1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмаер задоволен од германското претседателство со ЕУ

27 јуни 2007

Позитивна оценка за германското претседателство очекува шефот на германската дипломатија Штајнмаер. Косово и односите со Русија сепак му се префрлаат на наследникот, Португалија.

https://p.dw.com/p/B3pV
Штајнмаер ја покажува брошурата со билансот од претседателство со ЕУФотографија: AP

Германскиот министер за надворешни Франк Валтер Штајнмаер извлече позитивен биланс од шестмесечното германско претседателство со ЕУ.

“Европа во изминативе 6 месеци направи добар чекор напред”, оцени Штајнмаер на денешната прес конференција во Берлин, по седницата на владиниот кабинет на која тема беше биланс на претседателството со Унијата. Штајнмаер очекува и европските партнери да дадат позитивна оценка за она што го направи Германија на чело на ЕУ.

“Според мене оценките се единствени – и кај набљудувачите и новинарите како и меѓу земјите членки - дека ова претседателство беше успешно”. Главен адут на министерот секако е компромисот постигнат на последниот самит на Унијата на кој се расправаше за идното уредување на европската заедница. “Ако го немавме приближувањето на различните ставови европска интеграција ќе заостанеше за цела генерација ”, оцени Штајнмаер. Успех се и договорите за заштита на климата и енергетиката, постигнати уште на пролетниот самит на Унијата.

Штајнмаер се пофали дека по иницијатива на германското претседателство, повторно заживеа и Блискоисточниот квартет.

Министерот сепак призна дека темата Косово и решавањето на неговиот статус им ги префрлаат во агендата на идниот претседавач. Призна и дека не е постигнат договор околу партнерството на ЕУ со Русија. Се уште се пречка Полска и проблемот со руската забрана за увоз на месо. И ова ќе треба да го решава Португалија која на први јули го презема претседателството со ЕУ.