„Бегалецот“ Груевски во Унгарија: нова Балканска рута | Свет | DW | 17.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Бегалецот“ Груевски во Унгарија: нова Балканска рута

Унгарија во последно време им се заканува со затвор на помагачите на бегалци. Но, законот не важи и за Виктор Орбан, кој дозволи негов осуден пријател илегално да влезе во земјата.

Тој е осуден, не поседува патни документи и во неговата татковина по него е издадена потерница поради проневера на големи суми пари. Тој е глава на криминален клан и поседува повеќе мобилни телефони, илегално е прошверцуван во Унгарија, каде доставил барање за азил, за да ја избегне двегодишната затворска казна во неговата земја. 

Виктор Орбан го прими овој криминалец-бегалец со раширени раце, зашто станува збор за негов пријател и истомисленик, Никола Груевски, кој десет години беше македонски премиер.

Орбан истакнува дека не сака бегалци кои не се вклопуваат во унгарската култура. Но, Никола Груевски многу добро се вклопува во Орбановата култура. Двајцата се автократи кои за само неколку години ги уништија демократските структури во своите земји, уставно загарантираните граѓански права и слободата на печатот. Обајцата се корумпирани и од своите пријатели и роднини направија богати личности. И, и двајцата подбуцнуваат против бегалците, користејќи несварливи теории на заговор.

Во 2014. година Груевски силно се залагаше Македонија да биде прогласена за сигурна земја на потекло, а сега се чини самиот не е толку сигурен во тоа.

Долга листа на обвиненија

Груевски самиот во март 2016. година ги затвори границите кон Грција, блокирајќи ја на тој начин Балканската рута, за што доби пофалби од конзервативците и деснопопулистите во Европа. Австрискиот канцелар Себастијан Курц дури долетуваше во Скопје за да го поддржи во изборната кампања. Притоа, листата обвинувања против Груевски е долга. Тој дозволи илегално прислушување на десетици илјади граѓани, ставање во затвор критички новинари, се обиде да прикрие убиство на еден млад човек, жртва на неговите луѓе од обезбедувањето, а беше исклучително корумпиран, дури и за балкански прилики.

На Виктор Орбан секако тоа не му пречи - напротив. Во мај фирми блиски на Орбан купија македонски медиуми, кои оттогаш вршат пропаганда во корист на Груевски.

Човекот кој ја затвори Балканската рута сега самиот стана мигрант. Пасошот му беше одземен од македонските власти поради опасност за бегство, затоа мораше да биде шверцуван со унгарски дипломатски автомобили преку неколку граници. Законите кои ги носат деснопопулистите, за нив самите очигледно не важат.

Mazedoenien Nicola Gruevski und Viktor Orban (picture-alliance/dpa/epa/L. Soos Hungary)

Груевски и Орбан, двајца автократи

Да беше Никола Груевски обичен бегалец, воопшто немаше да смее да влезе во Унгарија. Тој ќе мораше да чека во транзитен центар на српската граница додека се реши неговото барање за азил. Апликацијата ќе беше одбиена, зашто не поседува важечки пасош. Тогаш Груевски можеби ќе се обидеше илегално да стигне до Босна или на хрватската граница. Таму ќе смрзнуваше во импровизираната шаторска населба и ќе зависеше од оние доброволни помагачи кои тој и неговите деснопопулистички пријатели сега ги криминализираа и кривично ги гонат.

Во обидот да ја премине хрватската граница, хрватските полицајци можеби ќе му скршеа нозе или раце или ќе пукаа во него, како на 31. мај, кога отворија оган на минибус и погодија две деца.

Други колумни од авторот: 

Браќа Балканци, дали сме навистина толкави бедници?

Моја Европа: Глорификацијата на фашизмот мора да престане!

Моја Европа: Орбан е тест за конзервативците

Обединети во теориите на заговор

Но, сево ова секако нема да му се случи на Груевски, зашто тој не е воен бегалец, туку влијателен криминалец. Корумпиран автократ, кој го испокраде својот народ и сега ја избегнува затворската казна.

Никола Груевски политички ја воведе дури и најомилената теорија на заговор на Виктор Орбан. Тоа е теоријата според која еврејскиот милијардер Џорџ Сорос ги влече конците во заднина за да изврши исламизација на Европа преку доселување. Орбан го презеде наративот и го вгради во јадрото на својата изборна кампања.

Некогаш најголемиот македонски моќник не само што ја руинира својата сопствена земја, туку ја воведе во политиката  во меѓувреме глобалната антисемитска теорија на заговор. Би можело токму таа да му биде добредојдена при обработката на неговата апликација за азил.

Ова ви звучи како шега? Не, не е никаков виц. На прашање во врска со случајот Груевски, портпарол на Фидес одговори: „Унгарија им обезбедува заштита на сите прогонети, а Никола Груевски е под закана од македонската влада, која е под влијание на Сорос.“

Случајот Груевски укажува на постоење темелен проблем за демократиите во Источна Европа. Властодршците во Унгарија, Романија, Бугарија, Србија, Црна Гора и многу други земји, се корумпирани и мора да сметаат да завршат во затвор, кога ќе дојде крај на нивната власт. Затоа тие се спремни да направат сѐ за да се задржат на позициите, без да им е многу грижа за демократијата и правната држава. Орбан и Груевски спаѓаат во овој тип политичари, па е сосема консеквентно едниот да го прифати другиот со отворени раце, иако инаку не е голем љубител на бегалци. 

Крсто Лазаревиќ е  роден во БиХ  и  како  дете  со  родителите  побегнал  во  Германија.  

Денес  живее  во  Берлин и  пишува за неколку медиуми на германски јазик.

 

DW.COM

Реклама