1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јагланд бара прагматичност од македонските и грчките политичари

12 април 2010

Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд денеска (12.04.2010) е во посета на Македонија. Тема на разговорите - приоритетите за време на македонското претседавање со најстарата паневропска организација.

https://p.dw.com/p/MtTl
Торбјорн ЈагландФотографија: AP

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд со задоволство го чека преземањето на претседателството на Комитетот на министрите на Советот на Европа од страна на Македонија, во мај годинава. Тој е убеден дека земјата ќе даде реален придонес во функционирањето на организацијата, ако ништо повеќе барем поради нејзината ситуација на Балканот. Се разбира, тој смета и на македонскиот придонес во решавањето на другите проблеми во регионот, како на пример тие во Босна и Херцеговина или соседно Косово... Накратко, Јагланд има доверба во идното претседателство со организацијата и смета дека тоа ќе биде успешно.

Проблемот со името не смее да го „замати“ претседавањето

Генералниот секретар на Советот на Европа не го заобиколува ниту проблемот со името, кој може да го „загрози“ добриот тек на претседавањето со Комитетот на Министрите на Советот на Европа.

„Тешко е да се зборува за овој проблем. Во моментов, единствено што можам да кажам, е дека се надевам оти претседателството нема да го стави во прв план прашањето за името, туку напротив - тоа да биде во втор план бидејќи се‘ зависи од процесот кој се води во ООН. Ние во Советот на Европа не можеме ништо да направиме за да се променат нештата.“

Можност за да се зацврсти меѓународната позиција и углед на земјата

Јагланд се надева дека претседавањето со Комитетот на министрите ќе дозволи да се зацврсти позицијата, репутацијата и угледот на земјата, не само во Европа туку и пошироко, и дека целото претседателство ќе функционира врз прагматични основи.

„Не би било пригодно претседателството да ги користи сите прилики за да го покренува овој проблем на сите состаноци и конференциии на организацијата. Тоа само може да му наштети на ова прашање“, вели тој.

Стразбур ќе го користи името со кое Македонија е примена во Советот на Европа и ООН

За тоа - кое име, тој и Секретаријатот на Советот на Европа, ќе го користат при македонскотот претседателство со Комитетот на министрите на Советот на Европа, Генералниот секретар е јасен:

„Евидентно е дека во моментов, морам да го користам името кое е признато на меѓународен план, се‘ додека не е прифатено некое друго име.“

Потребна е прагматичност за решавање на проблемот

Во однос на проблемот со името, исто како и за другите проблеми на Балканот, Јагланд како политичар кој доаѓа од нордиска земја, бара прагматичен пристап.

„Ние сметаме дека се потребни решенија кои се во интерес на населението на нашите земји. Можам да се надевам дека тој прагматичен дух ќе преовлада и во потрагата на решение за името на земјата. Денес луѓето во Европа и насекаде во светот, но пред се‘ во Европа, сакаат да живеат нормален живот и да избегнат да бидат вмешани во политички проблеми кои се резултат на одлуките на нивните политички раководители, кои понекогаш се на штета на интересот на обичните луѓе.

Јагланд бара проблемите на Балканот да бидат решавани со поинакво однесување на политичките лидери.

„Мојата порака која ја испраќам до вас, до населението и до лидерите на Грција, е дека треба да се биде пргаматичен и да се работи во интерес на народите на овие земји. Тие треба да живеат нормално, да можат слободно да ги гледаат нивните деца, слободно да патуваат и евентуално да бидат членки на една меѓународна институција и да бидат дел на глобалните светски текови.“

Советот на Европа може да помогне за решението, но е без прекумерни амбиции

Генералниот секретар на Советот на Европа, за време на целиот разговор избегна да го употреби уставното име на Република Македонија или пак привремената референца, користејќи го само терминот „земјата“.

На прашањето на Дојче веле зошто Советот на Европа - организација создадена со цел да се надминат токму овие проблеми од постарата, но и поновата историја на Европа, не се ангажира малку повеќе во решавањето на овој проблем, Јагланд одговара:

„Бидејќи двете страни во проблемот се тие кои одлучија за ова прашање да се грижат ООН и да се решава таму. Ние немаме надлежност да се мешаме во таа процедура. Ние можеме само да помогнеме со почитување на нивната одлука. Многу е важно да се сочека решението на овој процес кој е под закрилата на ООН и не треба да покажуваме прекумерна амбиција во обиди да го решиме проблемот, бидејќи ако го направиме тоа можеме повеќе да наштетиме и да ја влошиме ситуацијата.“

Можна ли е Нобелова награда за тие кои ќе го најдат решението на името?

На прашањето што мисли, не само како генерален Секеретар на Советот на Европа, туку и како претседател на Комитетот за доделување на Нобеловата награда за мир, дали тие кои што ќе најдат храброст да се потпишат на компромисот за решението за името можат да бидат предложени за Нобеловата нагарада за мир, норвежанецот, Торбјорн Јагланд одговара со широка насмевка:

„Тоа е друго прашање. Се разбира дека ќе го поздравам решението на проблемот за името. Но, не станува збор само за проблем за името, тоа е проблем кој се однесува на статусот на државата, на нејзините односи со НАТО, односите со Европската унија. Решението може да се одрази многу и на ситуацијата на Балканот и воопшто во Европа. Навистина сметам дека е потребно да се најде едно решение што ќе се одрази во многу други области.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска