Турбокапитализмот го урива шпанскиот фудбал
24 август 2011Тие се светски и европски прваци, освојувачи на Лигата на Шампионите, а и тројцата најдобри светски фудбалери во 2010. Меси, Чави и Иниеста играат тука, во Шпанија. И покрај тоа, шпанскиот фудбал во последно време како да го губи сјајот. Бидејќи, покрај огромниот долг кој го имаат шпанските клубови, ваквите успеси се како меур од сапуница - голем и убав, но пред распаѓање.
Шпанските професионални клубови должат вкупно 5 милијарди евра. Само во сезоната 2009-2010 нивните обврски се зголемија за 733 милиони евра. Таквите бројки предизвикуваат огромни проблеми за клубовите и веќе одамна претставуваат реалност за тамошниот фудбал. Повеќе од 50 милиони евра должат клубовите само за неисплатени плати на околу 200 играчи, кои од неодамна стапија во штрајк. Првото коло веќе беше откажано, а се‘ поизвесно е дека ниту во втората недела нема да има фудбал. Иако професионалците на хартија се добро платени, некои од нив воопшто не земаат плата.
„Кај нас некои играчи мораа да си ги продаваат автомобилите за да опстанат. Други немаат пари ни за бензин“, вели Давид Аганзо, фудбалер на Рајо Ваљекано, клуб кој мораше да прогласи банкрот. Слична судбина доживеа и Швеѓанецот Маркус Розенберг од Вердер кој минатата сезона настапуваше како позајмен играч за Расинг Сантандер.
„Ми должат пари, повеќе од половината од моите плати“, вели Розенберг. Тоа го потврдува и Герхард Пошнер, кој 11 месеци беше на чело на менаџерскиот тим на Реал Сосиедад. Потоа самиот си даде оставка, објаснувајќи дека неговата совест не му дозволила да го прифати финансиското работење на клубот.
Прогласи стечај и половина ти е простено
Шпанските фудбалери сега бараат гаранции за нивните плати. Од фудбалската федерација ги оценуваат нивните барања како апсурдни. Ниту една компанија не може да им ги гарантира платите на своите работници, велат оттаму. Ова е веќе петти штрајк на шпанските фудбалери во историјата. Првиот пат, во 1979 година, тие бараа социјално осигурување, но оттогаш наваму секогаш тема се платите.
Должничкиот систем на шпанскиот фудбал функционира едноставно: се купуваат скапи играчи и се делат огромни плати кои далеку ги надминуваат добивките од спонзорите и телевизиските права. Тоа функционира одредено време, се’ додека долговите не станат толку големи, што не можат да се враќаат. Потоа клубот прогласува банкрот. Во Бундеслигата тоа би значело преселба во понизок ранг, но во Шпанија не е така. Таму фудбалската федерација дозволува клубот да продолжи да се натпреварува доколку исплати половина од своите долгови. За другата половина, никому-ништо. Само во минатата година, 21 клуб во првата и втората лига прогласија банкрот и им беше простена едната половина од долгот.
За големите кајмакот, за малите трошките
Но, лабавите стечајни правила во Шпанија не се единствената грижа на европските конкуренти на тамошните клубови. Не само што државата им го простува долгот, туку многу често и директно ги субвенционира клубовите. Продажбата на помошниот терен во 2001 година му донесе на Реал Мадрид профит од 480 милиони евра, иако целата област вреди далеку помалку. Станува збор за прикриено субвенционирање на клубот од градските и регионалните власти, но тоа не може да се докаже.
Проблемите на шпанскиот фудбал се и од структурна природа. Имено „големите“ Реал Мадрид и Барселона постојано профитираат на сметка на малите клубови. На пример, во сезоната 2009-2010, шпанските клубови добиле вкупно 600 милиони евра за ТВ-права. Но, речиси половината од сумата заминала на сметките на Реал (136 милиони) и Барса (158 милиони). Останатиот дел меѓу себе го поделиле 40 клубови.
Бундеслигата минатата сезона заработила 386 милиони евра од ТВ-права, но поделбата е далеку порамноправна. Големиот Бајерн Минхен добил 30 милиони евра, а второлигашот Сенкт Паули, на пример, пристојни 13 милиони.
Лиценцирање или фер плеј
Проблемите на шпанскиот фудбал можат да се решат со системот на лиценцирање, како во Германија. Тука за клубовите постојат строги финансиски правила и не можат да се презадолжуваат. Алтернатива на тоа е планот на претседателот на УЕФА, Мишел Платини од 2012 година да воведе ткн. фер-плеј систем за сите клубови во Европа. Со него, клубовите веќе нема да смеат да инвестираат во играчкиот кадар повеќе од она што го заработуваат на годишно ниво.
Во моментов, во Шпанија постои само една можност: или федерацијата и асоцијацијата на фудбалерите ќе се договорат, или фудбалот ќе колабира. Притоа, не се работи само за долговите на клубовите кон играчите, туку за нивните долгови кон државата. Само за 2008 година на име неплатени даноци и социјални обврски, клубовите должат повеќе од 630 милиони евра. За да се реши проблемот со презадолженоста на шпанските клубови очигледно ќе требаат многу повеќе сили, отколку за еден 90-минутен натпревар.
Автор: Јоша Вебер/Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска