Јункер сака да остане
20 октомври 2013Во Луксембург всушност избори требаше да се одржат дури во мај 2014 година. Но една бизарна шпионска афера предизвика распад на владејачката коалиција на Христијанско-социјалната партија (ЦСВ) на Жан-Клод Јункер и социјалистичката Работничка партија ЛСАП.
Една комисија која го истражуваше работењето на луксембуршката тајна служба, оцени дека Јункер е политички одговорен за тоа што службата со години си дејствувала делумно по свое. Тајната служба СРЕЛ од 2000. година наваму неколку пати преземала илегални акции на прислушување. Беше обелоденето и дека службата составила 13.000 досиеја за лица и фирми. Јункер во текот на летото призна дека не знаел за сите операции на СРЕЛ и дека не се интересирал доволно за светот на тајните служби. Социјалдемократите по ваквото признание се откажаа од својата поддршка за Јункер и побараа нов почеток. Но премиерот не поднесе оставка, туку со оглед на „затруената атмосфера“ во коалицијата издејствува нови избори и повторно се промовираше себеси за врвен кандидат на својата ЦСВ.
Работничката партија, која е помал партнер на ЦСВ веќе 25 години, има намера да се ослободи од Јункер и стреми кон тројна коалиција со либералната Демократска партија и Зелените. Сепак, последните анкети покажуваат дека ЦСВ, и покрај загубите на извесен број гласови, повторно ќе победи.
За 60 места во парламентот се борат девет партии и вкупно 540 кандидати. Право на глас имаат околу 240.000 граѓани. Во Луксембург, кој по Малта е втора најмала земја на ЕУ, владее обврска за гласање.