271009 Nahost Wasser ai
27 октомври 2009Според студијата на Амнести Интернешнл, објавена изутринава (27.10.2009), Израел користи 80% од водата на Западниот брег, додека на палестинското население таму му остануваат на располагање само 20%. Од водата на реката Јордан, Палестинците не користат ништо. Донатела Ровера, раководител на програмата за Блискиот Исток на организацијата за човекови права Амнести Интернешнл и автор на студијата, вели:
„Палестинците користат 60 до 70 литри вода по лице дневно, а Израелците околу 300 литри по лице. Разликата е огромна. Во многу делови на Западниот брег палестинските села трошат 15 до 20 литри вода по лице дневно. Тоа е количество кое одговара на количествата кога се прогласува состојба на катастрофа. Во сите селски подрачја во израелските населби има зелени, наводнети површини, базени, прскалки за наводнување кои се пуштаат напладне и со кои дефинитивно се расфрла вода, а во палестинските села покрај нив нема вода за пиење. Палестинците се упатени на цистерни за вода, кои носат многу скапа вода и воопшто не се во состојба да ги наводнуваат нивните полиња, па затоа садат растенија коишто можат да растат само со вода дождовница.“
Во појасот Газа, 90 до 95% од водата за пиење што стои на располагање е нечиста. Амнести Интернешнл бара од Израел да си ги извршува обврските како земја која ги окупирала териториите и веднаш да и’ стави крај на политиката на самоволно ограничување на пристапот на Палестинците до вода.
Автор: Клеменс Ференкоте/ Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска