1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тошак претчувствува успех со Македонија

26 август 2011

Новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Џон Тошак на првата прес-конференција најави офанзивна игра на тимот. Главна цел - квалификациите за СП во Бразил!

https://p.dw.com/p/12OCe
Џон ТошакФотографија: picture-alliance /dpa

„Кога преговарав за да ја земам репрезентацијата на Македонија имав чувство дека со оваа репрезентација можам да постигнам успех. Тоа чувство некогаш го имате, некогаш сетилото ви вели не, ова за мене е предизвик“, изјави на прес конференцијата со која беше претставен на македонската јавност новиот селектор Џон Тошак.

„Знам дека квалификациите за ЕП се загубени, но ќе имаме една година да се подготвиме за квалификациите за СП во Бразил. Противниците ги познавам, посебно оние од островот (Велс и Шкотска), а против Србија и Хрватска тоа ќе бидат дерби мечеви. Во групата ја имаме и Белгија, за која ќе имаме доволно време да ја простудираме“, рече Тошак.

Тој вели дека до почетокот на  квалификациите, ќе има осум до девет мечеви кои ќе помогнат во градењето на репрезентацијата.

„Мојот син Камерон кој ми е помошник ќе ги следи настапите на македонските репрезентативци во клубовите во странство и при подготовките и тренинзите со анализи. Бобан Бабунски со познавањето на играчите и приликите во Македонија исто така е од голем придонес“, објаснува Тошак.

За играта на македонската селекција тој кажа дека мора да биде офанзивна, бидејќи за да се победува мора да се постигнуваат голови. Но офанзивата нема да биде по секоја цена и самоубиствена, туку ќе зависи и од противникот. Мечот со Русија на 2 септември со кој Тошак ќе дебитира на клупата на Македонија го оцени како многу тежок, за разлика од вториот со Андора.

Претседателот на ФФМ Хари Хаџи Ристески информираше дека Џон Тошак на седница на Управниот одбор е одреден да ја води Македонија во следните две години. Тој информираше за преговорите и кандидатите и на крајот на прес конференцијата, на селекторот му подари дрес на Македонија со број 10 и името на Тошак на грбот. 

Автор: БГ/миа

Редактор: Е. М. Фиданоска