1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ја сакаме Македонија!

9 јули 2010

Близу 5 децении Семинарот за македонски јазик, литература и култура ја продолжува улогата на сесловенскиот универзитет на Свети Климент. Конгресниот центар е свет во мало. Без оглед кој од каде е, се зборува македонски.

https://p.dw.com/p/OEit
ОхридФотографија: DW

Младите студенти со многу љубов зборуваат за Охрид, езерото, луѓето. Најинтересно звучат почетниците, до нив се оние од средниот, а во напредниот курс веќе слушаат предавања сврзани со македонската историја, јазик и култура. Пјотр е од Полска.

„Одлучив да студирам македонски, зашто претходно студирав словенечки јазик, македонскиот го имав како втор јазик. Размислував, мислам дека за мене Македонија е попривлечна од Словенија. За нас се‘ е интересно, ќе понесам убави спомени во Полска.“

Залезот на сонцето и езерото - неповторливи

unge Teilnehmer an dem Internationalen Seminar für die mazedonische Sprache, Literatur und Kultur in Ohrid Mazedonien
На Тајсон од Америка му се допаѓаат и македонските девојкиФотографија: DW/Milco Jovanovski

Втор пат сум на семинарот, вели Тајсон од Америка :

„Учев во Индијана и слушнав дека се даваат стипендии. Се вљубив во македонскиот и почнав да го студирам. На магистерски студии се префрлив во Вашингтон. Годинава не‘ има петмина од САД.“

Најбав спомен од Охрид ќе ми биде езерото, вели Тајсон:

„Многу го сакам езерото, чисто е. Кога заоѓа сонцето бојата на водата е неповторлива. Луѓето тука се многу љубезни. Затоа ги сакам Македонија и Охрид и повторно им се враќам. А да, и девојките се многу убави....“

„Не зборувам добро македонски, но ќе научам“

Конгресниот центар во Охрид годинава е претесен да ги собере сите коишто сакаат да се дел од летната македонистичка школа. Организаторите се среќни што бројот на семинаристите е како во „златните времиња “ . Тоа зборува дека интересот за македонскиот се шири и покрај недефинираната стратегија на државата за македонските лекторати и вербата дека семинарот може да помогне во афирмацијата надвор од сопствените граници.

Junge Teilnehmer an dem Internationalen Seminar für die mazedonische Sprache, Literatur und Kultur in Ohrid Mazedonien
Оља и Ана од Украина и Ана од РусијаФотографија: DW/Milco Jovanovski

Претпладне предавања, попладне плажа, ако времето го дозволи тоа. Навечер се вијат ора и, за првпат, се учат македонски песни: Олја и Ана од Украина и Ана од Русија ги спои семинарот.

„На почетен курс сум. Уште не зборувам добро македонски, но до крајот на семинарот ќе зборувам. И ќе пеам и ќе играм ора.“

Олја додава: „ Знам бугарски јазик. Јас сум филолог и предавам украински и бугарски. Македонскиот е уште еден убав словенски јазик, зашто да не го научам?“

Ана од Русија со возбуда ни‘ откри дека напреднала:

„Сега сум на среден курс. Имаме лекторски вежби, а ме чекаат предавања од областа на македонската историја и култура. “

Има и студенти од Јапонија, Бангладеш...

Украинката Ана, една година живее во Скопје. Така го совладала македонскиот, дури собрала храброст и да преведува:

„Преведувам од македонски дела на поети и писатели . Современите поети: Богомил Ѓузел, Санде Стојчески, Весна Ацеска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорѓо Димоски .... Со нив и се дружам.“

Годинава во Охрид има близу 100 учесници. Најбројни се Русите, па Полјаците. Има студенти од Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Бангладеш. Со лица од кои се чита среќа, ветуваат дека ќе дојдат пак.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска