Балкан: „Сепак е подобро кога сам решаваш за својата судбина“ | Свет | DW | 13.11.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Балкан: „Сепак е подобро кога сам решаваш за својата судбина“

Стабилноста на Западен Балкан уште не е затворено поглавје. Покрај очигледниот напредок на регионот, очигледни се и отворените прашања со името на Македонија, односите на Србите и Албанците, како и ентитетите во БиХ.

Кога денес во Брисел се зборува за Западен Балкан, како приоритет за напредок на регионот му се поставуваат усогласување со европските стандарди во областа на демократијата, примената на законите, основните слободи, како и подобро економско управување. Самиот факт што фокусот од воспоставување на мир и стабилност во регионот се префрли на полето на политичките и економските стандарди зборува за напредокот постигнат во последните две децении. Сепак, „но“ и натаму е еден од најчесто користените продолженија на европските извештаи кои ја оценуваат состојбата, како во шесте земји одделно, така и Западен Балкан како целина. Во Брисел и денес се потсетува на кревкоста на регионалната стабилност и постоење елементи кои лесно можат да ја свртат ситуацијата во негативна насока.

„Западниот Балкан останува еден од главните европски предизвици“, сметаат во Европскиот парламент.

„Мораме да бидеме многу внимателни кога станува збор за политичката, економската, но и регионалната стабилност на Западен Балкан“, оценува европскиот парламентарец и поранешен премиер на Словенија, Алојз Петерле. Фактот што денес Западен Балкан е сосема поинакво место отколку пред 10-15 години и дека регионалните состаноци на највисоко ниво се одржуват речиси во неделно темпо, (на состанокот во Берлин беше констатирано дека е тоа веќе седмо видување на шефовите на дипломатиите на Западен Балкан во 45 дена), брзо можат да бидат заменети со слики на инциденти во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Србија и Албанија.

„Западен Балкан е најдобро потсетување за граѓаните на ЕУ за тоа што е всушност Европа“, вели министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски. Тој објаснува дека многумина заборавиле дека идејата за Европа, која денес е „веројатно најбогатиот дел во светот и најдобро место за живеење на светот“, настанала всушност како мировен проект кој требало да обезбеди најдобри шанси за европските земји да живеат безбедно и просперитетно. Попоски додава: „На Балканот не морате да одите толку далеку во минатото за да сфатите колку овој проект на мир и просперитет е важен за сите нас“.

Brüssel Konferenz Regionale Stabilität Alojz Peterle und Andrej Plenkovic

Алојз Петерле и Андреј Пленковиќ

БиХ - главен европски предизвик во регионот

„Европскиот план за Западен Балкан во наредните пет години е работа на реформи и подготовка за можен влез во европското семејство по истекот на тој термин. Во Брисел велат дека не ја „затвориле вратата“, туку „отвориле простор“ за напредување на земјите од овој регион. И додека во ЕК повторуваат дека тоа време е неопходно не само за балканските „планови на хартија“, туку и за „доказите во пракса“, многумина го поставуваат прашањето на условеноста на динамиката и резултатите во процесот на проширувањето: „Секоја земја во регионот е тест за ЕУ. Некоја помалку, некоја повеќе, а во прашање е привлечната моќ на ЕУ. Ако процесот се одолговлече, не знам дали трансформативната моќ на евроинтеграциите ќе биде доволна“, се прашува и Андреј Пленковиќ, член на ЕП од редовите на хрватските европратеници.

Тој нагласува дека последиците на „растегнувањето“ на евроинтегративниот процес се веќе видливи во Албанија и во Македонија. Истовремено, во ЕП тврдат дека постојат „асиметрични“ ситуации на земјите во регионот на нивниот европски пат, дополнителен проблем кога се работи за регионалната стабилност на Западен Балкан. А во однос на многу европски параметри, од сите „различни ситуации“, најтешка е онаа во БиХ:

„БиХ е главен предизвик во регионот. Би сакал да бидам оптимист и да мислам дека ако посредувањето на ЕУ во разговорите меѓу Србија и Косово беше успешно, време е да се направи обид и со трите страни во БиХ. Во прашање е првенствено европската одговорност и би сакал новата европска структура да најде доволно политичка волја и да направи повеќе отколку во претходните години“, вели Петерле.

Што значи на Балкан да се „има својата судбина во свои раце“?

Таа нова и обновена европска структура, на чело со новата шефица на европската дипломатија и новиот еврокомесар за проширување веќе најавија дека постојниот застој во БиХ е неприфатлив. Министерскиот совет на ЕУ уште на своето следно заседание ќе го разгледува новиот европски пристап кон БиХ. Германија и Велика Британија предлагаат придвижување во БиХ преку обврзување на новите лидери на широк спектар на реформи со привремено укинување на условот Сејдиќ-Финци како камен на сопнување во претходните години.

Alexandra Cas Granje

Александра Кас Грање

„Во Европската комисија сметаме дека тој предлог е во согласност со продолжувањето на исполнувањето на условите кои се потребни за БиХ да го придвижи Договорот за стабилизација и асоцијација“, вели Александра Кас Грање од Директоратот за проширување. И додека европските аналитичари укажуваат дека на босанскохерцеговските политичари очигледно би им била дадена можеби „последната европска шанса“, хрватските европратеници нагласуваат дека токму побрзо проближување на БиХ кон ЕУ ќе биде нивен приоритет во наредниот период:

„Изборите во БиХ создадоа слично, но сепак ново опкружување меѓу тамошните политички партии. Нашата порака е сосема јасна: направете се‘ за да формирате стабилна коалиција и нови институции на сите нивоа, што ќе ви овозможи продолжување на европскиот пат“, порачува Андреј Пленковиќ. И додека за земјите од Западен Балкан билатералните проблеми се често и најтешко решливо прашање на евроинтегративниот процес, но и регионалната стабилност, БиХ докажува дека ништо полесно не изгледа ни ако „се има својата судбина во свои раце“.

Воден од искуствата на сопствената земја, министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски, сепак им порачува на колегите во БиХ: „Кога сами одлучувате за својата судбина во поглед на европските и евроатланстките интеграции, тоа сепак е подобра позиција од онаа во која другите ви управуваат со интегративните процеси, како што е случајот со Македонија“. Токму решавањето на проблемот со името на Македонија, односите меѓу Србите и Албанците, но и ентитетите во БиХ најчесто се споменуваат како три историски нерешени прашања на Западен Балкан и неговата регионална стабилност.

Поврзана содржина

Реклама