Балканска рута: Пушбекови од страна на Фронтекс? | Свет | DW | 06.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Балканска рута: Пушбекови од страна на Фронтекс?

Се' повеќе мигранти во Грција се обидуваат да стигнат во западна Европа преку Албанија. Многумина известуваат за „пушбекови“ на грчката страна на границата - со учество на Фронтекс.

Сириецот Али ал-Ебрахим има 22 години. Во 2018 година побегнал од војната во Сирија, од Манбиџ, град во близина на Алепо, кој тогаш бил под контрола на Курдите. Сакале да го принудат да се бори.

Ал-Ебрахим прво се обидел во Турција. Кога стигнал во Антакија, првиот град по преминувањето на границата со Сирија, турските власти му зеле лични податоци и без да наведат причина го вратиле назад во Сирија, раскажува момчето на многу добар англиски јазик. Една од последиците била што од тој момент му бил забранет легален влез во Турција за период од пет години.

Сепак, тој се одлучил да проба уште еднаш, овојпат преку Грција. Се пробил некако до егејскиот брег, со чамец стигнал на грчкиот остров Лерос и таму поднесол барање за азил. Барањето му било одбиено со образложение дека Турција е безбедна трета земја.

Али ал-Ебрахим меѓутоа не може да се врати во Турција, а особено не во Сирија. Тоа на грчките власти им било сеедно. „Новиот грчки премиер Криијакос Мицотакис е многу строг кога станува збор за мигрантите“, објаснува 22-годишниот Сириец. „Затоа заклучив да заминам за Албанија.“

ПовеќеГрција: Бескрајно чекање на одлука за азил

Ознаки со европско знаме

Али ал-Ебрахим раскажува дека во септември 2020 година, со петмина придружници, дошол со автобус во Јанина, во северна Грција. Оттука оделе пеш до границата со Албанија. Притоа не биле откриени од страна на грчката полиција.

Griechenland | Flüchlinge auf der Balkanroute

Сириецот Али ал-Ебрахим има тешки обвинувања на сметка на Фронтекс и албанските власти

Но, во Албанија биле запрени од соработници на Европската агенција за заштита на границите Фронтекс и им биле предадени на локалните бвласти во пограничното место Какавија. На прашањето од каде знае дека се работело за службеници на Фронтекс, ал-Ебрахим одговара: „Ги препознав по ознаките на рацете.“ Соработниците на Фронтекс носат светло сина ознака со европско знаме.

Повеќе: Миграциската политика на ЕУ: победа на популистите

За 5000 евра до Австрија

Али ал-Ебрахим вели дека тој и другите мигранти барале азил кај албанските власти, но им било речено дека поради пандемијата на коронавирус не може да се отворат нови постапки за азил. Потоа биле вратени назад во Грција, без притоа да ги известат грчките власти за тоа.

При вториот обид да влезат во Албанија, Сириецот имал повеќе среќа. Преку Тирана и Косово успеал да стигне до Србија, раскажува тој за ДВ во еден од камповите за бегалци во Сомбор, српски град во близина на границата со Унгарија. Оттаму сакал да продолжи за Австрија, но криумчарите биле скапи - морал да плати 5000 евра за да стапне на австриска почва.

Повеќе: Хрватска и недостојната игра на ЕУ со бегалците

Наместо азил - затвор

Вакви информации и' се познати на Британката Хоуп Баркер. Таа го координира проектот „Wave Thessaloniki“ во Солун, каде мигрантите кои се на Балканската рута можат да најдат храна, медицинска нега и правни совети. Солун долго време бил сигурно пристаниште, објаснува Баркер за ДВ, но потоа, на крајот на 2019 година на власт дошла новата, конзервативна влада.

Hope Barker koordiniert Hilfsprojekt für Migranten Wave Thessaloniki

Хоуп Баркер: Имаме изјави од сведоци дека службеници зборуваат германски и дека носат светло сина лента на рацете со европско знаме

Во јануари 2020 година во сила стапил законот кој значително го заострил односот на Грција кон мигрантите: „Наместо на барателите на азил да им се даваат документи, тие сега можат да бидат затворени до 18 месеци без притоа нивниот случај да биде разгледан“, објаснува Баркер. „Затворот потоа може да се продолжи за уште 18 месеци.“

Повеќе: Лезбос и бегалците: Европа во хаос кој самата си го создаде

Пушбекови од страна на Фонтекс?

Илегални протерувања, односно т.н. пушбекови, има не само директно на границата, туку и во внатрешноста на земјата, објаснува Хоуп Баркер. Поради тоа, мигрантите сега на својот пат за западна Европа ги избегнуваат грчките власти. И на границите со Северна Македонија и Албанија има „многу пушбекови“, велат оние кои им помагаат на бегалците.

Griechisch-albanischen Grenze | Migranten bereiten sich zum Grenzübertritt vor

Мигранти на грчко-албанската граница

Притоа, се множат индиции за учество на соработници на Фронтекс во сето тоа: „Имаме изјави од сведоци дека службеници зборуваат германски и дека носат светло сина лента на рацете со европско знаме“, нагласува Хоуп Баркер.

Фронтекс демантира

Поради непрегледната ситуација на грчката граница, тешко е да се докажат ваквите пушбекови: „Знаеме дека Фронтекс е активен во Албанија. Знаеме дека се на Еврос (реката Марица на бугарско-турската граница, н.з.) и знаеме дека секојдневно има пушбекови. Да се смета дека тие не знаат ништо за тоа и не учествуваат во тоа, е неверодостојно“, потенцира Баркер.

На барање на ДВ да ги коментира ваквите тврдења, портпарол на Фронтекс одговара: „Фронтекс провери дел од обвинувањата и не најде веродостојни докази кои би ги потврдиле.“ Освен тоа, како што се соопштува, постои „решителност за држење до највисоките стандарди при контролирањето на границите во рамки на нашата мисија“. Соработниците на Фронтекс се обврзани и со кодекс на однесување, кој има и дел што се однесува посебно на спречување на илегални протерувања и почитување на човековите права, „во согласност со Европската повелба за темелни права“.

Griechenland | Flüchlinge auf der Balkanroute

Во планините помеѓу Грција и Албанија само ретко може да се сретнат униформирани лица

Заштита на границата однадвор

Зошто Европската агенција за заштита на границите воопшто ја штити надворешната граница на ЕУ од албанска страна, значи од една земја која не е членка на Унијата? Портпаролот на Фронтекс за ДВ објаснува дека целта е „да се даде поддршка на заштитата на границата, да се излезе на крај со нерегуларната миграција, како и да се идентификуваат прекуграничниот криминал, чиј дел се и шверц на мигранти, тероризам, како и можните ризици и закани по безбедноста“. И, се додава: „Соработката со земјите од Западниот Балкан е приоритет на Фронтекс. Агенцијата притоа им дава поддршка во придржувањето со стандардите на ЕУ и најдобрите практики во управувањето со границите и безбедноста.“

При сето тоа се исплаќа да се фрли поглед на грчката страна на границата. Зашто, додека армијата и полицијата на турско-грчката граница се сеприсутни и имаат поддршка во работењето од страна на службеници на Фронтекс, во планините помеѓу Грција и Албанија само ретко може да се сретнат униформирани лица. Меѓу мигрантите кои сакаат од Грција да стигнат до западна Европа, оваа рута важи за сигурна.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама