политико“, дека “треба да има пакет решение со кој сите проблеми ќе се решаваат истовремено - не само за името, туку и иредентизмот, учебниците, и на крај, и уставни промени, за да се гарантира она што ќе биде договорено“. 

Мицкоски со критики за Заев

И додека македонската страна е под силен притисок на грчките барања, не недостигаат и домашни критики. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа во емисијата „Отворено“ на ТВ „24 вести“ изјави дека Заев со јавно искажаниот став дека за македонската влада е прифатливо име со географска одредница, наштетува на преговарачките позиции на Македонија.

„Географска одредница сега е почетна преговарачка позиција на македонската влада, а компромисот во секој договор мора да се најде на средина, што значи дека Македонија веќе има нарушена преговарачка позиција. А, за двете страни да дојдат до договор, Македонија ќе мора да ги прифати максималистичките барања на грчката страна“, рече Мицкоски.

Повеќе:

-ВМРО-ДПМНЕ некогаш била уверена дека е нужен компромис, а денес?

-Заев: приближување со Грција за „лесните“ прашања

-Последниот бедем за името е дијаспората

Тој потенцираше дека јавноста не може да дојде до заклучок за успешноста на преговорите, ако постои конфузија, и ако Заев вели дека за три точки е постигнат договор, а Коѕијас вели дека нема никаков договор.

„Прво Заев имаше позиција дека ќе имаме референдум, потоа дека ќе имаме одложен референдум, за повторно да ја спомне позицијата дека ако се дојде до заеднички прифатливо решение истото би било дадено на референдум. Гледаме лиферување со можни црвени линии што секако не му помага на процесот, напротив, мислам дека тоа им штети на националните интереси на Република Македонија. Сѐ на сѐ, една конфузна ситуација во моментов се случува во овие преговори и за жал мислам дека процесот се претвора од игра која што треба да понуди решение во блејм гејм игра“, оцени Мицкоски.

Во однос на исходот на преговарачкиот процес тој изјави дека „ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да биде алиби за неуспех на владата на СДСМ, но и нема да прифати недостоинствено решение кое е спротивно на интересите на Македонија“.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име“, дециден беше Мицкоски, но не одговори кое решение е прифатливо за неговата партија.

 

DW.COM

Реклама