Ќе бидеме добри домаќини на голем празник на фудбалот и на пријателството
31 октомври 2007Решението на Извршниот комитет на ФИФА германскиот сојузен претседател Хорст Келер го оцени како “величествена вест за безбројните навивачи и активисти во женскиот фудбал” во Германија и додаде: “Сигурен сум дека ние Германците ќе бидеме добри домаќини на еден голем празник на фудбалот и на пријателството”.
Германскиот канцелар Ангела Меркел очекува и на светското првенство за жени во Германија слично воодушевување како што беше и минатата година на шапионатот за мажи. Од посетата во Индија, на веста за доделувањето на организацијата на Германија, Меркел порача: “Му честитам на Германскиот фудбалски сојуз и сосем сум уверена дека навивачите во Германија повторно ќе приредат една мала летна бајка во 2011-та година, но овој пат за женскиот фудбал”.
Сојузниот министер за прашања на жената и семејството Урсула фон дер Лајен, која беше присутна на доделувањето на организацијата на првенството, во Цирих оцени дека е тоа голема чест за Германија.
Женскиот фудбал ќе биде уште попопуларен со одржувањето на СП во Германија
Франц Бекенбауер, член на Извршниот комитет на ФИФА, кој во тоа својство учествуваше и во гласањето за избор на домаќин на првенството, им се заблагодари на своите колеги од комитетот за довербата искажана спрема Германија: “Секој, се разбира, ветува семожно, но останува тајна кој што ќе запише на гласачкото ливче. Значи, всушност никогаш не можеш да бидеш сигурен. Но, ќе бев многу разочаран ако резултатот испаднеше поинаков. Им се заблагодарувам за довербата на колегите од Извршниот комитет”.
Бекенбауер е убеден дека првенството ќе придонесе за развојот на женскиот фудбал: “Женскиот фудбал во Германија има високо место на скалата на вредностите. Се’ повеќе дами, се’ повеќе жени играат фудбал. Оваа игра ќе биде уште попопуларна со одржувањето на светското првенство во Германија”.
На презентацијата на германската кандидатура во Цирих беа присутни и капитенот на германската репрезентација Биргит Принц, на два пати избрана за светски играч на годината, како и младата членка на националниот тим Фатмире Бајрамај, родена Косоварка и успешен пример за интегративната сила на фудбалот. “Искрено речено, толку сум среќна, моите чувства се неописливи. Крајно сум радосна што ќе можеме дома да играме светско првенство" – рече Бајрамај.