1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што значи Божик за муслиманите?

Зоран Арбутина 28 декември 2008

Германија е земја со христијански обичаи и празници, тие се составен дел на општествениот живот. На празникот особено му се радуваат децата, зашто добиваат подароци. Што значи, пак, Божик за муслиманските деца?

https://p.dw.com/p/GLpD
Писма со желби за Божик од децата од ГерманијаФотографија: AP

Божик во Германија се слави како најголем празник, а највозбудени се децата. Пред Божик се палат адвентски свеќи, секој ден на адвентскиот календар се отвора по едно ново прозорче, се пишуваат ливчиња со своите желби до детето Исус. Божик е ден кога се потсетува на раѓањето на Исус Христос. Празникот значи и добивање подароци, како што вели осумгодишниот Филип, за кого е важно и тоа што се собира заедно целото семејство. И дванаесетгодишната Кристине блеска кога зборува за Божик:

„Го сакам Божик, тогаш сите сме заедно, има подароци, сите се радосни и се смеат. Се радувам и зашто има убави јадења.“

Културни разлики

Божик го следат и многу ритуали што се повторуваат секоја година. За многу луѓе во Германија бројните симболи поврзани со празникот уште од детството не се само дел од нивната биографија, туку и од колективната свест: на Божик во центарот на вниманието не е само сопственото семејство, туку сите некако се заедно.

Weihnachten
Подароци за Божик во кругот на семејствотоФотографија: BilderBox

Сите? Речиси сите. Зашто, и Кристине има неколку соученици кои не го слават Божик: „Две деца од нашето одделение се муслимани. Неодамна и‘ реков на една другарка: „ќе ти дадам подарок за Свети Никола“. Меѓутоа, таа не знае кој е свети Никола, зашто тие не го слават.“ Кристине не знае зошто муслиманите не слават Божик. Но, веќе забележала дека постојат културни разлики:

„Тие слават празник што кај нас не постои, мислам дека е Рамазан Бајрам.“

Меѓу два света

Бидејќи Божик во Германија е општествен настан со силни христијански корени, многумина муслимани се растргнати: од една страна сакаат да учествуваат, зашто живеат во ова општество, од друга страна тие не се дел од христијанството. Но, Божик во Германија може да се слави и без да се биде религиозен. Одлуката зависи од тоа каков е личниот став. Армин од Босна и Херцеговина го слави Божик, како што вели, зашто живее меѓу Германци, а тие се мнозинство.

Неговата босанска сосетка Емина, која се декларира како муслиманка, вели дека таа не го слави, зашто тоа не е нејзин празник.

Ramadan Fastenbrechen in Essen
Муслиманите го прославуваат Рамазан БајрамФотографија: picture-alliance/ dpa

За децата од муслимански семејства не е едноставно да стојат настрана, додека најголемиот дел околу нив купуваат божикни елки, одат на божикни панаѓури и купуваат подароци, вели Хилија, чии родители доаѓаат од Турција:

„Јас сум малку љубоморна, зашто не добивам никакви подароци. Ако размислам подобро, и германските деца не добиваат подароци за Рамазан Бајрам.“

Рамазан Бајрам за муслиманските деца е еден вид Божик. Со овој голем празник завршува исламскиот свет месец Рамазан. Тој се слави во кругот на целото семејство, се јаде празнична храна, децата добиваат подароци. Но, и покрај тоа, останува мал копнеж, вели Хилија: „Ние немаме божикна елка, а мене таа многу ми се допаѓа. Но, би било глупаво ако ние муслиманите би накитиле дома божикна елка.“

А всушност, токму една божикна елка е соодветна како дрво на зближување. Него го има во обичаите на различни култури и не е христијански симбол. Но, само во детските сеќавања припаѓа неразделно кон Божик, зелено, накитено, осветлено.