1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шведска бара модерен европски буџет

Александер Буде / Елизабета Милошевска Фиданоска2 ноември 2012

Шведска најмногу плаќа за своето членство во ЕУ. Шведска е и земјата која најмногу би загубила доколку биде спроведен најновиот компромисен предлог за европскиот буџет. Земјата е огорчена.

https://p.dw.com/p/16bkL
Фотографија: DW

Шведската министерка за европски прашања Биргита Олсон не се стеснува да зборува отворено. Најновиот предлог за буџетот на ЕУ предизвикува лутина: „Предлогот е нереален и за нас е едноставно неприфатлив. Европа е во длабока криза. Многу земји се принудени на болни заштеди во образованието, негата на стари лица и здравството. Сега и ЕУ мора да спроведе реформи.“

На маса за договор е табела со бројки кои предизвикуваат негодување. Министерката ги задолжила своите соработници да пресметаат колку компромисниот предлог на кипарското претседателство со ЕУ ќе го чини нето-плаќачот Шведска. Од секоја круна префрлена на Унијата, во Шведска од различни фондови на ЕУ ќе се враќаат само 54 ори (1 круна има 100 ори, н.з.). Добро стопанисување изгледа поинаку.

„Подготвени сме да го дадеме својот придонес за Европа да биде посилна. Но, не сакаме да плаќаме за политика која не ја одобруваме. Предлогот предвидува околу 40 проценти од средствата да бидат употребени за поттик на земјоделството. Притоа, овој сектор придонесува само за 1,5% од брутодомашниот производ на ЕУ и вработува само 5% од населението. Тоа не не‘ носи напред“, оценува Олсон.

Symbolbild Migrationspolitik Schweden
Потребни се повеќе средства за истражувања, заштита на климата, иновации и за инфраструктурни проекти, бара шведската министерка ОлсонФотографија: DW

Шведска, заедно со Германија, Франција и Велика Британија, е дел од групата земји која за периодот од 2014 до 2020 година сака да скрати најмалку 100 милијарди евра од буџетот на Европската комисија. Таа врши притисок за модерен буџет. Биргита Олсон тука подразбира помалку пари за пораст и за земјите и регионите кои од парите имаат потреба.

„Потребни се повеќе средства за истражувања, заштита на климата, иновации и за инфраструктурни проекти кои ќе ги поврзуваат нашите земји. Ако ЕУ сака да издржи во конкуренција со Кина, Индија и САД, тогаш не може да имаме буџет кој е старомоден.“

Кога Европејците секои седум години дебатираат за поделба на заедничките пари, доаѓа до остар судар на интереси. Чисто статистички погледнато, во моментов најмногу профитираат Полска, Грција и Унгарија. Пред се‘ земјите од Источна и Југоисточна Европа не сакаат да прифатат кратења. Европската комисија дури бара и повеќе средства за во иднина да може да ги исполни своите задачи. Олсон наидува на отпор и кај својата либерална партиска пријателка Сесилија Викстром, која е пратеник во Европскиот парламент. Таа смета дека поради се‘ повеќето листи на кратење „заедно со водата по капење може да биде исфрлено и детето“:

„Во спорот околу буџетот станува збор за тоа каква Европа во иднина сакаме да имаме. Сакаме ли поцврсто единство или сакаме да одиме во друга насока? За нас во Парламентот е сосема јасно дека ни е потербна силна Европа за да излеземе од кризата и дека мора да ги зајакнеме фундаментите - имено, заедништвото и солидарноста меѓу земјите членки и нивните заеднички институции.“