Социјализам за богати
29 септември 2008700 милиони долари предвидува американската влада за да ги откупи кредитите од банките, чија вистинска вредност никој не ја знае. A, дел од тие кредити веројатно не вредат ништо повеќе. Грешките, алчноста, неизмерната лекоумност и криминалот не се казнуваат по правилата на пазарната економија, туку напротив – се наградуваат. И, тоа не само поради тоа што владата го санира билансот на банките, туку конкретно и поради следново: инвестиционите банки веќе повторно почнаa да инкасираат огромни износи пари во долари, фунти и евра. Овојпат не се делат добивките во вредност од милијарди, туку новите сопственици за остатоците од Леман Брадрс и другите институти добиваат премии за да преживеат.
Кај кого е грешката?
Најголемата банкарска криза по „црниот петок“ од 1929. генерира нов поредок: социјализам за богати. Добивките се приватизираат, загубите ги исплаќаат државата и даночните обврзници. И пазарот и државата потфрлија. Пазарот не функционира уште од пред 25 години, кога банките го загубија контактот со вистинската економска состојба и почнаа да дуваат огромен балон врз финансискиот сектор. Државата, пак, или спиеше, или намерно не сакаше да види како се регулира и надгледува банкарскиот сектор. Камата од 25% на вложениот капитал се сметаше за нормална. Пропаѓаа тотално несериозни бизниси со гигантски загуби. На пример, Леман Брадрс за секој вложен долар даваше 30 долари камата, обезбедени од насобраните кредити. На крај, мораше да се случи тоа што се случи.
Се спречува паника на берзите
На сево ова уште мора да се додаде дека најголемиот пироман - сега е на чело на пожарникарската служба. Имено, Хенри Полсон, моменталниот министер за финансии на САД, порано беше шеф на Голдман Закс, најуспешната од сите инвестициски банки. Сега токму тој го спасува американскиот финансиски капитализам.
Јасно е: без пакетот од 700 милиони долари ќе крахираат берзите ширум светот, како што последен пат се случи во 1929. Со планот на владата ќе им се помогне на банките во криза, меѓутоа ќе се спречи и избивање паника на берзите. Никој повеќе не верува дека пазарот има сила сам да се извлече од кризата. Посебно не оние кои многу добро знаат колку беше несериозно кормилото што ги вртеше банките и берзите во изминативе децении.
Како натаму?
Спасувањето на финансискиот сектор нема никаква врска со пазарно стопанство. Има само едно оправдување за тоа - зошто огромни суми од данокот на граѓаните одат за вакви цели: се прави обид да се спречи најстрашното – глобален крах на берзите. Но, мора да се гледа и на другата страна од кризата. Ако не се воспостави контрола врз американскиот финансиски капитализам, веднаш по „спасувањето“, играта почнува одново. Бидејќи алчноста, како главен двигател на несериозните банкарски и берзански бизниси, ја преживеа кризата сосема неповредена.