Фелер ја смирува еуфоријата на Германците, но таа ги тресе Грците, а ги зафати и Португалците
17 јуни 2004“Натпреварите на европското првенство се напнати и на многу високо ниво” – вака Франц Бекенбауер го оценува досегашниот тек на шампионатот на континентот. Ако Германија ги помине натпреварите во групата и го одржи нивото од средбата против Шпанија, тогаш и финалето е достижно”, вели германскиот некрунисан фудбалски кајзер (цар), но предупредува и на еуфоријата во земјата: “Многумина веруваат дека по еден нерешен резултат против Холандија ние веќе сме речиси европски прваци”. И Руди Фелер, кој најави игра со два шпица против Летонија - веројатно Бобиќ покрај Курањи, а од тимот би испаднал Бауман - исто така настојува “да ја спушти топката”: “При сета еуфорија, која врз основа на првото полувреме е и оправдана, сепак – ние не победивме, игравме нерешено и можеме и натаму да сонуваме за четвртфиналето. Во трката и натаму добро стоиме”, вели германскиот селектор.
Во трката се вклучи и домаќинот: до длабоко во ноќта Португалците ја славеа првата победа на својата репрезентација, која им ги отвора шансите за пласман во натпреварите за титулата. Десетици илјади луѓе на автомобили со националните зелено-црвени знамиња и со свирење на сирените им се радуваа на двата гола против Русија. Победата е тешко извојувана – Русија и со играч помалку по неправедното исклучување на голманот Овчиников даде силен отпор. “Не ја искористивме вистински предноста од играч повеќе. Сега ќе се опоравиме и ќе се концентрирме на решавачкиот натпревар” – изјави португалскиот селектор, Бразилецот Сколари. Нему тамошниот печат денеска му оддава комплименти за "успешен раскин со минатото, што повторно раѓа надежи за иднината” – имено четворица од големите, веќе подостарени ѕвезди ги остави на клупата, а најголемата, Фиго, ја смени во второто полувреме. Помладите, предводени од Бразилецот со португалско државјанство Деко, ја оправдаа довербата. Но, за пласман во четвртфиналето на домаќинот на првенството во последната средба од групата му е неопходна победа против соседот Шпанија, кој и со нерешен резултат би ги остварил амбициите, додека за Русија веќе нема никакви надежи. Грција и натаму со отворени очи може да сонува за четвртфиналето: по победата над Португалија, тимот предводен од германскиот стручњак Ото Рехагел успеа да одигра нерешено против Шпанија: “Играта започна по малку неповолно за нас. Ние веднаш добивме три жолти картони. Момците влегоа со многу страст во натпреварот, и потоа малку бевме исфрлени од такт. Севкупно може да се каже дека Шпанците беа подобри од нас, но ние ја имавме среќата на трудољубивиот и се боревме со страст и посветеност” – рече Ото Рехагел по новиот успех на неговиот тим кој и со нерешено против Русија би се нашол во четврфиналето.
Италија во наредните три средби не може да смета на својот главен играч: по непромислениот гест на Франческо Тоти, кој го плукна в лице Данецот Кристијан Поулсен, а тоа го регистрира телевизиската камера, УЕФА денеска му изрече казна од три натпревари неиграње. Потегот на Тоти - тема на денот во Италија, за која стана збор дури и во парламентот. Реакциите одат од разбирање - но не и оправдување, до остра осуда.
Со остра судска осуда се соочи водачот на англските хулигани, кои беснееја во летувалиштето Албуфера: доби двегодишна казна затвор што ќе ја издржува во својата земја. 11-мина Англичани и еден Русин се протерани. На петмина Германци кои предизвикуваа безредија им е изречено протерување од Португалија и петгодишна забрана за влез во таа земја.
Денеска прво играат Англија и Швајцарија, а потоа во вечерниот термин Франција се среќава со Хрватска.