1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбал за муслиманските девојчиња

Гидо Фогт/Б.Георгиевски28 септември 2013

Муслимански девојчиња на фудбалски терен. Во бројни делови на светот тоа не е вообичаена глетка. Наспроти религиозните и трационални табу-а, девојчињата од муслиманска вероисповед во Германија уживаат во спортот

https://p.dw.com/p/19Bef
Фотографија: dpa

Она што е посебно во овој натпревар не се головите, туку фактот дека овие девојчиња воопшто играат фудбалот. Келнскиот клуб „Игри и Спорт Нипес 12“. Мнозинството од девојчињата имаат мигрантско потекло.

Салена има босански корени, Есра и Берна - турски. Сите три се муслиманки и фудбалот во нивната религија важи за машки домен.

„Мојот татко секогаш ме поддржува. Мојата мајка повеќе беше на другата страна. Таа смета дека жените и фудбалот не одат заедно. Но, на крајот татко ми некако ја убеди, па сега можам да играм“, вели Салена Хоџиќ.

„Сега веќе не можам да си замислам живот без фудбал, бидејќи тоа ми стана навика. Двапати неделно одење на игралиштето, играње фудбал, облекување копачки и едноставно тоа дружење со пријателите - тоа е дел од секојдневието“, објаснува Есра Сак.

Во куси пантолони и на лошо време. Понекогаш им приговараат дека вистинско муслиманско девојче не може да игра фудбал.

Опуштените спортски обувки не се вистинската гардероба за една традиционална турска жена. Но, спортот во исламот не е забранет, напротив, Коранот споменува неколку спортови.

На родителите им е единствено важно да се почитуваат верските правила и девојчињата да бидат полно одвоени, вели Хусејин Четин, татко на Берна:

„Девојчињата можат да играат фудбал како и момчињата, само во малку поинакви димензии“.

Фудбал се игра и со марама

Основното училиште на Ломарер Штрасе во Келн. Еден од околу 200 различни фудбалски проекти во училиштата. Девојчињата играат во сала во која нема момчиња. Групата ја надгледуваат само постари ученички кои завршиле посебно образование. На тој начин проектот ја добива довербата и на најрелигиозните родители, смета социологот Улф Гебкен:

Integration durch Kicken Mädchenfußball soll Nationen verbinden
Фотографија: picture-alliance / dpa

„Нашите искуства покажаа дека и девојчињата со шамии на главите сакаат да играат фудбал. До пред 5 години не верувавме во тоа. Но, така е. И баш е убаво кога сите играат заедно“.

Некои од овие девојчиња на крајот завршуваат во клубовите. Таму играат заедно, победуваат и тагуваат поради поразите, но создаваат нови пријателства.

„Овде запознав релативно многу луѓе, иако сите тие и онака живеат блиску до мене. Убаво е чувството да се имаат повеќе пријатели и да сме сите заедно“, раскажува Салена.

Успесите на овие девојчиња ги прават горди и нивните родители. А, на девојчињата тоа им влева самодоверба не само на теренот, туку и во секојдневниот живот.