Стартува Купот на конфедерации
15 јуни 2013Можеби е само „пробен турнир“ пред Светското првенство што ќе се одржи наредното лето, но Купот на Конфередации сепак е сериозен фудбалски турнир, континентално првенство со тимови кои би можеле догодина да играат за титулата на СП. Покрај домаќинот Бразил, на Купот на конфедерации кој почнува денеска (15.06) се натпреваруваат и светскиот и европски првак Шпанија, азискиот шампион Јапонија, победникот на Африканскиот куп - Нигерија, шампионот на Јужна Америка - Уругвај и Мексико како континентален првак од Северна и Средна Америка. Да учествува смее и Италија, како вицешампион на Европа, со оглед на тоа што Шпанија е и светски и европски првак. Единствено првакот на Океанија, Тахити, важи за апсолутен аутсајдер.
Големи очекувања
Се игра во две групи по четири екипи. Во групата А се Бразил, Мексико, Јапонија и Италија. Малку полесно е можеби во групата Б, каде се наоѓаат Шпанија, Уругвај, Нигерија и Тахити. Двата првопласирани тимови влегуваат во полуфинале. Фаворит, секако, е Шпанија. Со голема напрегнатост се очекува настапот на Бразил, за којшто се тврди дека е способен да победи само кога се во прашање големи натпревари. Критиките на сметка на игрите на оваа репрезентација во последните месеци беа многу гласни, затоа што тест-натпреварите не течеа онака како што домаќините се надеваа.
„Купот на конфедерации е многу важен за нас. Целата земја се радува на турнирот. Ќе имаме многу, многу тешка задача“, изјави Данте, кој посебно се радува на дуелот со Италија во неговиот роден град Салвадор де Бахиа.
На овој турнир настапуваат 13 играчи кои играат за клубови во Бундеслигата. Тука, меѓу другите, се Данте и Густаво од Бразил, Мартинез од Шпанија, како и осуммина репрезентативци на Јапонија.
Очекувањата на Бразилците се огромни. Оттука, огромен е и притисокот врз репрезентацијата и врз тренерот Фелипе Сколари. Досега Купот на конфедерации на петкратниот светски фудбалски првак не му донесе многу среќа - Бразил победи два пати на овој турнир, во 2005 и 2009 година, а потоа остана без титула на светските првенства кои следеа.
Тест и за стадионите
Германската репрезентација не е присутна на Купот на конфедерации, но „Германците“ сепак имаат важна улога за крајниот исход на турнирот. Сега ќе биде тестирана техниката која во спорни ситуации би требало да покаже дали топката ја преминала гол линијата или не. Техниката со име GoalControl е развиена во Германија и се заснова врз снимки на 14 камери кои заедно создаваат тридимензионална слика на движењето на топката по теренот и кои му даваат сигнал на судијата доколку топката ја преминала гол линијата.
Ова ќе биде тест и за шест стадиони во Бразил, и тоа оние во Бразилија, Рио де Жанеиро, Бело Хоризонте, Форталеза, Ресифе и Салвадор. Овие шест стадиони се веќе подготвени за СП наредната година, што не би можело да се каже за останатите шест, на кои ќе се играат натпревари на СП. ФИФА е најмногу загрижена за стадионот во Сао Паоло, на кој би требало да се игра првиот натпревар на светското првенство. На организаторите им е даден рок до декември годинава да ја завршат неговата изградба.