Бегалците - вечна тема | Свет | DW | 20.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бегалците - вечна тема

Темата бегалци веќе две години доминира во медиумите, а крај не е на повидок. Барем засега, сите актери избегнуваат непријатни дискусии, а профитерите задоволно тријат раце.

На гробиштата смрди. Во непосредна близина се наоѓа рафинерија за нафта, па ветрот редово донесува мирис на расипани јајца. За жал, тоа беше единственото парче земја кое можевме да го платиме, објаснува Сидек Џиаш од Црвената полумесечина. Многу побожни Либијци не сакаат мигрантите да бидат погребани на нивните гробишта. Џиаш има задача да пронајде место за последно почивалиште на оние кои умираат во обид да стигнат до Европа. Овде се закопани веќе преку 1.500 мртви, многумина во масовни гробници. „Би морале да работиме многу подобро“, вели Џиаш. Но, ова се вонредни времиња - предност имаат прагматичните решенија, а не човечкото достоинство. Само годинава, на пат кон Европа се удавија 2.000 луѓе.  

Шверцерите профитираат од неуспесите на политиката

Карл Коп од германската организација за човекови права Про азил за масовното умирање во Медитеранот вели дека е „најтажното поглавје во европската ерозија“, почната уште пред големиот бран бегалци кон Европа, кој овој континент го турна во криза - без изгледи за скоро решавање. 

По игра на околности, од тоа профитираат криумчарите на луѓе. Само во Северна Африка тие заработија половина милијарда евра. Некогаш „работеле“ повремено, по потреба, а сега се на дело организирани и професионални банди кои на мигрантите им ветуваат влезница во Европа.

За жал, решенијата не се толку едноставни како што многумина би сакале“, вели Гунтрам Волф од европскиот труст на мозоци, Бругел. Според мислењето на бројни набљудувачи, без отворена дискусија за непријатните факти и структурните дефицити на тековната миграциска политика, проблемот во наредните години ќе се зголемува, а со него и криумчарската индустрија. 

1. Европската Унија не е солидарна заедница

Уште во 90-те години, ЕУ се обидуваше да креира единствен закон за азил. Но, тоа доживеа неуспех поради недостатокот од политичка волја кај некои држави-членки и недостиг извршна сила во Европската комисија. За разлика од многу други области, економскиот притисок во врска со прашањето бегалци не функционира. Оливиеро Анѓели од Универзитетот во Дрезден вели: „Владите премногу се плашат од своите избирачи“.Во Источна Европа отпорот кон бегалците е посебно силен.  

2. И во Германија потфрли законот на азил

Шансата бегалец да добие азил во Германија, во голема мерка зависи од тоа во која покраина поднесува апликација. Коп од Про азил смета дека е тоа пропуст на службениците, кои се често преоптоварени и слабо обучени. Но, од другастрана, станува збор за многу јасна политичка цел:

„На пример, во 2015. година околу 70 проценти од Авганистанците добиваа азил. Сега, две години подоцна, додека во земјата ескалира насилството, таа квота е под 50 проценти. Тоа мора да е поврзано со нешто друго“, вели Коп. Кога во Германија одеднаш стигнаа многу Сиријци, почна да се прави разлика, па има бегалци од прва, втора и трета класа. Само сириските се „вистински“ бегалци. 

3. Многу бегалци немаат право на азил

„Луѓето бегаат од војна, терор и прогон“, читаме во медиумите. Меѓутоа, голем дел од проценките покажуваат дека околу половина од сите бегалци доаѓаат од економски причини - особено од Западна Африка. Според Женевската конвенција, тие луѓе немаат право на азил. Сепак, многу бегалци оттаму се обидуваат да добијат политички азил, наведувајќи неточни работи. Некои експерти укажуваат дека и кршењето на човековите права е една од причините за бегство од земјата на потекло.

4. Проблемот не може да се реши во земјите на потекло

„Причините за бегство мора да се решат во земјите од кои доаѓаат бегалците“, се наведува често во коментарите и дискусиите. Но, за жал, тоа е пристап кои би вродил плодови дури по неколку децении. Од еднастрана, истражувањата покажуваат дека со економскиот развој првично расте и миграцијата. Зашто, дури утописки 8.000 - 9.000 евра годишно по глава на жител би ги спречиле луѓето да заминуваат од своите земји. Второ, без поддршка од политичките елити од овие земји, невозможно е запирање на луѓето. „Тие се заинтересирани за статус-кво и затоа заминуваат млади, гневни мажи“, истакнува Волф. Покрај тоа, во игра се огромни суми пари кои мигрантите во вид на дознаки ги испраќаат во татковините.   

Потребни се повеќе легални канали за миграција

Речиси сите стручњаци истакнуваат дека може да помогне само микс од различни мерки. Тоа вклучува борба против криминалните банди криумчари на луѓе, и упорна политичка борба за поправедна распределба на товарот на бегалците во ЕУ. Треба да се разгледаат можностите и за нови легални канали на миграција, настрана од преоптоварениот и често злоупотребуван систем на азил од еднастрана и утописките барања за висококвалификувани работници од другастрана. Волф потенцира: „Јас сум отворен за мешавина од различни начини, од хуманитарни квоти, па сѐ до лотарија. Но, само ако успееме да создадеме легални канали за миграција, ќе го уништиме бизнис-моделот на бандите криумчари со луѓе и бедата на Медитеранот.“

Такво нешто би поздравил и Сидек Џиаш од Црвената полумесечина. И покрај масовните гробници, на гробиштата за кои тој се грижи, одамна им се заканува да стигнат до границите на своите капацитети.

 

DW.COM

Реклама