1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Усвоен собранискиот Деловник за работа

7 септември 2010

Во македонскиот парламент денеска (07.09.2010) беше усвоен собранискиот Деловник. На седницата присуствуваше и опозицијата, која гласаше, како што истакна, во интерес на демократизацијата на Собранието.

https://p.dw.com/p/P5xf
Власта и опозицијата конечно се договорија за ДеловникотФотографија: Petar Stojanovski

Со 86 гласа „за“ и пет „против“ денеска пратениците ги донесоа измените на собранискиот Деловник, откако вчера беше постигнат договор на координација кај претседателот на законодавниот дом, Трајко Вељаноски, на која по неколкунеделен бојкот, присуствуваа и претставници на опозицијата.

На координацијата било договорено и опозицијата да може да предлага точка на дневен ред на секоја втора пленарна седница.

Во интерес на демократизацијата на парламентот

Општата расправа по измените на Деловникот беше заклучена на седница пред летната пауза на Собранието, но не се гласаше поради одбивањето на опозицијата да присуствува на седницата откако не постигна договор со владејачкото мнозинство за формирање посебно тело, кое ќе го разгледува трошењето на народните пари преку расправа по ревизорските извештаи.

СДСМ промената на ставот и поддршката за Деловникот ја објасни со фактот што, како што рече координаторот на СДСМ, Цветанка Иванова, тоа е во интерес на демократизација на парламентот, општеството но и исполнувањето на политичкиот дијалог, што е во интерес на граѓаните и Македонија.

Координаторката на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева изразувајќи задоволство од постигнатиот договор и гласањето на Деловникот, истакна оти на ваков начин се унапредуваат демократските процеси, бидејќи тој ги зголемува правата на опозицијата во парламентот, но и се праќа позитивна слика за политичкиот дијалог во земјава.

Mazedonien hat Kosovo als unabhängigen Sttat anerkannt
Фотографија: Petr Stojanovski

Заради реализација на европската агенда, како што рече Тахир Хани, измените на деловникот ги поддржа Демократската унија за интеграција, но и опозициските НСДП, ЛДП и Нова алтернатива. Поддршка за измените на деловникот не дадоа ЛДП и Нова демократија.

Оценка за застој во политичкиот дијалог

Парламентарното мнозинство и опозицијата досега не можеа да се услогласат околу измените на Деловникот, што од претставниците на меѓународната заедница беше оценето како застој во политичкиот дијалог пред објавувањето на претстојниот годишен извештај на ЕК за Македонија.

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски минатата недела најави дека партијата се повлекува од своите барања во однос на Деловникот и оти ќе го прифати во форма како што ќе го предложи владејачкото мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ, пак, вината за досегашните несогласувања околу Деловникот ја лоцира кај Црвенковски и неговото, како што тврдат, „калкулантско однесување“.

Автор: ЖА/АТ/миа

Редактор: Жана Ацеска