1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тежок пораз за турската армија“

7 август 2010

Турскиот премиер и претседателот на државата одбија да ги одобрат планираните унапредувања на генерали на турската армија. Тие сакаат на политиката да и` дадат поголема предност. На оваа тема пишува весникот Тагесшпигел.

https://p.dw.com/p/Odym

Во западните земји е нормално политичарите да одлучуваат кои генерали на која клучна позиција во армијата ќе бидат унапредени. Во Турција ваквата одлука стана сензација. „Владата го доби она што го бараше“, гласи бомбастичниот наслов во еден турски весник. Премиерот Реџеп Таип Ердоан и шефот на државата, Абдула Ѓул, блокираа повеќе унапредувања на генерали, планирани од турската армија. Дури и кариерата на еден потенцијален шеф на генералниот штаб падна во вода. Ова е сосема ново искуство за турските генерали, кои обично се навикнати на поголема моќ во одлучувањето.

Дебатата околу Високиот воен совет имаат далекусежно значење. Воените експерти, политичарите и јавноста го сметаат спорот околу местата во Високиот воен совет на Турција како сериозно одмерување на силите меѓу владата и армијата во земјата-кандидат за членство во ЕУ. На крајот победи владата. „Командата сега е во рацете на цивилите“, коментира весникот „Аксам“. Сепак, јасно е дека армијата во иднина нема да може да ги спроведува своите планови во однос на персоналните решенија, без согласност на политиката, се вели во коментарот. Ова не беше дочекано со овации. Реакцијата на некои од противниците на Ердоан покажува колку политичката улога на армијата им даде белег на последните децении во Турција. Политиката не смее да се меша во работите на армијата, опомена лидерот на опозицијата Кемал Киличдароглу.

Други, пак, се` уште ги сметаат генералите за потребна противтежа на политичарите, избрани од народот. Екс-генералот Нејат Еслен зад отпорот на Ердоан да се согласи со персоналните решенија на армијата гледа темни мотиви. Според него, се работи повеќе за борба меѓу поддржувачите на лацистичката, демократска република и приврзаниците на политичкиот ислам, односно владата, се вели во текстот, под наслов „Тежок пораз за турската армија“, во весникот Тагесшпигел.

Автор: Тагесшпигел/ ТТ

Редактор: Александра Трајковска