Авто-индустријата во Германија – мотор на развојот
4 август 2004Високиот курс на еврото и воздржаноста на Германците да купуваат го спречуваат трендот на промени. Единствено извозот спречува неуспех на браншата. Па, сепак таа останува гарант за порастот и вработувањето.
Волсквагеновата “буба“ како ниту еден друг автомобил останува симбол на германското економско чудо и пред се за успесите во целиот свет на германската автомобилска индустрија. Германската економија без нејзините фабрики за автомобили меѓу Минхен и Емден, меѓу Риселсхајм и Мозел би била незамислива. Кунибер Шмит, еден од шефовите на сојузот на германската автомобилска индустрија истакнува:
“Да, со тоа секако можам да се согласам. Германската автомобилска индустрија е клучната за нашата економија и без неа во минатите години ќе имавме негативен пораст. Во меѓувреме од извозот се остварени преку 80 милијарди евра, што е значителна поткрепа за германското стопанство“.
Споредено со прометот оваа бранша е број еден во Германија. На 770 илјади луѓе директно им обезбедува плата и леб и е на трето место во машинската и електроиндустријата. Уште милион и 400 илјади луѓе се вработени во таканаречените придружни бранши. Кон тоа и уште три милиони работни места кај трговците со автомобили, во работилниците за поправки и во секторот за услуги. Сето заедно повеќе од 5 милиони луѓе – или поинаку: секое седмо работно место во Германија директно или индиректно зависи од автомобилот. Една четвртина од германските инвестиции во индустријата отпаѓаат на авто-браншата, а со 14 милијарди вложува најмногу во науката и развојот. Резултат на тоа се преку 3 илјади патенти што е светски врв во автомобилската индустрија.
Со други зборови германската автомобилска индустрија не е само фактор на напредокот во земјата, туку е и мотор на извозот, на идеи и гарант за вработувањето.