Средба на Милошоски и Нимиц во Њујорк
30 април 2011Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и македонскиот претставник во разговорите со Грција околу разликите за името, амбасадорот Зоран Јолевски, денеска во Њујорк ќе имаат средба со посредникот на ОН во спорот, Метју Нимиц.
Шефот на македонската дипломатија Милошоски во четвртокот на средбата со генералниот секретар на Светската организација Бан Ки Мун истакна дека Република Македонија е подготвена за продолжување на македонско-грчкиот дијалог за надминување на разликите околу името и оти дава целосна поддршка на процесот што се води со посредништво на ОН.
На средбата во седиштето на ОН, Милошоски ја презентира и меѓународно - правната димензија на македонско-грчкиот случај пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Прес-службата на ОН соопшти дека Бан Ки-мун искажал охрабрување за директниот дијалог воспоставен меѓу премиерите на двете земји и оти е време да се оди кон одлуки со кои што ќе се реши прашањето експедитивно и на заемно прифатлив начин.
Автор: ЖА/СН/миа
Редактор: Жана Ацеска