Американците и Французите се помалку го сакаат НАТО | Свет | DW | 10.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Американците и Французите се помалку го сакаат НАТО

Јавниот имиџ на воената алијанса во САД и во Франција бележи негативен тренд откако американскиот претседател Доналд Трамп и францускиот Емануел Макрон ги доведоа во прашање вредностите на НАТО.

Студија на истражувачкиот центар Пју покажува дека позитивното мислење за НАТО во текот на минатата година паднало на 52% во САД и 49% во Франција. Тоа е големо намалување во однос на претходните истражувања. Во 2018 година 64 отсто од американските испитаници имале позитивно мислење за воената Алијанса. Во Франција падот е уште поголем доколку се земе предвид дека 71% од Французите гледале позитивно на НАТО во 2009 година и 60% во 2017 година.

Дипломати на НАТО подолго време предупредуваат дека портретирањето на НАТО како сојуз во криза од страна на Трамп би можело да ја еродира довербата кај американската јавност.

Слично како и Макрон кој минатата година му прогласи на НАТО „мозочна смрт“, Трамп уште од 2017 година ги критикува сојузниците поради малите инвестиции во одбраната. Трамп се закануваше дека ќе ги повлече САД од Алијансата, а минатата година ги нарече оние кои трошат помалку од договореното на одбрана „деликвенти“.

Макрон ги бранеше своите изјави како повик за будење за сојузниците, кои според него биле премногу фокусирани на трошењето за одбраната и други интерни проблеми, наместо да се насочат кон односите со Русија, Турција и состојбата на Блискиот исток.

Но и во други земји-членки е намалено позитивно мислење за НАТО. Во Германија, во 2019, поддршка за НАТО паднала на 57% во споредба со 63% во 2018.

Поддршката за НАТО расте во Британија каде воената алијанса добива посилно значење по излегувањето од ЕУ. Таму поддршка на НАТО му изразиле 65% од испитаниците.

Севкупно, 53% од испитаниците во 16 НАТО држави искажале позитивно мислење, а помалку од една третина негативно. Сојузот е највисоко ценет во Полска, а најмалку во Турција.

 

DW.COM

Реклама