1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Флорида: Зад ураганот „Мајкл“ остана пустош

ЖА / агенции
12 октомври 2018

Спасувачките екипи уште не стигнале до сите погодени области, но уште сега е јасно дека ураганот „Мајкл“ предизвика катастрофални штети во американската сојузна држава Флорида.

https://p.dw.com/p/36QaL
USA Zerstörung durch Hurrikan Michael Mexico Beach, Florida
Фотографија: picture-alliance/Zuma Press/Tampa Bay Times/D.R. Clifford

Ураганот „Мајкл“ со смртоносна разорувачка сила вчера помина преку југоисточниот брег на САД. Одделни места се во голем дел уништени, огромен број куќи се урнати, откорнати се дрвја, стотици илјади луѓе останаа без електрична енергија. Бројот на жртви е најмалку шест, меѓу кои и едно дете, но се стравува дека под урнатините ќе бидат пронајдени уште загинати.

Ураганот беше категоризиран во четврта категорија, на места брзината на ветрот достигна 250 километри на час, само малку под највисоката, петта категорија. Националната метеоролошка служба истакнува дека „Мајкл“ бил најсилниот ураган кој ја погодил Флорида од почетокот на бележењето податоци, во 1851. година.

Hurrikan Michael
Фотографија: Getty Images/J. Raedle

Националниот центар за урагани предупреди од бранови високи повеќе метри, но невремето се засилуваше со толкава брзина, што многу луѓе не успеале да се засолнат навреме. Илјадници жители на опустошените населби се соочени со руинирање на својата егзистенција. Спасувачките екипи полека се пробиваат кон загрозените места, згрижувајќи ги повредените и носејќи храна и вода. Гувернерот на Флорида Рик Скот размерите на природната катастрофа ги опиша со една реченица: „Овој ураган беше вистински монструм“. Американскиот претседател Доналд Трамп го истакна постојаниот контакт на владата со одговорните лица на теренот и вети итна и сеопфатна помош.

Ураганот „Мајкл“ на својот натамошен пат преку сојузните држави Џорџија, Јужна и Северна Каролина, загуби на сила и премина во тропска бура.