Тајландската опозиција пролеа крв за промена на власта
17 март 2010Спектаклот со пролевањето крв започна ден порано, откако припадниците на „црвените кошули“- како што се нарекуваат опозициските приврзаници, собраа околу 300 литри крв и истурија поголем дел пред владините канцеларии. „Очекувам да видам дали Абхисит ќе се осмели да помине преку крвта на својот народ пред неговата резиденција“, изјави еден од демонстрантите. - „Собираме крв за да го покажеме нашето единство. За демократија и правда во Тајланд“, вели друг.
Сепак, според последните информации, бројот на демонстрантите утрово е веќе осетно намален, од околу 100 илјади луѓе, колку што имаше за викендот - на 10 илјади.
И покрај повиците на Шинаватра до неговите поддржувачи да останат на улиците на Бангкок, ентузијазмот полека спласнува. Еден од лидерите на опозициското движење Јатупорн Промпан најавува и подрастични мерки доколку владата и понатаму ги одбива нивните барања. „Овие протести имаат за цел да го потсетат премиерот дека незаконски владее. Тој е на функцијата подолго отколку што заслужува, а никогаш и не смееше да стане премиер. Затоа сега мора да го распушти парламентот. Во спротивно, протестите ќе се интензивираат“.
Веџаџива досега ги одбиваше барањата за распуштање на парламентот и свикување нови избори. Тој дојде на власт во 2008-та, откако владејачката коалиција беше распуштена поради изборни измами. Шинаватра претходно беше обвинет за корупција и му беше одземен имот вреден над една милијарда долари, а владата беше урната со воен пуч. Оттогаш тој е во бегство, а со своите приврзаници комуницира со видео врска.
Опозицијата за денеска најави проширување на протестите и пред американската амбасада во Бангкок, откако беше разлутена поради еден разузнавачки извештај во кој се наведува дека Шинаватра им наредил на своите приврзеници да предизвикаат насилства во државата.
Aвтор: БГ/ЕМФ/афп
Редактор: Александра Трајковска